СПЦ го официјализираше прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА, се чека томосот од Вселенската патријаршија

Српскиот патријарх Порфириј му врачи акт на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г Стефан, со кој се потврдува одлуката на СПЦ, објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви. Патријархот Порфириј најави дека документот ќе биде доставен и до другите православни цркви. Со овој чин на СПЦ се отвори и процесот за стекнување на томос за автокефалност, кој двете сестрински цркви очекуваат да биде доделен од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј.

-По благодата Божја имаме прилика да го овенчаме тоа што веќе постои меѓу нас, а тоа е единството, кое во еден период беше нарушено, но е воспоставено во духот на Црквата, а тоа е Македонската црква – Охридската архиепископоија дека има не само услови потребни да се организира во контекст на автокефална црква и дека тоа е најдобар можен начин и метод за животот на нашите православи браќа и сестри во Северна Македонија. Затоа она што веќе го реализиравме преку служењето на литургија во Скопје, денеска чувствуваме и јавно пред сите да го објавиме документот, кој се нарекува Томос, изјави Порфириј по вчерашната литургија во Белград.

На архиерејската литургија во Соборниот храм на Свети Архангел Михаил во Белград служеа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот на МПЦ –ОА г.г. Стефан, јави дописникот на МИА од Белград.

За г.г. Стефан овој настан е правда за Охрид – словенскиот Ерусалим, и најави дека процесот продолжува со посетата на Вселенската патријаршија.

-Сега и Света Софија Охридска, врз кој се видливи сите наши лузни, ќе продолжи да биде храм на заедничките евхаристички радости да се напластува единството со сите православни цркви, порача поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г Стефан во беседата по заедничката архиерејска литургија во Белград во Соборниот храм на Свети Архангел Михаил со српскиот патријарх Порфириј.

Г.г Стефан потенцираше дека процесот продолжува со посетата на Вселенската патријаршија, каде на Педесетница ќе има литургија со Вселенскиот патријарх, по што се надева дека и останатите православни цркви ќе ја прифатат автокефалноста на МПЦ-ОА.

-Веруваме дека примерот на СПЦ кон нас ќе го подржат и останатите сестрински парвославни цркви, а Вие ваша светост направивте чекор со историско значење, како за за нашата МПЦ, така веруваме за целото православие, кажа архиепископот Стефан.

Поглаварот на МПЦ-ОА истакна дека со чинот е потврдена реалноста за автокефалниот статус на возобневаната Охридска архиепископија како Македонска Православна Црква.

-Еве и денеска додадовте нова радост, радост над сите радости, зошто за она што донеодамна разговаравме и договаравме, за она што нашиот Синод побара, а вашиот Собор архиерејски еднодушно се согласи и прифати, за Вие, ваша светост, на светата литургија во Свети Климентовиот храм во Скопје и го обзнанивте, за сето тоа денес во пишаниот документ во томосот да потврдивте, дека веќе е реалност афтокефалниот статус на возобневаната Охридска архиепископија како Македонска Православна Црква, истакна вчера г.г. Стефан.

Тој дополни дека со ова не е само документ со кој се отвора нова страница на вековната Охридска црква, туку е документ со кој се потврдува историјата на таа древна црква, и сите нејзини времиња и невремиња.

Како што посочи, се што се случувало изминативе 20 дена ќе биде забележано како исклучителни настани кои што доведоа до нов тек на нашите меѓуцрковни односи, а со тоа и за односите со сите помесни православни цркви.

-Евхаристиското единство, благословено со актот на Вселенската патријаршија, а од Вас покажано на дело преку заедничкото сослужување, со што се потврди нашето меѓусебно единство, единство во верата, произлегува од единствениот извор на љубовта и од Светиот дух, порача тој, потецирајќи дека овој настан е правда за Охрид, градот на словенскиот Ерусалим.

Во документот со кој Српската православна црква (СПЦ) и доделува автокефален статус на Македонската православна црква- Охридската архиепископија се наведува дека тоа е полна автокефалност и дека се однесува на матичната земја каде што делува МПЦ, како и на дијаспората. Патријархот Порфириј рече дека со тоа се потврдуваат претходните одлуки на Соборот на СПЦ за статусот на сестринската црква, и дека документот ќе биде доставен и до другите православни цркви.

Владиката Тимотеј смета дека документот што српскиот патријарх Порфириј му го врачи на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, е всушност акт со кој се потврдува написмено она што српскиот патријарх го соопшти во Скопје.

Тој вели дека ова е дел од процесот до конечно добивање на официјалниот томос од Вселенскиот патријарх.

-Сега почнува процесот. Тие се согласуваат и сега го даваат тоа во писмена форма. Ќе ги информираат сите православни цркви, и почнува процесот, рече владиката Тимотеј.

За настанот свое видување има и универзитетскиот професор и поранешен директор на Комисијата за односи со верските заедници Цане Т. Мојаноски кој вели дека доколку се случи БПЦ да не ја признае афтокефалноста на МПЦ-ОА тоа нема да влијае на доделувањето на Томосот од страна на Вселенската патријаршија.

-Ако ја погледнеме нивната практика дека се што е до 1944 година го присвојуваат како сопствен дел од историјата, такво поведение е можно. Но, што ќе значи за МПЦ-ОА ако една патријашија не ја прифаќа? Веројатно тоа прашање ќе стои отврено како што стои отворено прашањето за други православни цркви. Тоа нема да ја намали можноста МПЦ да е составен ден од православната екумена, да општи со неа. Во текот на јуни, нашиот архиепископ ќе богослужи на Фанар со вселенскиот патријарх. Да се надеваме дека таква заедничка литургија во иднина ќе стори и Бугарската православа црква, вели Мојаноски.

Но, додава, без разлика на тоа каков ќе биде ставот на Бугарската православна црква, тоа нема да влијае на доделување на Томосот.

-Тоа е прашање кое во јавноста создава забуни. Во православната црква долго време се заговараше идејата автокефалноста да се поврзува со консензусот на сите православни цркви. Тоа решение не стапи во сила што значи дека важечко правило е дека вселенскиот патријарх на основа на поднесокот, во случајот на СПЦ, дека ја поддржува и прифаќа автокефалноста на МПЦ-ОА ги известува другите помесни цркви. Тие потоа, секоја поединечно, ја вклучуваат таа црква во литургиите, вели Мојаноски.

На заседанието на Светиот архиерејски синод на СПЦ во мај беше донесена едногласна одлука за прифаќање на автокефалноста на МПЦ. За таа одлука гласаа сите 42 епископи на СПЦ.

По заедничката литургија на МПЦ и СПЦ во Скопје, патријархот Порфириј ја соопшти одлуката на Соборот, кој „едногласно и еднодушно излезе во пресрет на барањата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија“ и ја прифати нејзината автокефалност.

Патријархот потоа рече дека по „заедничкото извршување на техничките и организационите детали ќе бидат информирани сите други православни цркви кои ќе бидат поканети според својот канонски ред и поредок го прифатат автокефалниот статус на МПЦ-ОА “.

Вселенскиот патријарх на 9 мај 2022 година објави одлука за враќање на нашата Црква во канонско единство со останатите православни цркви. Познато е дека вселенскиот патријарх Вартоломеј уште во февруари 2022 година испрати писмо до СПЦ со апел да го реши процесот со МПЦ-ОА.

Г. г. Стефан на заедничка литургија со патријархот Порфириј во Соборниот храм во Скопје обзнани дека Вселенската патријаршија ја прифатила молбата на МПЦ-ОА за сослужение што ќе се одржи во храмот во Фанар на роденденот Црквата, на празникот Педесетница (12 јуни).

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *