Почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија во јуни, придонес за посилна Европа отпорна на влијанија од трети страни

Почеток на пристапниот процес за Северна Македонија и Албанија следниот месец, а со тоа и признавање на конзистентните напори на двете земји па патот кон евроинтеграцијата, побара вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој напомена дека тоа ќе биде заеднички ангажман за креирање на посилна и посигурна Европа, отпорна на какви било влијанија од трети страни.

Неодложен почеток на преговори со двете земји побара и шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, кој вчера од Скопје упати порака дека Грција работи засилено за обезбедување на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот и оти верува дека единствениот пат за да се постигнат тие цели претставува јасна и целосна поддршка на европската перспектива на Западниот Балкан.

– Бараме итно отворање на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ и повикуваме на преземање на сите напори за унапредување во кандидатски статус за членство во ЕУ на Босна и Херцеговина и Косово и поддржуваме напредок во преговорите за Црна Гора и Србија и посакуваме и работиме за создавање на одржлив и исполнет со содржина однос со Украина, Молдавија и Грузија, изјави Османи вчера во обраќањето на отворањето на панел дискусијата „Патот до Брисел“.

Османи, кој вчера во Скопје имаше и средба со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас, напомена дека закочените интеграциски процеси за Северна Македонија претставуваат извор на системска ранливост, чии ефекти негативно се прелеваат врз целиот регион.

– Искрено веруваме, дека ова се историски времиња кои налагаат цврсти и навремени одлуки. Императив е да се отпочне со веќе долго задоцнетиот пристапен процес на Северна Македонија и Албанија сега во јуни, за време на француското претседателство со ЕУ. Кога, ако не сега, нагласи Османи.

Тој се осврна и на идејата на францускиот претседател Емануел Макрон, нагласувајќи дека тоа се уште е иницијатива во зародиш и нема пишан документ што ги објаснува деталите, но дека од разговорите со сите претставници на земјите кои ја заговараат идејата е дека таа не претставува алтернатива.

–  Тоа што го кажуваат сите чинители, вклучени во развојот на оваа идеја, е дека тоа не е алтернатива на пристапниот процес во кој што се влезени земјите од Западен Балкан во последните 20 години, туку е нова иницијатива за политичка конвергенција во континентот на ЕУ, без притоа да влијае и да биде замена на ова што ние го имаме тука, изјави Османи.

За преговорите со Софија кажа дека продолжуваат конструктивно во изнаоѓање взаемно прифатливо решение, но напомена дека досега нема ништо ново.

-Двајцата премиери не охрабрија да продолжиме со разговорите и врз основа на тој мандат ние ќе продолжиме, но досега нема нешто ново и различно од тоа што досега сме го разговарале. Во момент кога ќе имаме, ќе ве информираме, рече Османи. Потсети дека Димитар Ковачевски и Кирил Петков пред три дена се сретнаа во Рим и упатија порака за продолжување на дијалогот за изнаоѓање взаемно прифатливо решение.

– Не можам да ги коментирам внатрешните динамики во Бугарија. Тоа што за нас е важно е дека ние тука имаме став по однос на тие прашања, кои што еве сега продолжуваме да ги комуницираме, и се надевам дека тоа ќе вроди со плод, изјави Османи.

Грчкиот министер Дендиас, од своја страна, вчера во Скопје рече неговата земја дава поддршка за европската перспектива на Северна Македонија и оти неговата посета на Скопје е за да покаже оти се „заедно со нас по патот кон Европа“.

– Сметаме дека сме ваш близок сојузник, ќе дадеме соодветни напори да се унапредат односите меѓу нашите земји на билатерално ниво и тоа се поддржува и од Акцискиот план кој е усвоен на првиот највисок Совет за соработка, рече Дендиас, потенцирајќи дека Грција е насочена кон верно и правилно спроведување на Договорот од Преспа.

Османи, пак, на заедничката прес-конференција со Дендиас, рече дека стартот на преговорите со Северна Македонија и Албанија е најдобриот начин да се врати еворпскиот кредибилитет во регионот, и оти во оваа насока го радува што ја имаме целосната поддршка на Грција.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ синоќа во интервју за „Клик плус“ на ТВ 21 рече дека треба да се стави јасно до знаење дека почнувањето на преговори е стратешки интерес за Европската Унија, не само за нас.

Вицепремиерот оцени дека португалскиот предлог за нас е прифатлив и нешто што Северна Македонија сметаше дека е фер решение.

И додека премиерите на Северна Македонија и на Бугарија земји охрабруваат продолжување на дијалогот, на бугарската политичка сцена според изјавите на официјалните претставници нема едногласност во однос на спорот со Скопје.

Бугарскиот премиер Петков, побара од претседателот Румен Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за спорот со Северна Македонија, но Радев му одговори дека за да го стори тоа најпрво сака да го слушне неговиот став за Северна Македонија.

-Консултативниот совет за национална безбедност е орган за помош во дијалогот и за барање на заедничко решение за важни национални прашања. Во однос на Република Северна Македонија не само што има широк консензус, туку тој е силно изразен. Властите треба да се на чисто со ова. Доколку дијалогот во самата владејачка коалиција е нарушен, тоа треба јасно да се каже и да се посочат причините за тоа, рече Радев на почетокот на неделава.

За тоа дека во Бугарија нема јасно изразена национална позиција вчера говореше и бугарскиот европратеник и известувач на ЕП за земјава, Илхан Ќучук.

– Бугарија нема за што да се грижи, најмалку да се обидува да избегне искрен, отворен разговор со Северна Македонија – како за минатото, така и за иднината. Но, очигледно е дека од национална гледна точка немаме јасно изразена позиција на ниво на власт. Ако оваа Влада треба да се критикува аргументирано – тоа е неможноста да постигне консензус за клучните прашања. Едно од нив е Северна Македонија, другото е односот кон Украина, коментира Ќучук.

Европратеникот и додаде дека е нелогично и тешко е да се објасни тезата дека ќе ја пуштиме Албанија, а за Северна Македонија ќе го гледаме прашањето од историски аспект.

– Оваа теза е многу тешка за објаснување. Европа тешко ги разбира заплетканите историски разговори, бидејќи мора да ја отвори Пандорината кутија за сопствената историја, а таа не сака да го направи тоа. Но, Европа ги разбира многу добро човековите права и слободи. И затоа фер е барањето Бугарите во Северна Македонија да бидат составен дел од македонскиот Устав, рече Ќучук за БНР.

Вели дека има зголемен и легитимен притисок од европските институции за решавање на прашањето со Северна Македонија и оти проширувањето е клучен приоритет на оваа Европска комисија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *