АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ГИ ОСВОИ ГРАДОВИТЕ ДАМАКС И СИДОН (19)  

 

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Историјата во наредните години покажа дека, всушност, беше прерано Александар Македонски да се смета за господар на цела Азија. Тој мораше да води уште една опасна битка за својата позиција. Но за да се сфати неговата природна дарба, важно е да се истакне дека уште под впечатокот на победата кај Ис и со целосна доверба дека би победил каде и да е, тој сега ја посакуваше цела Азија, Персиската светска империја и, се разбира, сé што му припаѓаше на Големиот крал, a ja бараше и титулата крал на Азија.

Наспроти ова, сега како и порано, тој самиот се сметаше за хегемон на Лигата, како што покажа и историјата во наредните години, титула што тој јасно ја истакнува во почетокот на писмото. Двојната природа на неговите цели е јасно изразена.

Природно беше што кај Александар Македонски се појави искушение по победата да го прогони избеганиот крал и така да ја присвои азискоатичката империја. Меѓутоа, персиската флота сé уште го контролираше морето и натамошното пробивање на Александар Македонски на копното претставуваше голема опасност и можеше да поттикне револт во Античка Грција. Кралот Агис од Спарта без причини се откажа од својата намера.

Повторно човек треба да ѝ се восхитува на мудроста на младиот крал, кој се противстави на привлечната глетка што го мамеше да влезе без проблеми во кралските дворци на Ахеменидите, а остана верен на својот стар стратешки план: прво да го потчини медитеранскиот брег на Персиската империја, да ја лиши флотата од своите бази и со тоа целосно да го заштити својот грб откај Античка Грција. Затоа, од војничка гледна точка, прво требаше да го освои сириското крајбрежје.

Според тоа, од Ис тргна кон југ со својата главна војска за да ги покори градовите на брегот, а Парменион го испрати во Дамаск да го заземе градот и да го преземе богатството што го испрати Дарие таму. Во Дамаск, кој беше заземен со предавство, војничкиот сандак на персискиот крал падна во рацете на победникот.

Ова беше настан од најголема важност: финансиските грижи кои дотогаш го притискаа Александар, сега беа решени. Заедно со многуте пленици, амбасадори од Атина, од Спарта и Теба, кои беа дојдени кај Големиот крал пред самата битка кај Ис, испратени во текот на панелинистичката кампања, исто така паднаа во рацете на Александар Македонски. А тој, наместо да ги третира како предавници, покажа изненадувачка благост и благородност.

Во Мала Азија, надвор од античките грчки колонии, Александар Македонски мораше да општи со луѓе од старо потекло или со индо-германските племиња од последното доаѓање на Фригијците. Cera првпат влезе во семитскиот свет.

Во Сирија беа населени разни лози дојдени од Арабија пред повеќе векови, делумно во Канаанит, а делумно со последното арамаичко преселување, кои развија јасно определени и измешани култури. Оваа култура беше под влијание на север од Вавилон и Хитите, а на југ од Египет.

Овде немаше антички грчки колонии, бидејќи во периодот на античката грчка колонизација Асирската империја не им дозволи на античките Грци да се населат на овој брег. Целта на Александар Македонски беше прво да ги заземе феникиските градови, бидејќи феникиските бродови со своите најдобри екипи заедно со Кипријаните го сочинуваа најдобриот дел од персиската флота.

Овие напредни економски градови на Феникијците, секој со свој крал, претставуваа мали независни држави, меѓу кои Сидон и Тир со години се бореа со променлив успех за хегемонија. Неколку години пред доминацијата на Сидон, Феникија се побуни. Меѓутоа, кралот Окус најпосле ги натера да му се потчинат, а Сидон беше уништен (350), но наскоро повторно беше обновен. Во тоа време Тир беше градот кој доминираше.

Северните градови, Арад, Библ и Сидон, веднаш ги отворија своите порти за Александар Македонски, додека само Тир даде поголем отпор. Месниот бог на Тир Мелкарт беше идентификуван од античките Грци многу одамна со нивниот Херакле, како што ни кажува Херодот.

Ништо не беше поприродно од тоа што Александар Македонски сакаше во Тир и на други места да принесе жртва на Херакле, прадедото на неговиот дом. Но, тој не знаеше што значеше за Тирјанците кога преку нивниот амбасадор ја изрази желбата лично да принесе жртва во храмот на Херакле што се наоѓаше на островот на градот Тир.

Александар не знаеше дека според ориенталските сфаќања со одобрување на ова барање Тирјанците би го признале како крал на својот град, бидејќи само кралот смееше да приложи жртва. Кога Тирјанците без објаснување одговорија дека ќе му дадат сé друго, но не и ова приложување на жртва и, веројатно верувајќи во докажаната непобедливост на својот град, изјавија дека нема да ги примат ни Персијците ни античките Македонци во градските тврдини и дека сакаат да останат неутрални.

Александар Македонски не можеше да види ништо друго освен непокорност во нивниот одговор и затоа одлучи да го заземе градот со напад, бидејќи тој не смееше да напредува кон Египет а да го остави овој главен град на феникискиот свет непокорен зад својот грб. Така во јануари 332 година ја започна опсадата на градот.

Освојувањето на кое исцело му се посвети беше многу потешко отколку што претпоставуваше. Тир се наоѓаше на остров, одделен од стариот Тир со мал ракав од морето, заштитен од сите страни со цврсти ѕидови и силна флота. Александар Македонски набргу сфати дека оваа островска положба може да се совлада само со изградба на бедем од стариот Тир до островот, со цел оружјето за напад да го приближи до ѕидовите.

Арно ама, наспроти извонредните напори и брзите маневри на непријателот, изградбата на бедемот одеше многу тешко. Тирјанците ги уништија првите утврдувања на насипот со брандер, но Александар Македонски започна веднаш да гради друг, подобар бедем. Практиката му покажа дека може да им се противстави на традициите на ориенталската инженерија чијашто моќ на опсада неговиот татко ја прифати од Дионис и имаше големи ефекти.

 

Продолжува

 

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

 

 

 

12 thoughts on “АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ГИ ОСВОИ ГРАДОВИТЕ ДАМАКС И СИДОН (19)  

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *