Мицкоски: Референдумот е излезот од штетниот договор со Бугарија

Иницијативата за референдум за договорот со Бугарија е единствениот начин на кој опозицијата може да дејствува, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за неделникот Фокус.

Референдумот, енергетската и финансиската криза, односите во рамки на опозицијата, се дел од темите за кои говори Мицкоски во интервјуто.

Мицкоски изразува увереност дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната влада и најавува повлекување од политиката, ако макар еден пратеник ја изневери неговата доверба. – Нашата цел е 61 пратеник!, вели тој. За неговиот став дека ја преферира албанската опозиција за коалициски партнер наспроти ДУИ, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ нагласува дека е дојдено време кога на ДУИ ѝ е потребно да помине еден изборен циклус во опозиција.

Прашан дали е можно ВМРО – ДПМНЕ да го напушти Собранието, Мицкоски одговара дека напуштање на Парламентот не доаѓа предвид, зашто тоа е единствениот начин власта да спроведе сè што и одговара. Имаме намера внатре од Парламентот, ваков каков што е, потенцира, да се бориме да ги спречиме штетните политики на власта.

– Референдумот и прашањето се многу прецизни и се однесуваат на изворот на сите проблеми, а тоа е билатералниот договор со Бугарија, истакнува Мицкоски.

Според него, претседателот на Собранието Талат Џафери противправно си дал улога на уставен судија кој го толкува Уставот, при донесувањето на одлуката за отфрлање на иницијативата за референдум.

– Толкувањето на Устав е работа единствено на Уставниот суд. Прават правни гимнастики за да избегнат народ. Тоа што бегаат од соочување со народот кажува дека знаат дека ќе има излезност и знаат дека народот е против договорот кој е извор на асимилацијата што СДСМ и Димитар Ковачевски ја спроведуваат. ВМРО-ДПМНЕ има референдумско прашање со кое не се менува содржината на договорот, туку го спори законот со кој се прогласува за важечки. Бегаат од референдум, но нема да избегаат од следниот изборен пораз, после кој следи одгопворност пред законите и Уставот, рече Мицкоски за Фокус.

Мицкоски смета дека крајната цел на Бугарија е да докажат дека македонскиот народ има бугарски корени, а историјата и културата имаат бугарска нота.

– Уставните измени нас ни го отвораат патот кон проблемите. Тогаш на една маса ќе преговараме за европски стандарди, транспорт, здравство, образование, владеење на право, а на друга маса за Самоил, Климент, Наум, преродбениците, илинденците. Без разлика што на едната маса ќе ги постигнеме критериумите, ако на другата маса не прифатиме дека во Втората светска Војна Бугарите не биле окупатори, туку администратори, бадијала што на првата маса сме се договориле, вели меѓу другото Мицкоски.

Излезот од ваквата ситуација, порачува лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, е заедно сите на референдум да се изјаснат, да излеземе од Договорот и повторно да седнеме на маса да преговараме нов договор во кој нема да има такви замки.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, осврнувајќи се на енергетската криза, вели дека предупредил уште пред една година и понудил сценарио за излез пред 6-7 месеци.

Мицкоски додава дека ќе требаат од 2 до 2,5 милијарди евра за да се излезе од, како што подвлекува, оваа тешка ситуација. Енергетската криза, сама по себе, смета, нема да биде толкав проблем колку што ќе се трансформира во финансиска криза. Струја ќе има да се купи, нагласува тој, но само прашање е по која цена ќе се купува истата струја.

– Моите информации се дека и тие 200 мегавати што се договарани им е кажано дека мора да поминат преку берзата, што значи цената е берзанска и не ја гледам привилегијата. Па, пратиле пратеник од тука, кој барал цена – берзата минус 30 проценти. На тоа му се насмеале и го испратиле назад дома. Така што тие 200 мегавати, нема ни половина од потребите на стопанството под идеален услов да работат трите блока на РЕК Битола, да има одлична кондиција со хидроцентралите, да работат двете турбини на ХЕЦ Неготино, да работи Осломеј, одговори Мицкоски на прашањето за договорениот откуп на 200 мегавати струја помеѓу владината делегација и Софија.

Мицкоски истакна дека треба да се обезбедат пари. Сега овој период владата треба да работи за следната година, за следната есен и зима. Тоа е суштината во енергетиката, работите нема да се случат преку ноќ, треба да помине време.

Предупредува дека сега треба да се насочиме како да му помогнеме на стопанството.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на прашањето дали треба да се излезе во пресрет на барањата на синдикатите, одговори дека секогаш треба да се помогне, но треба прво да се видат параметрите, бидејќи нема реални параметри од страна на власта.

– Го гледам буџетот, веќе дефицитот е близу 350 милиони евра. Се најавува ново задолжување зашто в година ни стигнува еврообврзница од 450 милиони евра, значи во моментот ви требаат 800 милиони евра, појаснува меѓу другото Мицкоски, потенцирајќи дека ФЕНИ не работи од 1-ви јули, Бучим не работи од 1-ви септември и уште неколку поголеми извозници најавуваат запирање на производствените капацитети. Според него, тоа ќе се одрази на БДП-то во 3-от и во 4-от квартал, а кога ќе се случи тоа, ќе порасне долгот.

Меѓу другото, претседателот на ВМРО – ДПМНЕ најави дека ќе изнесат детали за криминал во УЈП.

Во однос на предметот „Талир“, кој се однесува за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, а според првостепената пресуда, треба да се конфискува партиски имот, но сѐ уште не е правосилна, Мицкоски информира дека ќе се борат со сите правни механизми, но се уште не ја добиле пресудата за да можат да се жалат.

Прашан дали дефинитивно е крај на соработката со градоначалничката Данела Арсовска, Мицкоски наведува дека таму каде што ќе видиме политики во насока на проектот за модерно Скопје што сме го поддржале, ќе ја поддржиме, ако заборави некој од тие проекти, тогаш патиштата ни се раздвојуваат.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *