ЕУ стави рок спорот да се реши до јули, ќе продолжи со притисок врз Софија и Скопје

ЕУ потврди ако спорот меѓу Скопје и Софија не се реши до крајот на француското претседавање ќе има длабока криза со регионот. Софија за кревање на ветото повтори дека очекува „конкретни чекори заедно да се изодат без какви било календари или очекувања“. Скопје, пак, порача дека сите услови за старт на преговорите со ЕУ се исполнети и сега на потег е Бугарија.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел вчера изјави дека поставува временска рамка за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, до крајот на француското претседателство, на 30 јуни, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Длабоко навлеговме во прашањето за односите со Бугарија, кое го блокира процесот,  за време на дебатата помеѓу земјите членки на ЕУ, и ова е нешто што мора да биде надминато, има политичка волја во Советот за да се избегне криза што би се случила ако не се реши до крајот на француското претседателство ставам временски рок. Ако не се случи ќе имаме сериозна криза во односите со земјите од Западниот Балкан, и ќе продолжиме да вршиме притисок врз двете страни да се изнајде решение, изјави Борел  на прес – конференцијата по Министерскиот совет за надворешни работи, на кој се одржа и посебна седница со министрите за надворешни работи од Западен Балкан за прв пат.

Тој потсети и дека Северна Македонија, заедно со Албанија и Црна Гора, се целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ и со санкциите на ЕУ против Русија, како и дека Северна Македонија и Албанија се наоѓаат на списокот на непријателски земји на Москва. Сево ова, посочи, ќе има цена.

-Треба да започнеме преговори со Северна Македонија и Албанија, и се надевам, повеќе од надеж и желба, дека тоа ќе се случи за време на француското претседателство, сметаме дека ова одлагање е неодржливо, рече Борел, додавајќи и дека двете земји ги исполнуваат сите услови што се бараат од нив, и ако немаат перспектива за ЕУ тоа ќе ја чини Европа многу во смисла на кредибилитет, а ќе претставува и подарок за Русија.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој учествуваше на оваа прва седница на формалниот Совет за надворешни работи на ЕУ со министрите од Западен �алкан, порачал дека на Бугарија е да го искористи политичкиот момент за спас на кредибилитетот на ЕУ во регионот.

Тој пред колегите од ЕУ предупредил на економските и политичките последици од конфликтот во Украина врз регионот, како и потребата да се спаси кредибилитетот на ЕУ токму во овој момент, со тоа што ќе се деблокира процесот на преговори со Северна Македонија. 

-Ќе повторам, топката е во Република Бугарија. Република Бугарија треба да одлучи дали ќе го искористи овој момент за целиот регион после овие случувања во Украина, дали ЕУ ќе преземе стратешко лидерство во регионот. Република Северна Македонија беше конструктивен партнер во овие разговори, во исполнувањето на овие критериуми. Се плашам дека може да се изгуби овој момент што го имаме сега. И како што реков на самиот Совет за надворешни работи, најголемиот подарок за Русија ќе биде токму уривање на кредибилитетот на ЕУ во регионот, изјави Османи и  потенцираше дека во овој момент нема договор меѓу двете страни којшто може да биде основа за потпишување на некаков договор, туку дека се разгледуваат начини да се вклопат различните пристапи во сеопфатно решение.

Османи ова го изјавил пред 27-те министри на ЕУ, меѓу кои и бугарската министерка, Теодора Генчовска, која, според изворите на МИА, не покажала флексибилност на состанокот. Во случај повторно Бугарија да ја блокира Северна Македонија во јуни, Османи вели дека ќе треба “да седнеме и да видиме“ како понатаму.

Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера на заедничка прес конференција со холандскиот колега Марк Руте во Софија, во однос на Република Северна Македонија, рече дека се работи за „конкретни чекори заедно да се изодат по овој пат и тоа не е функција на какви било календари или очекувања, туку функција на заедничка работа што треба да се направи заедно, што и го правиме“.

Бугарската Влада ќе ја достави темата до бугарскиот Парламент и, вели, се надева дека во блиска иднина ќе има напредок на оваа тема и дека европската иднина на Република Северна Македонија ќе стане реалност.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, изјави дека ние сме држава што го има поставено прашањето на правата на помалите етнички заедници на исклучително високо ниво и сме единствената земја во Европа што има министерство за помалите етнички заедници.

Одговорајќи на новинарско прашање дали Владата размислувате за формирање институција која ќе работи за правата на Бугарите како што побара неговиот бугарски колега Петков, Ковачевски, додаде дека единствено ние во Европа имаме законски решенија со кои се унапредуваат правата на помалите заедници во секој смисол – од користење јазици, преку еднаков пристап до вработување во јавниот сектор, до најразличните владини програми во рамки на Буџетот, како и преку другите институции што се формирани.

Во оваа држава, потенцира премиерот Ковачевски, сите граѓани имаат еднакви шанси за личен и професионален развој, тоа е уредено со Уставот, ставено е во програмата на Владата, а и Канцеларија на омбудсманот се грижи за правата на сите граѓани, вклучително и на бугарското малцинство, нагласи Ковачевски пред обраќањето на панел за социополитичко учество на младите.

Од Австрија, Словачка и Италија, пак, уште една потврда на силната поддршка за европскиот пат на С. Македонија и што поскоро отпочнување на пристапните преговори.

Шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг вчера од Брисел во пресрет на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ,  рече дека е потребен јасен сигнал во однос на Западен Балкан. – Пред 20 години му ветивме на регионот дека нивната иднина е во ЕУ. Сега треба да преминеме од зборови на дела, истакна австрискиот министер.

ЕУ не смее да ги „изгуби“ земјите од Западен Балкан, бидејќи тој регион е во центарот на Европа и за нас е клучен и геостратешки важен, подвлече тој, и предупреди дека Русија таму има голем потенцијал за да предизвика штета дури и без ниту еден испукан истрел.

– Треба сè јасно да се каже. Имаме големи очекувања од Франција, која претседава со ЕУ и која го најави Самитот за Западен Балкан. Мора да донесеме визна либерализација за Косово, како и да започнеме пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Ако зборуваме за Украина, мора да зборуваме и за БиХ, подвлече Шаленберг.

Словачкиот министер за надворешни работи, Иван Корчок, пред министерскиот Совет за надворешни работи на ЕУ, изјави дека една од неговите главни пораки ќе биде дека мора без одлагање да започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија, кои чекаат повеќе од две години за одржувањето на првата Меѓувладина конференција, блокирана од Бугарија.

-Не постои причина за дополнително одлагање на почетокот на преговорите, тоа е тоа што земјите го очекуваат, еднаш кога ќе ги исполните важните критериуми, ние мораме да испорачаме и тоа мора да го сториме сега. И, што е поважно, затоа што гледаме други конкуренти на Западен Балкан, така што уште еднаш ова ќе биде најдобар наш сигнал, изјави Корчок, за кого ова е дотолку поважно во контекст на војната во Украина.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и заменик министерот за надворешни работи на Италија, Венедето Дела Ведова од вчерашната билатерална средба на маргините на 7. годишен Форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско – јонскиот регион, излегоа со порака дека стабилноста на ЕУ ќе зависи од европската перспектива на регионот и оти време е за активирање на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

На средбата беше истакнато и дека „билатералните прашања не треба да бидат пречка за да ги почнеме преговорите со ЕУ, зашто ние одамна сме ги исполниле условите и обврските“.

– Обединувањето на регионот во европското семејство ќе ја зацврсти стабилноста и ќе го врати кредибилитетот на Унијата помеѓу граѓаните од регионот и ќе овозможи зацврстување на нејзината улога како глобален лидер, со што ќе се потврди успешноста на европскиот проект – Европската Унија, рече Маричиќ.

Дела Ведова ја потврди силната поддршка за македонската европерспектива и изрази верување дека почнувањето на преговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ ќе се случи што е можно поскоро.

Советот на Амбасадори во земјава ја поздравува изјавата на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Г-7 и Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, изразена во зеадничка Декларација од завчерашната средба во германското место Вајзенхаус дека силно го поддржуваат брзото отворање на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ и со тоа ја афирмираат нивната определност за поддршка на европската перспектива на шесте земји на Западен Балкан со цел да се обезбеди сигурноста, стабилноста и просперитетот на регионот.

Во однос на одлагањето на меѓувладината средба со Република Бугарија која требаше да се одржи овие денови поради „неисполнување на задачите„ од страна на Северна Македонија, како што соопштуваат бугарските институции, Советот на амбасадори го изразува своето разочарување од, како што наведуваат. несериозниот и условувачки пристап на бугарските државни институции кон унапредувањето на пријателските билатерални односи меѓу двете земји и смета дека тие односи може да се унапредуваат единствено со взаемно прифаќање и почитување на европските вредности.

Совет на Амбасадори, воедно, во вчерашното соопштение ги повикува бугарските државни институции конечно да го симнат ветото против Северна Македонија со цел да придонесуваат на просперитеот, мирот и безбедноста на регионот во овие кризни времиња.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *