САД ги поздравија напорите на Франција за тргање на бугарското вето, подготвени се да го олеснат компромисот

САД ги поздравуваат напорите на Франција да постигне успешно решение и остануваат подготвени да играат конструктивна улога во олеснување на компромисот, изјави за Гласот на Америка портпарол на Стејт департментот, на прашањето како го коментираат предлогот на Париз за тргање на бугарското вето за евоинтеграцијата на Северна Македонија.

– Со оглед на значењето на овој процес за земјите од регионот и за Европа пошироко, се надеваме дека дипломатските напори ќе продолжат, и ќе продолжиме да ја нудиме нашата поддршка онаму каде што е од помош. Ја поздравуваме Франција за нејзините напори да постигне успешно решение за што побрзо започнување на официјалните преговори. Преговорите се` уште се во тек, а ние остануваме подготвени да играме конструктивна улога во олеснувањето на компромисoт, вели портпаролот.

Во изјавата се посочува дека Северна Македонија и Албанија ги поставиле темелите и оти сега е време да се придвижат напред кон следната фаза во процесот на пристапување.

– САД се силен поддржувач на интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Ние веруваме дека иднината на Западен Балкан е целосно во ЕУ. Процесот на проширување промовира долгорочен мир, стабилност и просперитет во целиот регион, стои во изјавата, во која се наведува и дека САД ги земаат предвид „многуте изјави на лидерите на ЕУ за важноста на пристапувањето на Северна Македонија и Албанија во ЕУ за зајакнување на безбедноста на Европа, како и за нашата колективна безбедност“.

Францускиот предлог беше изгласан во Собранието на Бугарија минатата недела, додека премиерот Димитар Ковачевски го отфрли како неприфатлив во сегашната форма, со можност разговорите да продолжат доколку се направат прифатливи измени.

Ковачевски рече дека државата има три клучни барања за преговарачката рамка, а тие се целосно признавање на македонскиот јазик, историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка и преговорите да почнат пред внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот. Тој смета дека се потребни и гаранции оти нема да има нови услови од Бугарија и од Европската Унија.

Претседателот на Франција Емануел Макрон го поздрави изгласувањето на предлогот во бугарското Собрание, и најави дека во наредните денови ќе продолжат разговорите со партнерите во Северна Македонија.

SHARE