Во очекување на нов „француски предлог“ Скопје не се откажува од европскиот курс, ЕУ претставници со поддршка за старт на преговорите

На два дена пред завршувањето на француското претседателство со ЕУ, властите на земја вчера информираа дека нема нови моменти во однос на нацрт-верзијата на предлогот на Франција за повлекување на бугарското вето на нашиот евроинтегративен пат, но порачаа дека остануваме целосно посветени на спроведување на реформите и задржување на европскиот курс на државата. Во исто време, претставници на ЕУ порачаа дека Унијата останува со Северна Македонија и дека во сечиј интерес е преговорите на земјата да почнат сега.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера пред обраќањето на работилница за подготовка на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост, изјави дека нема нови моменти во однос на предлогот на француското претседателство со ЕУ за тргање на бугарското вето за евроинтегративниот процес, додавајќи дека Владата останува на ставот дека претходно предложената верзија од Париз е неприфатлива за земјава и штом се дојде до предлог прифатлив и за Скопје и за Софија, тој ќе биде доставен до институциите на државава.

– Процесот со Бугарија се води од страна на Министерството за надворешни работи. Министерството за надворешни работи со своите експертски тимови разговараат со МНР во Бугарија. Во моментот кога ќе има прифатлив предлог од двете страни, тогаш тој предлог ќе може да биде ставен во институциите во Северна Македонија. Во овој момент таков предлог нема, изјави премиерот Ковачевски.

Минатата недела на прес-конференција по Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, премиерот Ковачевски соопшти дека предложената форма на документот на француското претседателство за деблокирање на нашите евроинтеграциите е неприфатлив за земјава. Ковачевски рече дека државата има три клучни барања за преговарачката рамка, а тие се целосно признавање на македонскиот јазик, историските прашања да не бидат дел од неа и стартот на преговорите да не се условува со вклучување на Бугарите во Преамбулата на Уставот. Според премиерот, исто така, потребни се и гаранции оти нема да има нови услови од Бугарија и од Европската Унија.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, вчера на првата сесија на 19-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ, истакна дека без разлика на исходот од француското претседателство со ЕУ, земјава останува целосно посветена на спроведувањето на реформите и задржување на европскиот курс.

Тој нагласи дека е многу важно да се задржи и исполни определбата за пристапување на државите од Западен Балкан во европското семејство, утврдена уште во 2003 година на Самитот во Солун.

– Тоа денес е повеќе од кога било потребно, важно и да се случи без одлагање. Затоа е важно да се направи исчекор во позитивна насока, кој цврсто ќе ја гарантира европската иднина на нашиот регион, изјави Маричиќ, додавајќи дека сега е најважно да се потврдат европските вредности и да се валоризира она што сме го сработиле за да заврши „18-годишниот маратон“ за старт на преговорите.

Маричиќ нагласи дека Влада на почетокот на годината започнала искрен и отворен дијалог со Бугарија за изнаоѓање достоинствено и взаемно прифатливо решение за отворените прашања. – Како Влада секогаш сме настапувале разумно и отворено за изнаоѓање на разумни решенија, но сепак, не можеме да прифатиме предлог кој оди надвор од нашите национални позиции, додаде Маричиќ.

Евроамбасадорот Дејвид Гир на состанок на Мешовитиот парламентарен комитет истакна дека во сечиј интерес е преговорите на земјава со ЕУ да почнат сега. – ЕУ останува со Северна Македонија, ние сме најголем донатор во земјата и ги поддржуваме реформите во разни области, а вложуваме и во инфраструктурата, работни места и деловни субјекти, истакна Гир.

Зборувајќи во име на Европската служба за надворешни работи и Европската комисија, Гир рече дека и покрај важните геополитички случувања на Самитот на ЕУ, за жал не можело да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, нагласувајќи дека „напорите се во тек“.

– Свесен сум за бранот јавна фрустрација и разочарување. Многумина разбираат дека членството во ЕУ дава најдобра перспектива за стабилност, просперитет и за демократската иднина на земјата. Не, тие не може да разберат зошто земјата не може да напредува на патот кон ЕУ. Треба да одработиме подобро, изјави Гир.

Според постојниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, Северна Македонија има важна улога во геополитичкиот контекст, но за жал, Европарламентот не успеа да убеди „некои од земјите членки“, вклучително и Бугарија, да го крене ветото многу порано, за да може да се даде зелено светло за иднината на Северна Македонија и да се свика првата меѓувладина конференција.

– Верувам дека и во иднина ЕУ ќе биде најдоброто место да се обезбедат стратешките интереси на оваа држава, на вашите граѓани. Мојот апел денеска е, ајде да се обединиме како да се бориме против корупцијата, како да се воспостават повисоки демократски стандарди и како да се реформира оваа држава и да оди на подобро, изјави Ќучук, додавајќи дека сегашната ситуација е тројна загуба – и за Северна Македонија, и за Бугарија и за ЕУ.

Копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и ЕУ од европска страна Андреас Шидер истакна дека Европскиот парламент и посебно Делегацијата на ЕУ се силен поддржувач за брз почеток на преговорите на земјава.

– Ние сме убедени дека Северна Македонија заврши суштински и политички реформи, од правосудството и други централни точки, на кои соработуваме заедно и мислам дека почетокот на преговорите е најдобар начин. Но, разбирам дека има и црвени линии, бидејќи една земја, еден народ, не може прашања за идентитетот, јазикот и историјата да ги стави во преамбулата на Уставот. Како се третира и дискутира европската историја, не е така важно, како што е важно да се зборува за иднината на ЕУ и тоа треба да го знаат сите 27 земји членки, изјави Шидер.

Заменичката копретседавач на Комитетот од европска страна, словенечката европратеничка Ирена Јовева обраќајќи  на македонски јазик изрази убедување дека во иднина тој ќе биде и еден од службените јазици во Европскиот парламент.

– Од моја страна и од страна на Делегацијата и мнозинството во ЕП имате јасна поддршка кон европскиот пат и европските интеграции, но за жал, сите компликации кои ги гледаме не зависат од нас. Сепак ќе останам оптимист и ќе речам дека наскоро ќе можеме да го пофалиме конкретниот напредок, па и договорот, што верувам дека може да се случи, ако се најде политичка волја и искрена желба за соработка, изјави Јовева.

Во исто време, САД вчера соопштија дека ги поздравуваат напорите на Франција да се постигне успешно решение за повлекување на бугарското вето за евроинтеграцијата на Северна Македонија и остануваат подготвени да играат конструктивна улога во олеснување на компромисот.

– Со оглед на значењето на овој процес за земјите од регионот и за Европа пошироко, се надеваме дека дипломатските напори ќе продолжат и ќе продолжиме да ја нудиме нашата поддршка онаму каде што е од помош. Ја поздравуваме Франција за нејзините напори да постигне успешно решение за што побрзо започнување на официјалните преговори. Преговорите се уште се во тек, а ние остануваме подготвени да играме конструктивна улога во олеснувањето на компромисот, изјави портпарол на Стејт департментот, додавајќи дека Северна Македонија и Албанија ги поставиле темелите и оти сега е време да се придвижат напред кон следната фаза во процесот на пристапување.

Во пресрет на минатонеделниот Самит на ЕУ, Франција, како актуелен претседавач со Унијата, излезе со нацрт-верзија на предлог за деблокирање на европскиот пат на земјава, кој во петокот беше поддржан од страна на Собранието на Бугарија. Со одлуката на бугарското Собрание и се дава зелено светло на Владата во оставка на премиерот Кирил Петков „да ги одобри преговарачка рамка и заклучоците предложени од француското претседателство со Советот на ЕУ за решавање на сложените односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, ако се исполнети неколку услови“.

– Ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, гаранција за правата на Бугарите во Република Северна Македонија преку нивното вметнување во Уставот, ништо во пристапниот процес на РСМ да не биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија и гаранции од ЕУ дека сето ова ќе биде исполнето, се условите што ги постави Софија со усвоената одлука.

Петков во неделата порача дека по ваквата одлука на Бугарија, „Скопје сега има избор за својата иднина“. Тој нагласи дека ако земјава се согласи со предлогот на Париз, ќе треба да ги вклучи Бугарите во Уставот пред да го почне преговарачкиот процес со ЕУ. – Имаме јасни контролни механизми за говорот на омраза и дискриминацијата. Имаме многу јасни дефиниции за историските факти и образованието во училиштата во Северна Македонија, тврди Петков.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата Бујар Османи во петокот порачаа дека Северна Македонија ќе го прифати предлогот на француското претседателство за старт на преговорите со ЕУ, доколку во преговарачката рамка не биде проблематизирано прашањето за македонскиот јазик и не бидат вклучени историските прашања и доколку почетокот на преговарачкиот процес не биде врзуван со внесување на Бугарите во Уставот.

„Францускиот предлог“, кој всушност претставува нацрт работна, а не конечна верзија, се базира на предложената Преговарачка рамка од страна на Европската комисија за време на португалското претседателство со ЕУ, на која Бугарија имаше три забелешки: во однос на краткото име на нашата земја, македонскиот јазик и вклучувањето на Бугарите во Уставот на државата.

Од овие три забелешки, првата е надмината со нашата унилатерална изјава до ОН за краткото име, што беше прифатено од Бугарија.

Во однос на македонскиот јазик, Софија прво инсистирала во Преговарачката рамка воопшти да нема реченица во која ќе се спомене јазикот по примерот со Црна Гора, потоа да стои терминот „официјалниот јазик на Северна Македонија“, потоа „македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија“ или пак на место каде што е наведено македонски јазик со фуснота да биде појаснето дека тоа е согласно нашиот Устав или да биде наведен бугарскиот став по ова мислење. Меѓутоа сите овие предлози на Бугарија се одбиени од наша страна со ставот дека „не преговараме за јазикот“ и тие не се вклучени во предложениот текст, туку во преговарачката рамка децидно е наведено македонски јазик без никакви додавки или објаснувања. Со тоа македонскиот јазик станува е еден од 25-те јазици на ЕУ и како таков е дел од преговарачката рамка.

Што се однесува до третото барање за вклучување на Бугарите во Уставот на земјава, Софија инсистира прво да се изврши вклучување на Бугарите во Уставот, па дури потоа официјално да почнат преговорите на земјава со ЕУ. Нашиот став пак е процесот за вметнување на Бугарите во Преамбулата на Уставот, како една од заедниците во земјава, да се случи до завршување на преговарачкиот процес, а преговорите официјално да почнат сега со одржување на првата меѓувладина конференција.

Суштинската интервенција на француското претседателство во предложената Преговарачка рамка, која е направена на барање на Бугарија е вметнување на посебен дел во поглавјето 23 што се однесува на „правата на малцинските и етничките заедници“, како и вклучување на Протоколот од втората македонско-бугарската Меѓувладина конференција, која се уште не е одржана, како посебно поглавје. Протоколот треба да содржи одредби за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, што вклучува и одлуки усогласени меѓу членовите за заедничката Комисија за историски и образовни прашања. За нашата страна е неприфатливо вака усогласениот протокол за имплементација да стане дел од проговарачката рамка, бидејќи со тоа во преговарачкиот процес би биле вклучени и историски прашања.

Според вицепремиерот Маричиќ, Договорот за пријателство и добрососедство има свои инструменти на функционирање, од кој дел и Историската комисија, а протоколот за негово спроведување не може да биде услов во преговорите, ниту да биде спомнат во преговарачката рамка.

SHARE