Скопје и Белград ќе инвестираат во железничката инфраструктура на Коридорот 10

Премиерите на Северна Македонија и на Србија Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ денеска најавија модернизација на железничката пруга долж Коридорот 10. Ковачевски истакна дека мора да се инвестира во железничката инфраструктура на Коридорот 10 заради зголемување на капацитетот и зголемување на брзините на транспорт, додека Брнабиќ потенцира дека еден од следните приоритети на српската Влада е брза железница од Белград до границата со Северна Македонија.

– Во однос на железничката пруга која што се гради во Србија премиерката ме информираше за плановите, а во исто време и јас неа ја информирав за нашите планови на изградбата на инфраструктурата. Ние имаме отпочнување на еден голем инвестициски циклус во Северна Македонија особено изградбата на Коридор 8, патната и железничката инфраструктура со оглед на тоа што Коридорот 10 што не поврзува со Република Србија и со Република Грција е комплетно изграден во делот на автопатското решение, рече Ковачевски.

Затоа кога разговараме со нашите европски партнери, посебно со ЕУ, со мултилатералните финансиски институции и кога разговараме за регионална соработка помеѓу двете земји, според премиерот, еден од приоритетите треба да ни биде и ќе ни биде заеднички настап во обезбедување на финансиски средства за модернизирање на железничката инфраструктура на Коридорот 10.

Српската премиерка Брнабиќ рече дека инфраструктурното поврзување и изградбата на патишта и пругите за што подобро поврзување на регионот е еден од основните столбови на регионалната соработка и поврзување.

– Тоа обезбедува не само економиите и стопанствата да се поврзуваат и еднакво важно е, ако не и поважно, во одредени ситуации е да се поврзуваат и луѓето, да имаме запознавање, размена на искуства, знаење, патување, нешто што гарантира подобра иднина на нашите земји. Република Србија многу вложи во инфраструктурно поврзува со регионот и изградба на патишта и уште повеќе ќе вложи во изградба на пруги, рече таа.

Брнабиќ изрази задоволство што во нејзиниот мандат е завршен Коридорот 10, и потенцира дека следен приоритет на српската Влада е брза пруга, односно комплетна  модернизација на железницата на Коридорот 10 односно пругата од Белград до границата со Северна Македонија.

Премиерите Ковачевски и Брнабиќ денеска во Скопје учествуваа на Регионалниот самит Македонија 2025, а имаа и билатерална средба.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *