АЛЕКСАНДАР ЈА ПРОШИРУВА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА ПРЕКУ РЕКАТА ДУНАВ (4)  

 

 ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР  ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД

 УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН

 

Многу тивко се подготви за премин преку реката Дунав. Беа собрани чуновите за риболов на тамошното население, а платната од шаторите ги наполнија со сено да им помогнат при пливањето. Co вакви примитивни методи и со помош на својата флота ја искористи тивката и темна ноќ да префрли преку река што е можно повеќе единици.

Предзори, Александар Македонски веќе имаше 1.500 коњаници и 4.000 пешаци од другата страна на брегот. Рано изутрината тој ги поведе единиците низ нивите со пченка и ги замаскира. Потоа изврши јуриш со коњицата и се судри со Гета кој беше улогорен пред својот град. Целосно изненаден од овој речиси непоимлив брз налет на Александар Македонски, иако беше посупериорен по број, Гета се повлече назад во градот, набрзина ги качи жените и децата на коњи и исчезна во степите на север.

Александар Македонски го опљачка и го уништи градот, потоа на северниот брег на Дунав принесе жртва на Зевс Спасителот, на Херакле и на Богот на реката кој му дозволи да ја премине, а истиот ден ја поведе својата војска назад во логорот на јужниот брег, без да загуби ниту еден војник.

Оваа речиси неверојатна акција, бездруго, имаше определени резултати. Сирмос и неговите Трибалијанци му се покорија на Александар Македонски. Другите соседни племиња јужно од Дунав исто така испратија дипломатски претставници кај кралот и му го изразија своето почитување. Славата на неговото дело се слушна дури до Келтите, кои потоа се повлекоа источно од Јадран и испратија амбасадорски претставник за да го замолат за пријателство. Теророт што Александар Македонски го спроведе имаше долготраен ефект. Имено, тоа беше педесет години пред Келтите да ја нападнат Античка Македонија и Античка Грција.

Александар Македонски се враќаше во Античка Македонија преку западниот пат низ Пеонија, но во близината на Софија во регионот на Агријан, беше информиран од едно негово верно племе дека Клеит, кралот на Илирите, се побунил. Веднаш потоа (околу август) Александар замина веројатно откај Ќустендил, преку Еригон (Црна) до важната граница на тврдината Пелион, преку преминот од Горна Македонија до Илирија.

Тој дел, всушност, беше во рацете на непријателот. Александар Македонски веројатно успеа да ги прогони Илирите од високите предели, опколувајќи ги во градот, меѓутоа, беше спречен со доаѓањето на таулантијанскиот принц Глауција, кој им се придружи на бунтовниците. Александар Македонски мораше да отстапи и само со извонредна маневра успеа да ја избегне опсадата.

Најпосле, непријателот беше поразен со изненадување во отворена битка, по што се повлече во тврдината Пелион, го запали градот и избега. Така, колку што судирите беа поризични, толку Александар Македонски полесно победуваше. Имаше среќа и брзо ја постигнуваше својата цел. Веднаш по освојувањето на Пелион, му пристигна веста за опасното востание што се крена во Античка Грција, за кое беше потребна неговата брза интервенција.

Инаку, во изминатите и во наредните продолженија ќе се обидеме преку „Македонска нација“ да го претставиме историскиот роман „Александа Велики“ од германскиот научник Урлих Вилкен (Ulrich Wilcken ALEXANDER THE GREAT), преведен и прилагоден од англиски на македонски како „Александар Македонски“  од Славе Николовски-Катин, а во издание на Издавачката куќа „Мисла“ од Скопје, во 1988 година. Преводот на романот „Александат Македонски“ беше прво дело за Античка Македонија на македонски јазик и беше добро прифатен пред триесетина години.

Додека Александар Македонски беше во Античка Македонија, античките Грци беа мирни, иако непријателски расположените групи спрема него во градовите ја чувствуваа неговата хегемонија како тешко бреме. А кога Александар Македонски отиде на север и остана долго време во непознатите и далечни земји, од каде не доаѓаа никакви вести, античкиот грчки свет беше полн со немири и возбудувања

Во меѓувреме, новиот крал на Персија Дариј III, кој дојде на престолот во мај 336 година, беше свесен за опасноста што доаѓа од Запад, бидејќи неговата војска веќе еднаш се беше судрила со античката македонска извидница што се наоѓаше во Мала Азија. Тој веќе беше запознат со воените резолуции од 337 и 336 година и сфати што најмногу ја привлекува Античка Грција, па мислеше дека лесно ќе може да се заштити од нападот на Александар Македонски само на еден начин, а тоа беше со злато да ги привлече античките Грците на своја страна.

Според тоа, дипломатските претставници на Големиот крал ги повикаа античките грчки држави да кренат востание против Александар Македонски, а како награда им понудија големи суми пари. Арно ама, само Спарта која не беше член на Лигата го прифати златото. Другите држави на Лигата, па и Атина, зазедоа правилен став, со тоа што останаа верни на договорот што беше склучен и ја одбија понудата.

Демостен, меѓутоа, не се колебаше да прими 300 таланти од Големиот крал за да врши пропаганда на персиската кауза, иако неговиот роден град го избра Александар Македонски за главен и одговорен командант против Персија. Тоа беше лекомислена игра што Демостен ја започна на своја одговорност и понесе голем дел од обвинението за големата несреќа што се почувствува во Античка Грција.

Возбудувањето во Античка Грција, што се зголеми со персиските предлози, повеќе порасна поради долгото отсуство на Александар Македонски и ја постигна својата кулминација кога се прошири веста дека Александар ја загубил битката со Трибалијанците. Демостен вешто го искористи тоа за да ја зголеми агитацијата, носејќи во атинската црква еден ранет маж кој изјави дека бил ранет во истата битка во која загинал и Александар.

 

Продолжува

 

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *