Војната во Украина ја става ЕУ пред одлука како понатаму со интеграцијата на регионот

Похрабри одлуки од ЕУ очекуваат земјите од Западен Балкан во контекст на нивната евроинтеграција, порачаа вчера учесниците на официјална воведна сесија на високо ниво „Што после војната во Украина? во рамки на Преспа форумот за дијалог, што се одржува во Охрид.

Претседателот Стево Пендаровски, кој е покровител на оваа најголема меѓународна конференција во земјава, истакна дека војната во Украина не може да се каже дека е позитивна за која било земја и не би кажал дека е поволна за членство на мојата земја во Европската Унија и нагласи дека треба да се разгледуваат геополитичките аспекти на европската интеграција.

Нагласи дека незавршениот проект за европска интеграција има последици за земјите кои сакаат да станат дел од Унијата и додаде дека сме 17 години кандидат за членство и со години и децении трчаме за таа цел.

-Ми се чини дека незавршениот проект за европска интеграција има последици за Западен Балкан и земјите кои сакаат во иднина да станат кандидати за членство. Можам да видам директна поврзаност меѓу незавршениот проект на ЕУ и безбедносната архитектура на стара Европа. Прво Русија со години ги поткопува нашите општества, ако зборуваме за Северна Македонија, зборуваме за хибридни закани, лажни вести особено во однос на прашањето за името. Откога ќе заврши војната во Украина, Русија ќе се врати на старите методи повторно борејќи се против демократиите на западот со лажни вести и пропаганда, нагласувајќи дека не треба да  трчаме по членство во ЕУ или НАТО, потенцира Пендаровски.

Тој изрази загриженост Европа да не продолжи со вообичаените методи на работа и покрај војната во Украина.

-Сега е замрзнато мислењето дека политиката на проширување е најуспешната политика на ЕУ, зашто членките на Унијата со години зборуваат дека сакаат прво да ја продлабочат ЕУ, а потоа да зборуваат за проширување на Унијата или во најдобар случај за прераспоред на моќта. Не можам да се потсетам на било која одлука на ЕУ која го подобрува позиционирањето на Унијата и овозможува влез на нови членки, бидејќи продлабочувањето е замрзнато, а со тоа е замрзнато и проширувањето, истакна Пендаровски.

Предочи дека постојано и драстично опаѓа поддршката за членство во ЕУ.

-Во изминатите 18 години јавната поддршка за членство  во ЕУ опадна за 25 проценти и  бугарската блокада на нашето членство не помогна во овој контекст. Би сакал директно да ни се каже – ова е нашиот план за вас, ЕУ да каже навистина сме сериозни во намерите за интегрирање на Западниот Балкан во економска, политичка и друга смисла инаку се повеќе луѓе ќе стануваат скептични за европскиот проект, рече Пендаровски и додаде дека автократските режими се повеќе се зајакнуваат во регионот.

Според хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, земјите од источното крило се изложени на злонамерното влијание на руската пропаганда – Грузија, Молдавија, Босна, и уште две земји Србија и Косово кои, вели, не се признаваат меѓусебе, но се дел од Западен Балкан. 

-Мора да се признаат меѓусебно инаку нема придвижување напред. Германија, Франција, нордиските земји, останатите држави членки – Словенија, Хрватска, претседателот Пахор има иницијативи, да е до нас веднаш ќе им дадеме секаков статус. Знаеме кој треба да се обвини, но Хрватска и Словенија не се пречка, Бугарија не треба да биде пречка.  Се работи за пречки од одредени земји. Шолц ја посети Србија и на првата прес-конференција ги искажа условите дека Србија треба да го признае Косово за да го олесни животот во Западниот Балкан. Вучиќ реагираше како што реагираше. Вучиќ рече „ова никогоаш не било никаков услов, зошто сега го изнесувате во оваа чувствителна фаза како услов?“ И искрено да кажам дека тоа нема да помине, и ова не е охрабрувачки, вели Милановиќ кој посочи и дека од друга страна има држави членки на НАТО кои не го признаваат Косово.

Словенечкиот претседател Борут Пахор се заложи за доделување кандидатски статус и на БиХ.

-Според мене, во овој момент кога Советот за неколку дена ќе дебатира за кандидатскиот статус на Украина и дури можеби и за Молдавија, и јас силно ја поддржувам таа одлука, би сакал лидерите да зборат и за БиХ. Единственото нешто кое тие би можеле да го сторат во овој момент кога Босна не ги исполнува тие 14 услови за да го добие статусот, е да заборавите на условите токму во овој момент, да им дадете статус и да и упатите силен сигнал на БиХ и да и речете – добро можеби сте малку побавни отколку што сакавме, но нема веќе да ја одлагаме одлуката, ова е геополитичко прашање ние би сакале да направиме нешто со вашата земја, ве молиме бидете со нас во ова откако ќе ви дадеме статус на земја кандидат и ќе соработуваме со вас за нешто да почне да се случува, рече Пахор.

Тој смета дека со ова ќе биде испратена порака не само кон БиХ, туку кон секоја земја во Западниот Балкан дека нешто навистина се случува во Брисел, дека постои силна политичка волја да се стори нешто во Брисел.

Претседателката на Косово Вјоса Османи-Садриу рече дека запирањето на евроинтеграциите навистина предизвика големи фрустации меѓу населението во регионот. Потсети дека Косово чека пет години на одлука на ЕУ да му додели визна либерализација, а тоа сеуште не е ефектуирано.

-Ова е лесна одлука затоа што ги исполнивме сите критериуми и затоа што апсолутно не постои никаква причина да се држат граѓаните на Коовово во едно гето. Кога станува збор за кандидатскиот статус на БиХ се надевам дека и Косово ќе го добие то аплицираме за тоа. Времето за тоа беше вчера, но колку поголем вакуум ќе остави ЕУ во ЗБ толку полоши ќе станат руските и кинеските влијанија во регионот. Прашањето е едноставно ако сакате да се борите против Русија и кинеското влијание признајте го Косово, дозволете да се случи визна либерализација, поддржете го кандидатскиот статус на Косово како и кандидатскиот статус на Босна. Сакате да се борите против руското влијание поддржете ја Северна Македонија и Албанија во патот напред, рече Вјоса Османи-Садриу.

Мило Ѓукановиќ, претседателот на Црна Гора, пак, нагласи дека војната во Украина ја отрезни ЕУ и не отрезни сите бидејќи таа е агресија против европскиот систем на вредности. ЕУ е движечка сила на европскиот континент и таа мора да преземе одговорност за идната конкурентност на Европа.

-Место јасно да се препознае дека ЕУ и НАТО, но пред се ЕУ,  имаат главна одговорност за европската иднина на секој европски регион имаме ЕУ која што се премислува, прво да ја продлабочат Европа па потоа да ја прошират. Тоа го уништи европскиот систем на вредности во Западен Балкан. Тврдам дека ќе ни требаат години да ги анулираат последиците од руската хибридна војна и уништувањето на Западниот Балкан. Важно е да бидеме свесни за тоа, рече Ѓукановиќ и порача дека ЕУ треба да се справи со нејзиниот недостаток на функционалност и поради спорот каков што е меѓу Северна Македонија и Бугарија.

На форумот специјален гостин беше украинскиот претседател Володимир Зеленски кој во видео обраќањето на сесијата на високо ниво „Што после војната во Украина?“, порача дека полноправното членство на Украина како и целосната европска интеграција на државите во регионот е историско зајакнување на Европа и целосно демонтирање на руската способност да не победи поединечно. Потребен, е нагласи тој, позитивен одговор на нашата и на вашата европска перспектива и благодарен сум што работиме на таа цел заедно.

– Сега е историски момент за Европа и европската безбедност, кога сите треба да одлучат – што е Европа и каква ќе биде Европа во иднина. Дали ќе биде слободна како што е сега? Дали ќе биде безбедна како што се навикнати повеќето Европејци? Дали ќе биде социјално и економски развиена, и што ќе ги инспирира општествата надвор од нејзиниот континент?, праша Зеленски.

На сесијата нсловена „Европскиот мировен проект во Западен Балкан“ шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас порача оти е невозможно да се замисли Европа без нејзиниот југоисточен регион.  

Војната во Украина ја нагласи стратешката важност на односот меѓу ЕУ и Западен Балкан, но нагласи и дека ЕУ останува незавршена работа.  Деветнаесет години по агендата од Солун 2003 година, ЕУ треба да направи се што може во овој дел, а партнерите треба да ги исполнат релевантните критериуми во согласност со критериумите и условеноста. Но истовремено ЕУ треба да го врати Западен Балкан на патот на којшто беше и тоа да го стори многу брзо . Грција се труди најмногу што може да придонесе кон овој колективен напор, рече Дендијас.

Бугарскиот европаретник и известувач во ЕП за Северна Македонија Илхан Ќучук истакна дека ангажманот меѓу европските институции и Северна Македонија и Албанија се многу силни и ќе продолжат да го прават тоа затоа што се од големо значење.

-Мислам дека статус квото како што го опишувате е лошо за ЕУ зашто ја губи кредибилноста како надворшено – политички, но и геополитички  актер. Тоа е загуба и за Северна Македонија како земја и за нејзинтие граѓани, зашто силно вррувам дека граѓаните на Северна Македонија заслужуваат да имаат евроатлантски отворен пат, зашто земјата се посвети и испорачува конркетни реузлтати, рече Ќучук и порача дека ЕУ мора да си опстои на своите ветувања кон регионот.

 

 

 

 

Пред почетокот на форумот, министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со медиумите, истакна дека овогодинешната тема е на линија на новиот безбедносен феномен, што од темел го разниша поредокот кој обезбедуваше цврста безбедност и долгорочна стабилност.

-Западниот Балкан неминовно е дел од оваа нова архитектура на меѓународните односи, особено од аспект на новата безбедноста архитектура на Европа. Тоа во моментов е најважната тема за нас, но и безбедносно прашање кое е високо на агендата и кај нашите партнери во останатиот дел од Европа. А во изградбата на иднината на Западниот Балкан како дел од европската безбедносна архитектура, централно место зазема европската и евроатлантската перспектива на регионот, истакна Османи

Форумот денеска продолжува со сесијата на тема „65 години после Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана?“, а ќе ја отвори премиерот Димитар Ковачевски како главен говорник.

На сесијата пак, насловена „Западен Балкан“ менаџирање во турбулентни времиња ќе го отвори вицепремиерот Бојан Маричиќ, а меѓу говорниците ќе бидат специјалните пратеници за Западен Балкан на САД заменик помошникот државен секретар Габриел Ескобар, на Велика Британија Стјуард Пич и на Германија Маниуел Сарацин и на Австрија Јоханес Ајгнер.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *