Северна Македонија се најде во новиот закон за буџет за одбрана на САД

Во амандман на Законот за национална одбрана, Конгресот побара од Пентагон да предложи повеќе воени вежби со Северна Македонија следната година, се дознава од нацрт-законот за буџетот за одбрана за следната фискална година.

Со овој федерален закон САД го утврдуваат годишниот буџет и расходите на Пентагон и годинава за првпат во него се најде и Северна Македонија.

Согласно амандманот, Конгресот му наложува на секретарот за одбрана, во консултација со командантот на Европската команда на САД, да достави до Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом, брифинг во врска со плановите за дополнителни НАТО или заеднички вежби на САД и Северна Македонија за време на фискалната 2023 година која започнува на 1 октомври 2022 година. Тоа треба да се направи најдоцна до 1 декември.

-Комитетот силно ја поддржува интегралната улога на Северна Македонија како сојузник на НАТО и ја истакнува вредноста на НАТО вежбата Брз одговор 22 во Северна Македонија за НАТО интероперабилноста, регионалната интеграција и одвраќање против руската агресија“, се вели во Законот.

Во него се додава дека од суштинско значење е „САД и останатите НАТО членки да продолжат да спроведуваат слични вежби со Северна Македонија и да настојуваат на натамошната интеграција“.

Северна Македонија е вметната во предложениот законски текст по барање на конгресменката Лиса Мeклејн, копретседавачка со конгресната група за пријателство со Македонија и македонско-американската заедница, а на барање на Обединета македонска дијаспора (ОМД), дознава Гласот на Америка.

Новиот директор на ОМД за Македонија, Гордан Јорданов, претседателот Методија А. Колоски и директорката за развој и унапредување Ема Браун, во јуни имале средба со Мeклејн, со цел да побараат поактивен ангажман на САД во Северна Македонија.

-Од самото постоење од 2004 година, ОМД интензивно работи на засилување на односите помеѓу САД и нашата татковина Македонија на секое поле. Чест ми е дека токму пред 30-годишнината на македонската Армија, Конгресот изгласа да се подлабочи врската помеѓу армиите на САД и Македонија. Во својата историја, македонската Армија немала поголем пријател од американската Армија. Заедно сме посилни“, изјави Колоски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *