Петровска во посета на Воениот колеџ на копнената војска на САД во Пенсилванија

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во рамки на работната посета на САД го посети Воениот колеџ на копнената војска на САД во државата Пенсилванија, етаблирана и високо рангирана воено-образовна институција на американската армија.

Во Воениот колеџ, Петровска се сретна со генералот-мајор Дејвид Хил и со проректорот на Колеџот, д-р Џејмс Брекенриџ.

– Образованието на Воениот колеџ е согласно највисоките воени стандарди и навистина ми е задоволство што преку ИМЕТ програмата со САД, Северна Македонија испраќа свои офицери кои тука го до-усовршуваат своето воено образование. Таа практика ќе продолжи и ќе се интензивира, нагласила министерката на средбата.

Како што соопштија денеска од МО, Петровска потенцирала дека Армијата на Воениот колеџ на копнената војска на САД ги испраќа офицерите кои се планирани за поставување високи лидерски позиции имајќи предвид дека на овој Колеџ тие стекнуваат знаења на стратегиско ниво, запознавајќи се и решавајќи комплексни стратегиски предизвици. Додала дека постои сериозен потенцијал за продлабочување на соработката помеѓу Колеџот и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, реномирана воено-образовна институција која продуцира кадри за Армијата на Република Северна Македонија и армиите на земјите од регионот.

За време на посетата, министерката Петровска била брифирана за академските програми на Колеџот, а учествувала и на тркалезна маса со Катедрата за европски прашања, посветена на европската безбедносна политика, новата безбедносна реалност во Европа предизвикана од руската инвазија на Украина, како и регионалната соработка и предизвиците по регионалната безбедност.

Во Воениот колеџ на копнената војска на САД министерката Петровска се сретнала и со двајца офицери на Армијата кои во моментов се школуваат на Воениот колеџ, полковникот Наумоски и потполковникот Миленковски. Таа им порачала дека развојот на военото образование е клучот за успешна и професионална Армија и дека токму на овој начин можеме да изградиме поблиски односи помеѓу двете држави, посилна меѓуармиска соработка и лични контакти кои ни овозможуваат да функционираме како едно со сите сојузници во Алијансата.

Инаку, до денеска, десет офицери на Армијата биле дел од образовните програми на Воениот колеџ во Пенсилванија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *