Средба Мицкоски – Орбан: ЕУ интеграциите се неопходни, но, достоинствено и со зачувување на идентитетските обележја на народот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски, денеска во посета на Будимпешта оствари средба со премиерот на Унгарија и претседател на сестринската партија ФИДЕС, Виктор Орбан.

На средбата, како што соопштија од партијата, се разговарало за ЕУ интеграциите на Македонија. Мицкоски притоа го истакнал ставот, како што нагласил, на ВМРО-ДПМНЕ и на македонскиот народ дека интеграцијата е неопходна, но, оти таа треба да биде достоинствена и со зачувување на идентитетските обележја на народот.

-Забележано беше дека Македонија и ЕУ ги очекува најтешката зима во историјата, со големи потешкотии на енергетски план, во снабдувањето со енергенси. Мицкоски нотираше дека Владата во Македонија не ги прави потребните чекори во справување со енергетската криза, дека не се обезбедуваат навремено јаглен, мазут, гас и нафтени деривати, туку кога ќе дојде пикот на кризата се даваат големи суми на пари неколкукратно над тоа што можело да се потроши ако на време се обезбеделе истите тие ресурси, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава и дека на средбата, исто така, биле нотирани и предизвиците од мигрантската криза која, како што нагласиле соговорниците, е проблем како за земјава, така и за ЕУ.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *