Скопје домаќин на НАТО Конференцијата за комуникатори

Во Националната филхармонија денеска ќе биде отворена НАТО – Конференцијата за комуникатори, чиј домаќин оваа година е Северна Македонија.

На отворањето на Конференцијата свои обраќања ќе имаат премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже, а видео-обраќања ќе имаат и командантот на Сојузничката команда за операции, генералот Кристофер Каволи и командантот на Сојузничката команда за трансформација, генералот Филип Лавињ.

Како што соопшти Министерството за одбрана, НАТО Конференцијата за комуникатори е најголемата годишна конференција за комуникатори во Алијансата.

Годинава, домаќин на Конференцијата е Северна Македонија, а на истата ќе учествуваат околу 300 лица. Во рамки на Конференцијата ќе бидат организирани неколку панели посветени на стратегиските комуникации, на што ќе претходат неколку работни групи во оваа област.

Стратегиските комуникации и оваа годишна Конференција на комуникатори се високо на агендата и на НАТО Алијансата и на Министерството за одбрана, водени од истите вредности – демократијата, отвореноста и транспарентноста, медиумските слободи и доброто владеење, стои во соопштението на Министерството за одбрана.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *