Османи-Ауреску: Почетокот на преговори неопходен чекор во насока на засилената безбедносна улога на регионот

Романија е цврст поддржувач на пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија. Војната во Украина покажа и колку е важна европската интеграција како силен гарант за стабилноста на целиот континент. Стартот на преговорите со Северна Македонија и Албанија не само што е правичен, заслужен, туку во моментов претставува и потреба или неопходен чекор во насока на засилената улога на регионот во безбедносната архитектура на континентот, се согласија шефот на дипломатијата Бујар Османи и неговиот романски колега Богдан Ауреску, кој е во официјална посета на земјава.  

– Со Северна Македонија имаме одлични билатерални односи и сме одлични партнери во Северноатлантската алијанса. Романија е цврст поддржувач на пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија. Во исто време тесно работиме на комплексни прашања, дискутиравме како да се справиме со ефектите од руската инвазија врз Украина. Во тој контекст среќен сум што помогнавме за евакуација на македонски државјани од Украина преку Романија, рече Ауреску.

Тој информираше дека со Османи разговарале како да се зајакне економската соработка, и за разлика од минатата година сега имаме зголемување на трговската размена од 17,4 отсто но секогаш можеме да направиме повеќе бидејќи потенцијалите на нашите економии се одлични.

– Северна Македонија за Романија е втор по големина трговски партнер на Западен Балкан и затоа договоривме средба меѓу стопанските комори што ќе се одржи што е можно побрзо. Разговараме и да поддржиме заеднички проекти во областа на културата, енергетиката, образованието, туризмот, како и да ја подобриме конекцијата меѓу двете држави. Во тој поглед директна авионска линија меѓу нашите две престолнини е приоритет на кој треба да работиме, рече тој.

Ауреску информираше дека со Османи потпишале Меморандум за соработка меѓу двете министерства за надворешни работи за дипломатска обука, бидејќи, како што рече, обуката на дипломатите во овие денови е се покомлексна и повеќедимензионална.

Во однос на ситуацијата во Украина, Ауреску рече дека со Османи повториле осудата на оваа руска агресија и таргетирањето цивили и сите одговорни за овие злосторства треба да излезат пред лицето на правдата.

Шефот на романската дипломатија истакна и дека му честитал на Османи за целосната усогласеност на надворешната политика на Северна Македонија со таа на ЕУ и поддршката на санкциите за Русија.

Османи од своја страна информира за двата меморандуми што ги потпишал со Ауреску, едниот за соработка во областа на дипломатските обуки и вториот за примена на Договорот за социјално осигурување помеѓу Северна Македонија и Романија.  

– Имаме пристојна економска размена од околу 350 милиони евра на годишно ниво која секако не е доволна и не го исполнува потенцијалот на двете земји. Преземаме обврска да ги обновиме сите економски и трговски релации со цел да им обезбедиме простор на бизнисите да ги осознаат и искористат потенцијалите за економска соработка, рече Османи.  

Османи се заблагодари на Аурески за помошта при повлекувањето на нашите граѓани од Украина, кон користењето на безбедносните коридори па се до можноста да ги користиме конзуларните претставништва на Романија во Југозападниот дел на Украина, од каде нашите дипломати ги извлекуваа жителите. 

– Воената инвазија од страна на Руската Федерација секако беше една од главните теми за разговор. Како земја кандидат Северна Македонија во целост или попрецизно сто проценти е придружена кон заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, вклучувајќи ги сите мерки и санкции кои ги има преземено ЕУ. Заедно со Албанија и Црна Гора тие исто така имаат сто проценти усогласеност по ова прашање со Унијата се создава едно европско крило на земји од Балканот кои целосно ја спроведуваат европската меѓународна агенда, рече Османи.  

Тој рече и дека го информирал Ауреску за посетата во рамки на тројката претседавачи со ОБСЕ на пограничните места вдолж полско-украинската граница.

– Полска, Романија, Молдавија и другите држави кои граничат со Украина овој период се соочени со предизвикот на хуманитарна катастрофа предизвикана од воените дејствија. Ние сме подготвени доколку е потребно да биде побарано да преземеме обврска за прифаќање на бегалци од Украина и стоиме на располагање за каква било поддршка која ќе биде побарана, рече Османи.

Во рамки на посетата на прифатниот центар во Полска, додаде тој, се уверив дека овие држави навистина прават многу за да обезбедат пристојно прифаќање на загрозените граѓани од Украина.

– Но, и без разлика овие граѓани посакуваат да се вратат во своите домови, да се вратат на своите работни места, во своите училишта, во своите маала меѓу своите пријатели. Оттука, единствено што можеме да сметаме за успех е прекин на сите воени дејствија, враќање на сите отворени прашања во рамки на дипломатијата и враќање на бегалците и раселените лица во своите домови.   А токму оваа воена агресија на европско тло покажа колку е кревка и сложена целата безбедносна архитектура на Европскиот континент. истакна Османи.

Според него, важно е што како земји членки на НАТО Северна Македонија и Романија заедно со другите партнери сме обединети и одлучни во одбраната на териториите на сите земји членки согласно членот 5 од Вашингтонскиот договор. 

За Османи оваа безбедносна закана покажа и колку е важна европската интеграција како силен гарант за стабилноста на целиот континент.

– Стартот на преговорите со Северна Македонија и Албанија не само што е правичен, заслужен, туку во моментов претставува и потреба или неопходен чекор во насока на засилената улога на регионот во безбедносната архитектура на континентот.  

Поддршката од страна на Романија за нашиот ЕУ-пристапен процес е јасна, неспорна и гласна и за тоа сакам посебно да изразам благодарност. Романија е непосреден сосед на Западниот Балкан, географски и дел од Балканскиот Полуостров, а во еден општествео-историски контекст одблиску присутна и одблиску запознаена и со односите меѓу земјите на Балканот. Оттука, поддршката на Романија има посебно значење. Уште повеќе се цени кај останатите земји од ЕУ и светот и во таа насока сакам да повторам дека за нас е важно што Романија ја имаме како пријател и подржувач.  

Османи му се заблагодари на Ауреску во однос на македонското малцинство во Романија и за прогласувањето на 8 Декември како Ден на македонскиот јазик во Романија, како што рече, е важно во негувањето на културните, лингвистичките вредности на македонското малцинство во Романија.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *