Во интервју за албанската телевизија „Еуроњуз Албанија“, лидерот на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски изјави дека Бугарија ја смета за бугарска, не само македонската заедница во Албанија, туку и во балканските земји и тоа е поврзано со политиката на Софија кон Скопје.
-Во Албанија нема бугарско малцинство. Сета оваа е поврзано со политиката и односот на бугарската држава, што таа го има воопшто со македонската нација и со Македонија, но и секаде каде што има македонско малцинство во другите балкански земји, Бугарија тврди дека тие се Бугари. Бугарија ја прошири својата пропаганда и во областите каде што живее македонското малцинство во Албанија, во областа Гора, Преспа и Голо Брдо, вели Стерјовски.
Додава дека, искористувајќи го членството во Европската Унија, Бугарија, заканувајќи се со вето извршила притисок врз Албанија да признае непостоечко малцинство.
-Искористувајќи го членството во Европската Унија, Бугарија, изврши притисок врз Албанија и така беше признато во 2017 година непостоечко бугарско малцинство, кога не се исполнуваше ниту еден критериум за признаено на вакво малцинство затоа што од сите пописи направени во Албанија од создавањето на албанската држава до денес нема ниту едно лице кое се изјаснило за Бугарин. Исто така, во сите извештаи што Албанија ги прави за меѓународните организации кои ги следат правата на малцинствата, во ниту еден од овие извештаи не стои дека албанската држава изјавила дека има бугарско малцинство. Токму под притисокот на Бугарија во 2017 година и заканата со вето на членството на Албанија во ЕУ беше признаено непостоечко бугарско малцинство, посочува тој.
Оценува дека македонското малцинство се чувствува загрозено а однесувањето на Бугарија „внатрешно мешање во работите на Албанија, од каде пак нема никаква реакција“.
-Македонското малцинство се чувствува загрозено. За жал, немаме одговор од албанската држава за сета оваа бугарска пропаганда што се одвива во областите каде што живее македонското малцинство. За нас, активноста на Бугарија, која со методите на 19 век се обидува да го асимилира македонското малцинство во Албанија е мешање во внатрешните работи на Албанија. Како пратеник во Парламентот на Албанија, многупати сум ја искажал оваа загриженост, особено работата на бугарската амбасада и сите активности што ги спроведува за асимилација на македонското малцинство во Албанија. Побарав реакција од албанските институции, но, за жал, за Албанија приоритет беше отворањето на преговорите за членство во ЕУ и да нема проблеми со Бугарија и ја остави слободно да се шири оваа бугарска пропаганда и за жал, имаме грубо мешање во внатрешните работи на Албанија за асимилација на македонското малцинство, посочува Стерјовски.
Побарав, нагласува, реакција од албанските институции, но, такво нешто нема.
-Но, за жал, за Албанија приоритет беше отворањето на преговорите за членство во ЕУ и да нема проблеми со Бугарија остави слободно да се шири оваа бугарска пропаганда. За жал, имаме грубо мешање во внатрешните работи на Албанија за асимилација на македонското малцинство, изјави Стерјовски за „Еуроњуз Албанија“, најавен како поранешен пратеник и лидер на МАЕИ .