УБИСТВОТО НА ГОЛЕМИОТ СТРАТЕГ ФИЛИП ВТОРИ МАКЕДОНСКИ (28)

 

Најзначајно е што Александар Македонски беше поттикнат од Аристотел за посебен интерес спрема природните науки. Така, неговата источна експанзија сигнализира една епохална научна предност поради истражувањата и описите на Азија, што тој им ги порача на разни експерти и специјалисти.

Сликата за површината на земјата што произлезе од неговиот учител, ја провери во текот на азискиот поход, a ja прошири и ја коригира со новите откритија. Ова обмислено унапредување на различните научни гранки меѓутоа, имаше помала важност од едностојната желба на Александар Македонски да ја прошири на Исток античката грчка култура што му ја всади Аристотел.

Идилата во Миеза заврши кога во 340 година Филип го остави момчето на шеснаесетгодишна возраст како регент во Пела, во текот на походот против Византиум. Веројатно доверливиот Антипатер бил со него, да го советува и да го воведе во практичното владеење.

Дека Александар Македонски беше вистински регент се потврдува со тоа што тој го носеше татковиот кралски печат и ги потврдуваше потребните документи на државата. Во меѓувреме, Тракиецот Медој се крена на бунт, а тоа беше несомнено задоволство за Александар Македонски, бидејќи му се укажа можност првпат да командува во една борба, независно од тоа што беше мала.

Тој го порази непријателот, му го зеде неговиот град и, следејќи го примерот на својот татко Филип Македонски, чија практика беше да ги колонизира новоосвоените места, повторно го насели градот, a co дозвола на татка си, го нарече Александропол, аналогно на Филипопол. Ова беше прв Александров град, а подоцна имаше и многу други.

Колку голема доверба имаше Филип Македонски во својот син, се покажа на решавачкиот ден на Херонеа, кога му даде на принцот, кој беше на осумнаесетгодишна возраст, да командува со коњицата на офанзивното крило, иако таму имаше и генерали. Посебна чест беше и придружувањето на Антипатер при носењето до Атина на пепелта на Атињаните кои загинаа во битката.

Тогаш Александар Македонски првпат ја виде Атина. Импресиите од овој редок град му оставија неизбришливи траги. Атина во почетниот период изврши влијание врз владеењето на Александар, а подоцна го имаше пред себе како редок пример.

Добрите односи меѓу таткото и синот завршија кога Филип наскоро по своето враќање од Конгресот на Коринт во 337 година беше обеземен од страстите на убавата Македонка Клеопатра, внуката на Атал, па ја прогласи за своја законска жена. Тоа се одрази врз репутацијата на Олимпија, а можеше да го загрози дури и наследството на Александар Македонски.

На денот на свадбата се случи страшна сцена меѓу Александар и Атал, а кога последниот на Филип Македонски му посака да се роди вистински наследник во новиот брак, сцената стана уште полоша меѓу таткото и синот. Александар Македонски и неговата мајка веднаш ја напуштија Античка Македонија.

Тој ја придружуваше на патот за Епир, а потоа отиде кај Илирите, што претставуваше изненадувачки потег кој тешко може да се објасни. Но, во секој случај, тоа покажува колку длабока беше кавгата.

По извесно време, меѓутоа, со посредувањето на Демарат од Коринт, кој ја посети Пела како гостин на Филип Македонски, таткото и синот се смирија, по што Александар Македонски се врати кај Филипа. Се претпоставува дека со тоа стравот кај Александар како вистински наследник се намалил, a Филип никогаш не го прекори за тоа.

Уште едно отуѓување настана меѓу таткото и синот, но тоа не беше толку длабоко и наскоро исчезна. Пиксодар, каријански владетел и вазал на Големиот крал, му понуди на Филип Македонски одбранбен сојуз и бараше да добие еден од синовите на Филип Македонски за маж на својата ќерка и наследничка.

Бидејќи Филип Втори Македонски сметаше дека не беше погодно неговиот син наследник, да се ожени со ќерката на персиски вазал, тој го понуди својот незаконски син Архидеј да стане зет на Пиксодар. Александар погрешно го сфати тоа и се почувствува омаловажен, а прифаќајќи ги лошите совети на своите пријатели, се понуди да биде зет на Пиксодар, зад грбот на татка си.

Кога Филип Македонски дозна за оваа младешка глупост, му ги објасни своите мотиви на синот и благородно му прости, но за казна ги прогони од дворот пријателите на кои им се припишуваше вината за тоа. Меѓу нив беа Неарх, Харпал и Птолемеј, синот на Лагус. Така таткото и синот повторно се смирија, па дури Олимпија му понуди на Филипа да преговараат, кога тој предложи да ја мажи нивната ќерка Клеопатра со братот на Олимпија, Александар, молозијанскиот крал.

И, тоа се случи на свадбата во Егеј, во средината на летото во 336 година кога Филип Македонски одеше в театар без телесна стража, беше прободен од некој Паусанија, млад македонски дворјанин. Трагичниот крај на Филипа Македонски е индиректно врзан со сродството на внуката на Атал, што веќе донесе многу несреќи во Филиповата куќа.

Бидејќи Паусанија претходно беше навреден од Атал, а не можеше да се помири со тоа, лутината ја истури врз Филип Македонски. Покрај тоа што мотивот на Паусанија беше лична одмазда, сепак во тоа беа вплеткани и други. По сето она што се случуваше меѓу Филип Македонски и Олимпија, постоеше сомнение, дека таа целосно се крие зад убиството или пак го поттикнала. Меѓутоа, нејзиното соучество воопшто не беше потврдено.

Исто така мора решително да се одбие помислата дека Александар Македонски бил замешан во убиството на Филипа. Такво нешто е чиста клевета од неговите непријатели.

 

Продолжува

 

 

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *