Собранието на Македонија вчера во тензична атмосфера во која беше избегната и физичка пресметка меѓу поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и претседателот на законодавниот дом Талат Џафери, го донесе Законот за употреба на јазиците. Џафери тврди дека се е направено законски и деловнички. ВМРО-ДПМЕ, пак, не го признава законот, го смета за неуставен и ќе оспори пред Уставниот суд, а против Џафери ќе поднесе кривична пријава. Проитв законот повторно се огласи и шефот на државата Ѓорге Иванов, кој најави дека повторно нема да го потпише.
Законот беше донесен со 64 гласа „за“ без да се отвори амандманска расправа. Носењето на Законот го одбележа инцидент меѓу Груевски и Џафери. Пред иницидентот пратениците од опозициската партија, кои не добија можност за процедурална забелешка, се собраа пред претседателската маса, негодуваа и викаа дека амандманите над 35.000 што тие ги поднесоа мора да бидат разгледани, а во еден момент Груевски ја зеде чашата со вода што стоеше пред спикерот и ја истури по масата. Потоа се упати од другата страна на масата каде што седи претседателот на Парламентот и ја извади неговата картичка од системот. Инцидентот заврши со интервенција на собраниското обезбедување и обезбедувањето на претседателот на Парламентот.
Џафери на почетокот на продолжението на 32. седница најнапред ја прескокна точката со Законот за употреба на јазиците, и остави за него да се гласа како последна точка. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бареше Комисијата за мандатно имунитетни и деловнички прашања да се изјасни за тоа дали треба или не да се разгледуваат поднесените амандмани за законот и второто, да се разгледаат амандманите на самата седница, што не беше прифатено од Џафери.
На прес-конференција подоцна запрашан зошто не отворил амандманска расправа Џафери рече: „Член 173 став 3 точно утврдува можност да се поднесат амандмани, но член 172 од Деловникот упатува дека откако нема да биде потпишан Указот од претсеателот Законот се враќа во собраниска процеура во трето читање. Член 164 став 2 од Деловникот, децидно зборува за фактот дека во трето читање амандмани може да се достава само по делови кои во второ читање биле измените или дополнети со амандмани. Имајќи предвид дека законот во второ читање не претрпи никаква измена и претседателот на Собранието се впушти да го спроведе член 164 став 2“.
Џафери рече дека нема да дозволи во неговиот мандат во Собранието да се повторат 24 декември 2012 година и 27 април 2017 година и оти од денот кога стапил на оваа функција бил свесен за сите предизвици пред кои ќе се најде.
За оспорувањето на уставноста на Законот, тој рече дека за тоа единствено надлежен е Уставниот суд откако ќе биде донесен законот.
Став од пратеничката група на СДСМ за ваквиот начин на носење на законот не беше изнесен.
Владејачката партија преку соопштение посочи дека случувањата во Собранието потврдија дека токму Никола Груевски стои зад обидите да се блокира работата на Собранието и зад обидите да се блокираат реформските процеси и евро-атлантската перспектива на Македонија. Исто така тоа е потврда, сметаат во СДСМ, дека Христијан Мицкоски е само марионета на осомничениот Груевски и дека воопшто не поседува капацитет за да ја реформира ВМРО-ДПМНЕ.
– Тоа што ВМРО-ДПМНЕ претходно веќе го прифати Законот за употреба на јазиците, како и тоа што од 35 илјади, речиси 33 илјади амандмани се однесуваат само на казнените одредби, докажуваат дека поднесените амандмани на ВМРО-ДПМНЕ немаат врска со законот туку служат само за блокада на Собранието, се посочува во соопштението од СДСМ.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа одржа прес-конференција на која кажа дека неговата партија ќе поднесе кривична пријава против Џафери за, како што наведе, флагрантно кршење на Уставот и на законите. ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, нема да го признае законот и ќе поднесе иницијатива за оценување на неговата уставност.
– Денеска флагрантно се прекршени Уставот и законите, а владејачкото мнозинство, СДСМ и Зоран Заев, ја поништија волјата на граѓаните, изјави Мицкоски.
Законот, како што истакна, е неуставен, неприменлив и штетен, договор меѓу СДСМ и ДУИ, без одобрение од граѓаните.
– Носењето на ваков противуставен закон не е само удар врз правото, туку и врз соживотот. Некој свесно не турка повторно во непосакувано сценарио во кое влогот е РМ. Држава во која не владее правото, е разнишана држава, рече Мицкоски.
Како државотворна партија ВМРО-ДПМНЕ, според него нема да ја напушти масата за преговори за реформските закони.
Претседателот Ѓорге Иванов, пак, најави дека повторно нема да го потпише указот за прогласување на законот. Според него, по својата репресивна содржина, и по насилниот начин на кој е донесен Законот за употреба на јазиците, не е израз на демократијата.
– Уставот и совеста не ми дозволуваат да ставам потпис на Указ за прогласување на ваков закон, истакна во своето обраќање до претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
I enjoyed reading this article. Its well-written and thought-provoking. Lets chat more about this topic. Check out my profile!