Во Охрид почнува Преспа форум за дијалог „Градење иднина на Западен Балкан во современата безбедносна архитектура“

Во Охрид денеска почнува дводневната меѓународна конференција Преспа форум за дијалог, во организација на Министерството за надворешни работи, чие овогодинешно издание го носи името „Градењето на иднината на западниот Балкан во современата безбедносна архитектура“.

Преспа форумот за дијалог ќе ги опфати најгорливите безбедносни, политички и економски прашања со кои денес се соочуваат Европа и Западниот Балкан, со посебен осврт врз импликациите на војната во Украина врз севкупните меѓународни, политички, безбедносни, економски прилики во Европа и пошироко.

Дискусиите ќе бидат поделени по сесии и панели, на кои активно ќе земат учество претседатели на држави, премиери, шефови на дипломати/други ресорни министри, како и меѓународни експерти.

Потврдено е учество на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателите на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, на Косово Вјоса Османи, словенечкиот претседател Борут Пахор, хрватскиот Зоран Милановиќ.

Меѓу учесниците се и премиерката на Србија Ана Брнабиќ, премиерот на Косово Албин Курти, потсекретарот на ОН за политички прашања Розмари Ди Карло, шефовите на дипломатиите на Австрија Александар Шаленберг, на Полска Збигњев Рау, на Хрватска Гордан Грлиќ Радман, на Турција Мевљут Чавушоглу, на Словачка Иван Корчок, на Грција Никос Дендиас, на Босна и Херцеговина, Ватикан, од САД помошникот државен секретар Габриел Ескобар.

На форумот ќе земат учество и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, генералните секретари на ОБСЕ, специјалните пратеници за Западен Балкан на САД, Велика Британија, ЕУ, Германија и Австрија, и бројни други ресорни министри за европски прашања, финансии, економија, животна средина, како и претставници на најважните меѓународни и регионални владини и невладини организации.

Домаќин на отворањето ќе биде претседателот Стево Пендаровски кој оваа година е покровител на настанот, кој ќе има и средба со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, по што двајцата ќе одржат прес-конференција.

Премиерот Димитар Ковачевски ќе земе учество на форумот, во негови рамки ќе оствари бројни средби, меѓу кои и со специјалните претставници за регионот, од САД Габриел Ескобар, од ЕУ Мирослав Лајчак, со Розмари Ди Карло, под-Генерален секретар на ООН за политички прашања.

Ковачевски в петок како главен говорник ќе ја отвори сесијата на тема „65 години после Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана?“.

На панел сесијата предвидено е учество и на премиерите на Србија Ана Брнабиќ, на Косово Албин Курти, Мајлинда Брегу, генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Матео Бономи експерт за економија од Меѓународниот институт во Рим.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *