АЛЕКСАНДАР ТРЕТИ МАКЕДОНСКИ ГО ПРЕСЕКУВА ГОРДИЕВИОТ ЈАЗОЛ (14)    

 

ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Во првата година од војната Александар Македонски постигна големи успеси. Co победата на Граник цела Мала Азија до Сангар падна во рацете на Александар Македонски. Персиската флота немаше пристаниште на морскиот брег за да се укотви сé до Киликија

Немаше веќе персиска војска во Мала Азија и првата цел од панелинистичката програма брзо беше постигната: античките грчки градови во Мала Азија беа ослободени од персискиот јарем и припоени кон Коринтската лига.

Овие градови, како што покажаа проучувањата на многу места, влегоа во една друга голема ера на развој. Широките региони надвор од нив беа окупирани од Александар Македонски како земји на круната и беа ставени под администрација на намесниците.

Co оглед на брзото победоносно напредување на младиот херој, нема сомнение дека тој беше под посебна заштита на боговите. Тие често испраќаа среќни пророкувања кои беа толкувани или од пророците во логорот, од кои главен беше Аристандер од Телмес, или понекогаш и од самиот крал. Покрај обичните дневни поднесувања на жртви, тој не пропушташе да ја изрази својата почит и благодарност кон боговите и во посебни пригоди.

На Ефес, на пример, каде што првпат влезе во јонскиот град, тргна во свечена процесија во чест на Артемис со сета воена опрема. Понатаму, Александар Македонски ѝ изрази почит на својата богиња, со тоа што им нареди на Ефесијците данокот што му го плаќаа претходно на Големиот крал сега да му го плаќаат на нејзиниот храм. Сродството на Александар Македонски со боговите беше толку блиско, што беше природно да му се припишуваат среќни случки како непосредна интервенција на боговите.

Еднаш, на пример, Александар се наоѓал на памфилјанскиот морски брег и сакал да оди по тесниот крајбрежен пат кој е прооден само кога дуваат северни ветрови. Во тој момент јужниот ветар, кој дотогаш дувал одеднаш се свртел и започнал да дува од север, со што овозможил Александар Македонски да го продолжи патувањето.

Според Аријан, не само неговите придружници, туку и самиот Александар Македонски во овој случај виделе божјо привидение. Тоа не е претпоставка, туку повеќе признание дека како. човек ќе беше немоќен без божјата помош.

Подоцна неговиот дворски историчар Калистен во оваа смисла оди уште подалеку. Во пофалбата за Александар тој вели дека морето се повлекло и се поклонило пред него како негов господар, на тој начин изразувајќи ја својата длабока почит. Александар Македонски е роден да биде надчовечко божјо суштество на кое треба да се гледа со почит.

Ова раскажување влијаеше Александар Македонски да се воздигне како син на Амон (331), а метафората „изразување длабока почит” го прикажува времето кога почна да ја добива оваа ориенталска слава од персиските потчинети (330).Тоа едноставно придонесе да се смета за галениче и миленик на боговите.

Во врска со историјата на Александар Македонски, треба да се истакне дека кај него постепено се појавувала идејата за освојувач на целиот свет, особено по битката во Гордион. Жителите од ова место имаа едно старо пророштво, според кое човекот кој ќе го одврзе јазелот што беше го врзал кралот Гордие на дрвената кола посветена на Зевс, ќе стане господар на Азија. Кога Александар  Македонски слушна за јазолот во Гордион, го опфати копнеж за оваа мистерија и затоа започна да ја разгледува колата.

По залудните настојувања да ги најде краевите на јажето, со брза одлука ја извади сабјата и го пресече јазолот. Силните грмежи и молњи што ја проследија ноќта, беа протолкувани како божјо одгласување и прифаќање на неговиот начин на одврзување на јазолот. Тој исцело им веруваше на пророците, и оваа легенда од древниот Исток за суверенитет над Азија мора да се одразила многу длабоко во него.

Во меѓувреме, на Запад, по неговото заминување од Халикарнас се случија настани кои можеа да го загрозат она што тој со успех го стекна. Неговиот даровит противник Мемнон, по загубата на Халикарнас, отиде понатаму да го испроба својот план што беше предложен во Зелеија, а тоа беше да води борба во Античка Македонија и во Античка Грција со помош на флотата. Прво Мемнон го освои островот Хиос, а потоа тргна кон Лезбос каде ги придоби сите градови со исклучок на Митилен.

Така, го блокира Митилен од море и од копно и ја започна опсадата. Веста за тоа предизвика голема вознемиреност во Циклад и Елас: луѓето зборуваа за нападот на Мемнон на Еубоеја и не само во Спарта туку насекаде постоеше голема надеж за изменуање на воената среќа. Меѓутоа, Мемнон ненадејно се разболе и умре пред Митилен. Неговата смрт во тој момент беше голема среќа во животот на Александар Македонски, а тоа никој повеќе не го призна од него самиот.

На првата вест за опсадата на Митилен, многу беше загрижен и им нареди на Амфотер и Хегелок да соберат нова флота на Хелеспонт. Ним, на двајцата, и на Антипатер им даде големи суми пари за воена опрема. Потоа, веројатно пред да го напушти Гордион ја слушна веста за смртта на Мемнон и се чувствуваше како да се извлекол од кошмар.

Александар  Македонски имаше среќа што Дариј, на веста за смртта на Мемнон не го прифати планот за напад на Античка Македонија и на Античка Грција, туку нареди наемната војска од Фарнабаз да се врати кај него, да се стави под негова лична команда и да се организира борба против Александар Македонски на копното.

 

Продолжува

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *