Варвициотис: Денеска е многу важен ден како за Европа, така и за Грција

Денеска е многу важен ден како за Европа, така и за Грција, порача алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милитиадис Варвициотис по првата Меѓувладина конференција на ЕУ со Северна Македонија и Албанија, додавајќи дека за нив е важно на север да имаат соседи Европејци и уште еднаш ја изрази грчката поддршка за интегративниот процес, но и важноста преговорите брзо да напредуваат, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изјавата од Брисел, Варвицотис, кој присуствуваше на конференцијата, рече дека со почетокот на преговорите за интеграција на двете земји во ЕУ се финализира циклусот што започна од Солун во 2003 година.

Посочи дека за нив е „многу важно овие пристапни преговори брзо да напредуваат, кои ќе дадат суштина и комплетирање на клучните национални барања, односно верно спроведување на Договорот од Преспа, но и правата на грчкото малцинство во Албанија, како националните, така и имотните“.

-За нашата земја е важно на северните граници да има соседи Европејци со кои ќе ги дели истите принципи, истите вредности, ќе седи на иста маса и секако ќе има беспрекорни економски и политички односи. Затоа, го поздравуваме почетокот на пристапните преговори на Албанија и Северна Македонија со Европската Унија и изјавуваме дека со сите наши сили ќе го поддржиме овој тежок, нагорен, макотрпен, но и многу корисен процес, рече алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.

Од неговиот кабинет соопштија дека Варвициотис лично им честитал на премиерите на Северна Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, а изразил и благодарност до чешкото и француското претседателство со Унијата што „значајно придонесоа за отстранување на ќор-сокакот и овозможија да се одржи првата меѓувладина конференција во контекст на новиот процес на проширување“.

Претходно, преку неговиот „Твитер“ профил, Варвициотис упати честитки до Северна Македонија и објави фотографија со премиерот Димитар Ковачевски на кого му ја изразил грчката поддршка на нашиот пат во ЕУ.

-Честитки за Северна Македонија за одржувањето на првата Меѓувладина конференција со ЕУ. На премиерот Димитар Ковачевски му ја изразив поддршката на Грција во европската перспектива на неговата земја. Ќе работиме заедно за нашата заедничка иднина, напиша Варвициотис на „Твитер“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *