Вархеји: Немаме време за губење – процесот треба да се забрза, Северна Македонија е дел од Европа

Посветени сме да ги продолжиме напорите за почеток на преговори со Северна Македонија пред завршувањето на француското претседателство со Европската Унија во овие клучни времиња, објави еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји по средбата со премиерот Димитар Ковачевски претпладнево во Владата.

– Ја почнав посетата на Северна Македонија со средба со премиерот Димитар Ковачевски. Северна Македонија е дел од Европа! Немаме време за губење, треба да се забрза процесот!, напиша Вархеји на Твитер.

Претходно на средбата во Влада со премиерот Ковачевски, и двајцата се согласиле дека европските интеграции на Северна Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска Унија.

– Сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна, заеднички констатираа Ковачевски и Вархеји.

Ковачевски нагласи дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на респект и достоинство, за што се согласиле со премиерот Петков при воспоставувањето на дијалогот и очекува односи на оваа база.

– Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската Унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави и заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, рече премиерот Ковачевски.

Ковачевски и Вархеји разговараа и за актуелни прашања поврзани со предизвиците од војната во Украина и за европерспективите на регионот.

Вархеји оствари средба и со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во Секретаријатот за европски прашања, а ќе се сретне и со шефот на дипломатијата Бујар Османи, како и со претставници на политичките партии.

Еврокомесарот Вархеји пред денешната посета на Скопје, вчера од Софија упати порака прашањето за почеток на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ да се реши до јуни годинава. Тој изрази крајно разочарување што се уште се разговара за ова прашање.

– Кога сум веќе во Софија, има уште едно големо прашање кое не може да се избегне, а да не се продискутира – а тоа е кога ќе ги имаме првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија и кога ќе почнеме да испорачуваме кон овие земји, рече Вархеји во обраќањето на Регионалниот форум за односите меѓу Европската Унија и Балканот (EU meets Balkans) во Софија.

Вархеји нагласи дека ЕУ нема ниту време, ниту интерес да се одложуваат првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана.

– Сите земји членки треба да ја разберат трансформативната моќ на процесот на пристапување. И ова е пораката што ја носам во Софија повторно, бев тука пред три седмици и ќе доаѓам колку што е потребно за да се реши ова прашање во јуни годинава, бидејќи војната во Украина ни покажа дека ниту имаме време за губење, ниту интерес да се одложува овој процес, подвлече Вархеји.

Во Софија вчера Вархеји на средба со бугарскиот премиер Кирил Петков разговарал за актуелната состојба на Западниот Балкан, во контекст на кризата предизвикана од руската воена инвазија на Украина и последните случувања во дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија. Петков на средбата ја потврдил желбата за изнаоѓање заемно прифатливо решение за отворените политички прашања со земјава, имајќи ги предвид дека станува збор за теми што се чувствителни за Бугарија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *