ДИЈАМАНТИТЕ ЗА ЕВРЕИТЕ ЗНАЧАТ ЖИВОТ(11)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ИЗРАЕЛ И МАКЕДОНИЈА“ НА СЛАВЕ КАТИН

Тел Авив е голем културен и спортски центар. Во него со успех работи еден од светските симфониски оркестри, израелската филхармонија, како и познатиот теа­тар „Хабиман“. Меѓутоа, Музејот за еврејската дијаспора има посебно место во цело­куп­ното национално и културно живеење, не само на Тел Авив, туку воопшто на Ев­реи­те во Израел и ширум светот.

Како нераскинлив дел од Тел Авив, на јужната страна е сместен градот Јафа или Јафо. Во него живеат и Евреи и Арапи и тука се измешало и старото и новото, и библи­с­кото и современото. Таму ја посетивме католичката црква „Свети Петар“, каде апосто­лот ја ставил раката врз девојката Табита, која подоцна оживеала. Го посетивме стари­от дел на градот, во чија непосредна близина на црквата, се вгнездиле многу познати умет­ници и отвориле значајни галерии на улиците што ги носат имињата на зодијачки­те знаци.

Тел Авив, заедно со градовите Хаифа, Ерусалим и Тиберијада се познати во све­тот по режењето, брусењето и продажбата на дијаманти. Всушност, шеесет отсто од при­ходот на државата се остварува токму од дијамантите. А, брусењето на дијаманти­те е еден од најпознатите занаети на Евреите. Со оваа дејност тие почнале да се за­нимаваат уште од најстарите времиња, кога не биле сигурни каде ќе останат да живеат и каде ќе им биде нивната татковина.

Во честите прогонувања и преселби, тие постојано разми­слу­вале како да најдат нешто што ќе им обезбеди живеачка и лесно ќе се пренесува, за да не им прави проблем при честите преселби. Единствено решение им биле светлите сит­ни камења, што ги чувале како очите во главата и ги пренесувале криејќи ги во џебовите, во чо­рапите, во чевлите …

Еден грст дијаманти за нив претставувало цело богатство кое им ветувало сигурност и добра заработувачка каде и да се. Подоцна, почнале да го усовршуваат за­нае­тот со брусење и со украсување со други благородни руди и метали, по што и не слу­чајно денес Евреите се меѓу првите во брусењето на дијамантите. Во најпознатите гра­дови за дијаманти во Израел работат повеќе од 10.000 луѓе, брусачи на овие благородни камења. Исто така, таму се лоцирани најголемите преработувачки капацитети и, се раз­бира, големите центри за продажба на скапоцени предмети.

Ние го посетивме најголемиот и најпознатиот центар за дијаманти во Тел Авив, ка­де на лице место се запознавме со сјајот на овие скапоцени камења, како и со вештината на продажбата на предмети со дијаманти. Таму се уверивме дека Евреите мошне добро си го знаат сво­јот занает – брусењето на дијамантите и трговијата со нив.

При престојот во Тел Авив го забележавме големиот прогрес на тој регион, кој, по­крај дијамантите, нашироко е познат и по производството на разни земјоделски и дру­ги машини и алатки, по производството на пластични маси, како и по рафинирањето на нафтата. Исто така, во текот на престојот бевме информирани дека во Израел постојат пет термоелектрани, кои се поредени вдолж брегот на Средоземното Море. Неколку од нив ги видовме при нашето патување.

Меѓутоа, интересно е да се одбележи дека овие термоелектрани ја осветлуваат Светата земја, во која нема ни лопата камен јаг­лен, туку тој се носи од други земји. Имено, термоелектраните се поврзани една со дру­га преку системот преносни ленти, а со бродови се снабдуваат со јаглен кој се ра­спо­редува до електраните, од кои четирите активно работат, а една е секогаш во ре­зер­ва.

Се чини дека Израел има голем напредок не само во оваа сфера, туку и на многу други полиња, почнувајќи од земјоделството, науката и техниката, до култу­ра­та, литературата, религијата … Затоа, со право се вели дека еврејската држава Израел служи како при­мер за многу други земји и, не случајно е наречена земја на прогресот.

На почетокот од минатиот век, Евреите од Јафа, старото утврдување на морето, поради честите конфликти со Арапите со кои живееле, решиле да из- лезат од стариот град и крај брегот почнале да го градат Тел Авив. Денес Тел Авив е административен центар на Израел. Таму се наоѓаат сите странски амбасади, но, сепак, тоа не е главниот град на светата држава. Сетот не го признава Ерусалим за престолнина на Израел, иако таму е Кнесетот, израелскиот парламент, Владата и клучните министерства.

Најмоќните земји светиот град го сметаат за спорен, зашто Арапите имаат претензии кон Источен Ерусалим, каде што се мнозинство. Но Евреите немаат проблем со таквиот однос на Запад. Се плашат само доколку загубат дел од териториите каде што сега се Палестинците, да речеме Западниот брег, кој е под нивна окупација, може да им биде загрозена државата. За идентитетот не се плашат.

Зборот дијаспора е од елинско потекло и значи „расфрлено семе“ и означува припадник на еден народ кој живее одвоено од матичната земја. Од крајот на I век од нашата ера зборот дијаспора е посебно поврзан со Евреите кога после неуспешното востание против Римјаните, десетици илјади Евреи биле прогонети

Со текот на времето, значењето на овој збор се однесува на народи кои обично насилно ја напуштиле својата татковина и  живеат во друга земја. Тоа се однесува на луѓе кои се расфрлани низ светот и го посеале семето на друго место во нова средина. Македонците од етничка Македонија  имаат слична судбона како на Евреите.

Така, расфрлани низ целиот свет луѓето создаваат нови домови, добиваат нови знаења, учат нови јазици, обичаи, стекнуваат нови навики, воспитание, образование и се шират корените на семејството во новата средина. Длабоките корени се таму каде што човекот се обврзува да биде почитувач на земјата каде што живее. Затоа, денес се вели дека каде е животот, таму е татковината.

Продолжува

1slav kat Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *