Ковачевски по посетата кај папата Франциск: Поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето делување

Пораките за надеж и желба за просперитет во постпандемскиот период но и во време на справуавање со најголемата криза досега одекнуваат силно по посетата и во тој дух верувам дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи, изјави премиерот Димитар Ковачевски по денешната средбата со папата Франциск во Ватикан.

Како што јави известувачот на МИА од Рим, Ковачевски и папата Франциск се согласиле дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето делување и политики.

Премиерот информираше дека е отпочната иницијатива за потпишување на договор, односно конкордат меѓу Северна Македонија и Светата Столица , со кој ќе се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и ќе се унапреди соработката во обласи од заемен интерес.

-Од огромно заедничко значење и интерес е и натамошното унапредување на институционалната соработка меѓу Националната библиотека „Св.Климент Охридски“ и Ватиканската библиотека за соработка и размена на искуства во реставрацијата , конзервацијата и дигитализацијата на материјалите на книжното наследство, како и за соработка меѓу Архивот на Ватикан и Државниот архив на Република Северна Македонија, изјави Ковачевски по тет-а-тет средбата и аудиенцијата кај папата Франциск по повод одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.

Ковачески додаде дека средбата со папата Франциск и особено средбата со државниот секретар Паролин ги искористиле за разговор околу можностите за соработка во областа на високото образование со иснтитуциите на Ватикан.

Поттик за оваа нивна заедничка желба, како што напомена, доаѓа од успешната соработка во областа помеѓу Папскиот универзитет „Урбаниана“ и универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.

-Почитувањето на разликите како еден од столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања како и негувањето на слободата и демократијата на Северна Македонија, додаде Ковачевски.

Тој напомена дека пораките за надеж и желба за просперитет во постпандемскиот период, но и во време на справуавње со најголемата криза досега одекнуваат силно по посетата и во тој дух, како што потенцираше, верува дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, поддршка за најранливите, еднаквост, толеранција и човечко достоинство.

Прашан какви се очекувањата од следната средба со бугарскиот премиер Петков, Ковачевски напомена дека ќе имаат средба на која ќе разговараат за напредокот на разговорите помеѓу Министерствата за надворешни работи.

-Денеска ние имавме состанок и со други официјални лица во Ватикан, со задолжени за межународни односи со секретарот на Ватикан исто така во текот на попладневните часови ќе имаме и средба со бугарскиот премиер. Јас и и бугарскиот премиер имаме редовна комуникација која што се одвива на најразлични теми и со оглед на тоа дека и тие денеска се во Рим, ќе имаме средба на која ќе разговараме за напредокот на разговорите помеѓу Министерствата за надворешни работи, рече премиерот Ковачевски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *