Билатералните односи и прашања од глобален интерес во фокусот на Стратешкиот дијалог Северна Македонија – САД

Билатералните односи меѓу Скопје и Вашингтон, но за прашања од глобален интерес, ќе бидат во фокусот на стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, информира Министерството за надворешни работи.

На дијалогот што ќе се одржи во Вашингтон, присуствува владина делегација предводена од шефот на дипломатијата Бујар Османи, а во чии состав се и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за економија Крешник Бектеши и за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Дополнително, преку видео-конференциска врска на Стратешкиот дијалог ќе се приклучи и заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

– Значајно место во разговорите ќе имаат и темите од областа на регионалната соработка, одбраната и безбедноста, енергетиката, економската соработка, трговијата и инвестициите, културната соработка, како и прашањата од областа на образованието, демократскиот развој, борбата против корупција и сл.  Воедно, ќе стане збор и за евроинтегративните процеси на Северна Македонија и регионот, идното претседавање на земјава со ОБСЕ во 2023 година, како и актуелните безбедносни предизвици и нивните импликации врз трансатлантската безбедност, се наведува во соопштението.

Како што информира МНР,  по завршувањето на Стратешкиот дијалог ќе биде донесена Заедничка изјава меѓу Северна Македонија и САД, со која ќе бидат реафирмирани заедничките заложби за понатамошно надградување на билатералните односи и соработката меѓу двете земји.

Инаку, Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан што отвора Стратешки дијалог со САД, кој воедно претставува надградба на досегашното стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *