Ковачевски – Вархеји: Деблокадата на евроинтеграциите е потреба и сега е моментот за тоа

Сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна, ова на средбата во Влада го констатираа премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, кој денеска е во посета на Скопје.

Како што соопшти владината Прес-служба, Ковачевски и Вархеји, исто така, се согласија дека европските интеграции на Северна Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска Унија.

Ковачевски нагласи дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на респект и достоинство, за што се согласиле со премиерот Петков при воспоставувањето на дијалогот и очекува односи на оваа база.

– Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската Унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави и заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, рече премиерот Ковачевски.

Ковачевски и Вархеји разговараа и за актуелни прашања поврзани со предизвиците од војната во Украина и за европерспективите на регионот.

Вархеји оствари средба и со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во Секретаријатот за европски прашања, а ќе се сретне и со шефот на дипломатијата Бујар Османи, како и со претставници на политичките партии.

Еврокомесарот Вархеји пред денешната посета на Скопје, вчера од Софија упати порака прашањето за почеток на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ да се реши до јуни годинава. Тој изрази крајно разочарување што се уште се разговара за ова прашање.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *