Средба Ковачевски – Дир: Целосна поддршка од Северна Македонија за Украина

Премиерот Димитар Ковачевски се сретна со Лариса Дир, новоименуваната амбасадорка на Украина во земјава. На состанокот е изразена благодарност за навремените и конзистентни политики на Северна Македонија на линија на надворешната политика на ЕУ, во однос на ситуацијата во Украина, како и за донациите од помош за украинскиот народ.

-Премиерот Ковачевски нагласи дека Република Северна Македонија најостро ја осудува руската агресија врз украинските граѓани и дава целосна поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Тој изрази поддршка и за интеграциските аспирации на Украина, како демократска земја којашто припаѓа во демократските сојузи на држави, соопшти владината прес-служба.

На средбата заеднички било констатирано дека е неопходно Руската Федерација веднаш да ги повлече трупите од окупираните територии во Украина и да отпочнат мировни разговори.Се разговарало и за последиците од војната во Украина, коишто, како што било посочено, се рефлектираат со предизвици во снабдувањето со енергија и храна во целиот свет, како и за можностите за нивно надминување.

Претседателот на Владата Ковачевски најавил дека Република Северна Македонија, како држава членка во НАТО и земја којашто ги почна преговорите со ЕУ, продолжува со принципиелните политики за одбрана на мирот, поставена целосно на линија на таквите надворешни политики на НАТО и на Европската Унија.

На средбата биле потврдени пријателските билатерални односи помеѓу двете држави и определбата за унапредување на економската соработката, во областа на енергетиката, инфраструктурата, туризмот.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *