Милевски ќе ја депонира оставката до Владата, до крајот на неделата ЛДП ќе предложи нов кандидат за министер

Министерот за локална самоуправа од редовите на Либерално-демократската партија, Горан Милевски денеска се очекува да ја депонира својата оставка до Владата.

Милевски, како што вчера изјави за МИА, се повлекува од лични причини, а до крајот на неделата се очекува неговата партија да предложи нов кандидат за министер.

Новиот министер, според Милевски, нема да биде од редовите на пратениците.

– Се исклучува можноста тоа да биде некој од пратениците, изјави Милевски за МИА.

Дел од медиумите објавија дека Милевски ќе се повлече и од лидерската функција во ЛДП, а како еден од кандидатите кои би го замениле е актуелната потпретседателка Моника Зајкова која изјави дека доколку ја добие потребната поддршка од партиските тела, ќе и биде чест да ја извршува функцијата претседател на ЛДП.

Милевски e член на Либерално-демократската партија од 1995 година. Од 2015 година ја извршува функцијата претседател на ЛДП. За министер за локална самоуправа е избран на 27 јуни 2019 година.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *