Делегацијата на Европската Унија заедно со Европската куќа ќе го одбележат Денот на Европа 2022 година преку низа активности организирани под слоганот #ThinkForward.
Како што соопшти Делегацијата на ЕУ во земјава, со оглед на тоа што 2022 година е Европска година на младите, програмата вклучува голем број активности кои се посветени ним и кои ги вклучуваат младите.
Главниот јавен настан ќе биде концертот на меѓународно признатиот филмски композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев, што ќе се одржи в недела на 8 мај.
Програмата за Денот на Европа за 2022 година започна вчера со изложба на уметнички дизајнирани портрети на млади луѓе под наслов „Иднината на Европа“ поставена во трговскиот центар „Ист Гејт“ во Скопје.
– Северна Македонија има извонредни млади луѓе полни со талент, енергија и идеи, кои се вистински носители на европските вредности. Личностите прикажани на оваа изложба се само дел од многуте успешни млади луѓе од Северна Македонија. Тие беа избрани по случаен избор, врз основа на нивните достигнувања во одредени области, што ги претставува сите средини. Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 05 јуни 2022 година, наведува ЕУ делегацијата.
Делегацијата додава дека денеска напладне, Младинска конференција #ThinkForward: МЛАДИТЕ АКЦИЈА СЕГА! која ги таргетира младите од Западен Балкан (WB6) во сета нивна различност, ќе почне во Јуроп Хаус Скопје во форма на динамично шоу – ќе има вклучување во живо со Јуроп Хаус во Крива Паланка и Струмица, како и со младите во Приштина, Подгорица, Сараево, Тирана (Европска младинска престолнина за 2022 година) и Нови Сад (Европска престолнина на културата за 2022 година).
Амбасадорот Дејвид Гир, Шеф на Делегацијата на Европската унија и младите европски амбасадори Рената Пенчова и Александар Каратошо ќе имаат интеракција со младите од WB6 од Јуроп Хаус Скопје. Промотивниот настан ќе се пренесува во живо на https://www.facebook.com/Delegation-of-the-European-Union-Skopje-199770503767478 а понатаму ќе се емитува на националната телевизија МТВ на 9 мај во 17:45 часот.
Работниот дел од конференцијата ќе се одржи на 9 и 10 мај во Младинскиот културен центар каде ќе се сретнат 30 млади луѓе од целиот регион на Западен Балкан за да разговараат за решенија за подобра свест за менталното здравје, зајакната регионална соработка и помирување како и за Европскиот зелен договор. Оваа конференција се организира со поддршка на Советот за регионална соработка (RCC) и скопскиот огранок на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).
Младите учесници на конференцијата потоа ќе ги презентираат заклучоците од својата работа пред премиерот и ресорните министри од Владата на Северна Македонија – како партнери и клучни актери за промени на подобро. Ова ќе се направи на седницата „Преземање од страна на Владата“ на 12 мај во 13:30 часот, која Владата ќе ја пренесува во живо.
Главниот јавен настан ќе биде вечерен концерт на отворено на меѓународно признатиот филмски композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев, кој ќе се одржи во Градскиот парк во Скопје, во недела на 8 мај во 20:15 часот. Ансамблот на Дуке Бојаџиев од двајца наратори и 25 члена оркестар ќе изведе спој на оркестарска и филмска музика, некои традиционални балкански композиции и вечната љубовна поезија на Руми на македонски и албански јазик. Концертот е замислен како уникатно кинематографско искуство, кое ќе претставува и молитва за мир во светло на тековната војна во Украина. Концертот ќе биде отворен за јавноста и директно ќе се пренесува на националната телевизија МТВ.
Дизајнот на визуелните слики за Денот на Европа 2022 е Зоран Кардула.
Програмата за Денот на Европа во 2022 година ќе биде завршена на 5 јуни, како Светски ден на животната средина, со предавање на наградата „Најзелена општина“, што ја промовираше Делегацијата на ЕУ како дел од кампањата за промоција на Зелениот договор на ЕУ.