Конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји

Армијата на Република Северна Македонија, е домаќин на петнаесеттата Конференција на началниците на Генералштабовите (НГШ) на армиите од балканските земји, која ќе се одржи денеска во Охрид.

Конференцијата ќе ја отвори началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, а обраќање ќе имаат претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски и заменикот на министерот за одбрана, Башким Хасани.

На конференцијата, како што соопшти МО, покрај дискусиите на темата на конференцијата: „Употреба на Вооружените сили во справувањето со најновите предизвици во национален и регионален контекст (најдобри практики)“, ќе се разгледуваат и можностите за зајакнување на начините на воената соработка помеѓу балканските држави, како и начините на спротивставување на сите современи безбедносни предизвици, ризици и закани во регионот. Ова првенствено е поврзано со реализација на заеднички обуки, како и со проценка на асиметрични закани на Балканот.

Покрај началникот на ГШ на Армијата на Република Северна Македонија како домаќин, на Конференцијата ќе учествуваат и началниците на генералштабови на Армиите на Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Романија, Србија, Турција, претставник од ГШ на Албанија и ЗНГШ на Војската на Црна Гора.

Како набљудувачи на Конференцијата ќе присуствуваат и НГШ на ВС на Хрватска, како и претставници од: Воениот комитет на ЕУ, Врховната команда на Сојузничките сили во Европа, Здружената команда на НАТО од Неапол и од Командата на Армијата на САД за Европа и Африка.

Форумот на началниците на Генералштабовите на балканските земји е основан по иницијатива на Грција и Турција во 2006 година. Официјално иницијативата е воспоставена од страна на началниците на Генералштабовите на балканските земји на 10 мај 2007 година во Брисел.

Во форумот учествуваат НГШ на армиите на девет земји членки (Албанија, БиХ, Бугарија, Грција, Северна Македонија, Романија, Србија, Турција и Црна Гора).

Конференцијата на началниците на балканските земји се реализира еднаш годишно на принцип на ротација, а досега се одржани четиринаесет конференции.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *