Пендаровски-Ѓукановиќ: Унапредување на економската соработка меѓу Црна Гора и Северна Македонија врвен приоритет

Односите меѓу Северна Македонија и Црна Гора се одлични, а наша задача е да го одржуваме ова високо ниво, за нашите народи да продолжат со блиските врски и во иднина. Унапредувањето на економските врски треба да биде врвен приоритет, се согласија на заедничката прес-конференција во Подгорица претседателот Стево Пендаровски и неговиот домаќин црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.

Пендаровски, кој е во прва официјална посета на Црна Гора, информира дека разговарале и за актуелните состојби во регионот и се согласиле дека во светло на војната во Украина, тие добиваат поинаква динамика, јави известувачот на МИА.

– Денес, кога сведочиме на ужасните злосторства предизвикани од руската инвазија на Украина, сметаме дека тоа треба да значи и пресвртница во односите помеѓу ЕУ и регионот. Европските интеграции се процес кој овозможува длабинска трансформација и реформи во насока на демократизација на општествата и не случајно Европската Унија е стратешка цел и на Северна Македонија и на Црна Гора. Особено ја цениме принципиелната позиција на Црна Гора за наметнатите пречки на нашиот европски пат, препознавајќи го ризикот за сите нас од внесување на билатерални прашања во европската агенда, истакна Пендаровски.

Шефот на државата нагласи дека нашите преговори за членство се тест за кредибилитетот на Европската Унија.

– Потребни се стратешки одлуки веднаш, во спротивно трендовите на опаѓање на граѓанската поддршка за интеграциите кои се видливи ќе стануваат се посилни, нагласи Пендаровски.

Во контекст на економската соработка, Пендаровски рече дека пандемијата неспорно ги оптовари нашите стопанства, а војната во Украина покажа дека без оглед на фактот што воените дејствија се одвиваат на илјадници километри далеку од нашиот регион, меѓузависноста од светските пазари на енергенси и на основни животни продукти драстично влијае и врз нашите економии.

– Ме радува што со претседателот Ѓукановиќ делиме слични погледи за потребата од поблиска соработка, со цел, полесно да ги надминеме овие заеднички предизвици. Во тој контекст разговаравме за повеќе прашања од доменот на билатералните односи, при што, заеднички заклучивме дека унапредувањето на економските врски треба да биде наш врвен приоритет, истакна Пендаровски.

Тој рече дека со Ѓукановиќ се осврнале и на соработката во рамките на НАТО.

– Рускиот напад во Украина на многу јасен начин ги потврди придобивките од нашето членство во Алијансата. Ужасот кој го гледаме во Украина, мислевме дека е невозможен на европско тло по страшните војни од минатиот век. За жал, сведочиме на страдањата на милиони граѓани, пред наши очи се одвива огромна хуманитарна и бегалска криза, истакна Пендаровски.

Според него, потребна ни е солидарност и уште поголема соработка за да излеземе на крај со последиците на руските воени дејствија во Украина.

– Како дел од НАТО стоиме зад сите негови одлуки, а како земја-кандидат за членство во Европската Унија сме сто проценти усогласени со заедничката европска безбедносна и надворешна политика. Во таа смисла се приклучивме кон сите пакети на санкции на ЕУ насочени кон Русија, потсети Пендаровски.

Ѓукановиќ од своја страна рече дека Северна Македонија ја сметаат за партнер во поширокиот контекст на евроатлантски интеграции, држава која ги застапува европските ведности.

– Тоа е рамка на нашата досегашна соработка втемелена на заедничките вредности. Црна Гора и Северна Македонија бескомпромисно ја застапуваат мултиетничката деморкатија и европскиот системна вредности. Како земја пријател Црна Гора ги следи проблемите со кои се соочува Северна Македонија на патот кон ЕУ. Го поздравуваме она што Северна Македонија го направи во изминатите години по долгогодишниот застој во процесот на ЕУ интеграции, ја поздравуваме жрвата што Северна Македонија ја поднесе и конструктивните иницијативи со Преспанскиот договор, со што се создаде забрзување на ЕУ интеграциите, рече Ѓукановиќ.

Тој изрази жалење што денес Северна Македонија се соочува со друга опструкција на патот кон Европската унија.

– Се надевам дека неодамнешните избори во Бугарија сепак отворија една перспектива за договор и  отворање јасна и догледна перспектива за Северна Македонија. Црна Гора секогаш отворено се залага првиот чекор во интезивирањето на европската агенда на Западен Балкан да биде без одложување почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија. Веруваме дека тоа може да се случи веќе за време на француското претседателство со ЕУ и Црна Гора смета тоа ќе биде голем придонес за вкупната европсика перспектива на Западен Балкан, нагласи Ѓукановиќ.

Според него, за регионот каков што е Западен Балкан исклучително е важен поттикот што треба да дојде од Брисел од другите важни европски политички центри.

– Ситуацијата со Украина треба да придонесе за долгорочна посветеност на европските инстуиции на прашањето за натамошно проширување на ЕУ, односно потполно обединување со што ќе се опфатат и земјите од Западен Балкан, оцени тој.

Црногорскиот претседател изрази задоволство од досегашната билатерална соработка проследена со  високо политичко разбирање.

– Постојат сериозни капацитети за унапредување на билатералната соработка пред се во областа на економијата и важна претпоставка за тоа е поквалитетно сообраќајно поврзување и оттука задача на двете влади и држави е да го осмислат полесното поврзување на двете земји, истакна Ѓукановиќ.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *