ДЕЛ ОД АКТИВНОСТИТЕ НА МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВОТО ПО ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА (8)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ НА СЛАВЕ КАТИН

По Втората светска војна, кога заживеаја активностите кај македонските доселеници во прекуокеанските земји, вклчувувајќи ја и Австралија, во градот Џералтон се формира друштвото ,,Нова Македонија“, а во Менџимап, исто така Западна Австралија, се формира друштвото ,,Слобода“. 

Овие први друштва послужија како основа за формирањето на организациајта на Македонско-австралиски народен сојуз (МАНС), која во наредните години играше значајна улога кај македонското иселеништво во Австралија.

Иницијативата за создвање на Македонско-австралискиот народен сојуз беше дадена во декември 1945 година, кога се одлучи Македонците да се организираат во моќен македонски сојуз со цел да можат да работат засилено и поефикасно. Сојузот уште во почетокот одигра огромна улога како организација за собирање на Македонците и беше со воодушевување примен од македонските доселеници.

Всушност, темелите на МАНС беа удрени на 25 август 1946 година, кога во Перт се одржа првата македонска конференција од страна на членовите на ,,Единство“, на која е одлучено Организацијата да им служи на целите и задачите на македонските иселеници во Австралија, а донесено е и решение да се издава македонски иселенички весник ,,Македонска искра“, како и да се поведе акција за собирање средства за изградба на болница во Скопје, за што се избра Болнички комитет.

Македонско-австралискиот народен сојуз се прошири и во други места во Австралија, формирајќи разграноци во Аделајд, Малбурн, Сиднеј, Квинбијан, Шепартон и во други градови. Како резултат на тоа, во мај 1947 година, во Мелбурн се одржа Првата сојузна конференција на МАНС, што значеше проширување на активностите и прифаќање од голем број доселеници.

Во Уставот на МАНС, освен другото, се наведува дека Македонско-австралискиот народен сојуз е деморкатска народна организација, чија цел е да ги организира сите Македонци во Австралија, да ја подига нивната културна и општествена положба, да го развива пријателството, подоброто разби-рање и соработка меѓу Австралијанците и Македонците, да работи врз изградување на Македонците како демократски граѓани, да одржува врски меѓу Македонците во Австралија и во Македонија, да ја развива македонската национална свест меѓу Македонците и да го шири нивното гласило ,,Македонска искра“.

Во текот на Втората светска војна, заедно со другите прогресивни организации, Македонскиот народен сојуз во САД и во Канада ги имаше насочено своите сили кон активно помагање на антифашистичката борба. Иселениците се бореа за ликвидирање на фашизмот и беа поборници за изградба на живот што ветува поголеми демократски слободи и траен мир.

За таа цел, беа формирани комитети за помагање на антифашистичката борба. Основната задача на овие комитети беше да собираат парични средства со кои требаше да се купуваат, главно, лекови и разни санитетски материјали како помош на борците што се бореа против фашизмот. Приходите за ваквите потреби се сибираа од влезници на организирани концерти и други забавни приредби, како и од доброволните парични прилози на голем број Македонци од сите делови на Македонја.

Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, македонските иселеници почнаа да ја помагаат обновата и изградбата на опустошената татковина. Народноолободителната борба на македонскиот народ и создавањето на македонската држава во рамките на СФРЈ, извршија радикални промени во националните и во политичките организации на македонското иселеништво.

Македонците од сите делови на Македонија ја прифатија НР Македонија како своја национална држава во еден дел од Македонија. Овој историски чин на создавање на македонската државност како плод на четиригодишната борба на македонскиот народ во заедништво со другите народи и народности на Југославија, а подоцна и со прогласувањето на Македонската православна црква и на нејзината автокефалност, значеше огромна пресвртница кај голем дел Македонци, заблудени од пропагандата на соседните земји.

Народноослободителната борба на македонскиот народ беше целосно поддржана од македонските иселници низ светот, а и подоцна кога беснееше Граѓанската војна во Грција, тие испраќаа голем број средства, бидејќи нивните браќа и сестри во егејскиот дел на Македонија страдаа и врз нив се вршеше насилство од страна на грчките власти.

Во својата огромна желба да му се помогне на својoт македонски народ што побргу да се извлече од последиците на четиригодишната војна и заостанатост, група истакнати македонски иселеници ја презедоа иницијативата за изградба на болница во Скопје. Оваа акција, чиј претставник беше проф. д-р Живко Ангелушев, истакнат македонски општественик и културен работник, роден во с. Племна, Драмско, директор на Специјалната болница за уво, нос и грло во Њујорк, почна собирање помош за болницата во февруари 1946 година, а во 1958 година таа беше свечено пуштева во употреба.

1voj12

Ваквата реализација наиде на огромен поттик кај иселениците од сите делови на Македонија и затоа, веднаш потоа, акцијата се прошири насекаде каде живееја македонските доселеници во САД, Канада и во Австралија, кои, всушност, беа иницијатори и реализатори на оваа хумана акција.

Слободниот национален и општествен развој и пробивот на вистината за Република Македонија беа силен поттик за организираниот живот на иселениците врз нацинална основа. Тоа, наедно, значеше и најефикасна одбрана против сите напори на странсктие пропаганди и непријателски дејствувања.

Повоените организирани дејствувања во прекуокеанските земји го опфатија мнозинтвото од македонското иселеништво, без оглед од кој дел на Македонија потекнуваат. Бројните организации и здруженија на културно-просветно, спортско и друго поле со своето дејствување го одразуваа единството на Македонците, кои непосредно придонесуваа за афирмација на Македонија и Југославија. Така, тие длабоко и емотивно беа поврзани со сè што доживуваше макеонскиот народ во борбата за ослободување.

Изградувањето и растежот на Републиката, достигнувањата на планот на образованието, културата, науката, стопанскиот напредок и другите настани што пробиваа патишта за афирмација на Македонија во светот за нив беа силно оружје во сопственото докажување и во афирмираноста на македонската самобитност.

Организираните дејствувања во прекуокеанските земји го опфаќаат мнозинството македонски иселеници. Притоа, важна компонента на ваквите активности е тоа што единствено се организирани и во нив членуваат Македонци, без оглед од кој дел на Македонија потекнуваат. Иселеничките организации и нивното членство постојано се зголемуваат, а нивната активност се проширува и квалитетот се подобрува.

Бројните организации и здруженија на црковно, културно-просветно, спортско и друго поле со своето дејствување го одразуваат единството на Македонците, без оглед дали потекнуваат од Република Македонија, од егејскиот или од пиринскиот дел на Македонија, или од Албанија и на тој начин непосредно придонесуваат за меѓусебна афирмација на Македонците како посебна и компактна етничка целина. Во исто време, тие се афирматори на вистината за СР Македонија и СФР Југославија, за нивниот развиток на општествено, културно-просветно, научно и друго поле.

Денес, програмите за мултикултурата претставуваат своевидна пригода за проширување на соработката и еманципацијата на иселениците во многу области на животот. Пред сé, тоа се однесува на културата, спортот, за прашања и проблеми од областа на образованието, радио и тв-програмите, социјалното згрижување и слично.

Притоа, особено треба да се истакнат многубројните и разновидни активности на македонските иселеници што се одвиваат во рамките на мултикултурата во Австралија и во Канада во последните години.

Меѓутоа, од особена важност за презентирање на македонскиот збор, култура, историја, традиции, обичаи и други вредности се многубројните македонски културни друштва, македонски весници, списанија, билтени, радио и тв-часови и друг вид гласила, чиј број се зголемува од година во година како средство за информирање за активностите и животот на македонските колонии и како средство за продолжување на векот на мајчиниот македонски јазик.

Продолжува

1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *