Северна Македонија е на 57-мо место на листата од 180 земји според Индексот на слобода на медиумите на Репортери без граници за 2022 година, што е скок од 33 позиции во однос на лани кога беше рангирана на 90. место.
Во Извештајот за државава се наведува дека иако новинарите не работат во непријателска атмосфера, распространетите дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.
– Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои објавуваат плагијат и прават копи-пејст на таквата содржина. Исто така, постои голем јаз помеѓу употребата и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверливост, стои во Извештајот во однос на медиумскиот пејзаж.