Мишел: Северна Македонија припаѓа во ЕУ, одлуката за ова е ваш суверен избор

Според мене Северна Македонија припаѓа во ЕУ, вашата иднина е со нас и заедно сме на почетокот на пробив, на започнувањето на преговорите. Одлуката за ова е кај Вас, тоа е ваш суверен избор, порача претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел, на заедничка прес-конференција денеска во Скопје со премиерот Димитар Ковачевски.

Оваа можност, според Мишел, е премногу важна за да се пропушти, нагласувајќи дека никогаш не сме биле толку блиску.

– Македонци, имате историска можност да кажете да, на почетокот на преговорите, да на ЕУ, да за нашите деца. Вашата земја има прилика уште еднаш да стане првак во проширувањето, изјави Мишел.

Минатата недела, појасни Мишел, Советот на ЕУ состави ново компромисно решение.

–  Лично јас сум уверен дека ова е урамнотежено решение, кое што се упатува на вашите загрижености. Целта е јасна, да се започне со пристапните преговори и конечно да се придвижиме кон градење на нашата заедничка иднина во ЕУ. Ако кажете ДА, првата меѓувладина конференција ќе се организира во следните неколку денови и ќе ја имплементира одлуката од март 2020 година, изјави Мишел.

Следните чекори, посочи Мишел, ќе следат веднаш и ќе започне скрининг процесот и тимови ќе бидат повикани во Брисел.

– Со овој предлог јасно дискутираме и за македонскиот јазик – тој е ваш јазик и предлогот го почитува тоа. Законодавството на ЕУ целото ќе биде преведено на македонски јазик, изјави Мишел.

Свесни сме, рече Мишел, за загриженоста на некои луѓе во врска со вашиот национален идентитет.

– Може да сметате на мојата целосна поддршка како претседател на Советот на Европа дека систематски ќе стојам зад вашите легитимни права, рече Мишел.

Добрососедските односи, нагласи тој, секако се неопходен елемент во процесот на проширување, како што е за сите партнери од Западен Балкан.

– Во однос на почитувањето на малцинствата во Договорот за ЕУ е зацртано и во Северна Македонија гледам одличен напредок за ова прашање. Вие сте пример како мултиетничките држави можат да напредуваат. Ако го промените Уставот, тоа ќе се гледа како посветеност и придржување во овие високи стандарди и автоматски без никакви одлуки, тоа ќе ја отвори првата меѓувладина конференција и автоматски ќе ги започнеме преговорите, изјави Мишел.

Посетата на Скопје, Мишел ја оцени дека е клучен момент за Северна Македонија, но и за ЕУ, потсетувајќи дека 27-те лидери на ЕУ се сретнаа со лидерите од Западен Балкан во Брисел пред две недели, каде имале искрен, отворен, но и тежок разговор.

– Слушавме многу внимателно и како резултат на тоа формално одлучивме да внесеме една нова динамика и продолжиме заедно со Западен Балкан. Сакаме да ни се приклучите и нашата цел е да го забрзаме процесот. Започнувањето на преговорите веднаш ќе донесе предности. Тоа ќе биде и дел од нови иницијативи и програми, но вие одлучувате за вшата иднина и клучните чекори, изјави Мишел.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *