ЉУБОЈНО, ПРЕСПА – РОДНОТО МЕСТО НА БОШКО РАЈЧОВСКИ – ПЕЛИСТЕРСКИ

 

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „БОШКО РАЈЧОВСКИ-ПЕЛИСТЕРСКИ“ ОД АВТОРОТ СЛАВЕ КАТИН

Преспа, сите населени места под Пелистер и Галичица, а и другите преспански печалбарски села и Преспа се празнично расположени во текот на август. Овој живописен крај широко ги отвора вратите за печалбарите, да се вратат во своето родно место, на своето огниште. Голем број од тие “талкачи по светот” доаѓаат да се видат со своите најблиски, Илинден, на Илинденски средби, манифестација што се одржува на 2 август секоја година во Преспа. Преспа како и многу други места од Западна Македонија најмногу е познат по печалбарството. Од памтивек од овој крај се одело на печалба.

Печалбарството во Преспа оставило многу траги кои зборуваат за тагата на разделбата, за неостварените желби, за тешкиот живот, зборуваат за неизносените невестински руби и за детството без родителска            љубов.  Така, се јавија новите топоними “женски мост”, “плачи камен”, “плачи круша” итн. Тоа се места на разделбите на штотуку мажените невести, на родителите од синовите, на децата од родителите. Тоа се места оплакани со солзи, места на разделби.

Кој во Македонија ќе дојде, во Преспа треба да појде” вели старата македонска пословица. Тгаму во живописните предели на Преспа очите повеќе се отвораат од било каде на друго место. Таму длабоко се чувствува чистиот воздух што доаѓа од високите и убави елки и борови и букови шуми на Баба и Иван Планина, на Бигла и Галичица, како и од убавото Преспанско Езеро. Тоа е предел што за секој посетител отвора широк хоризонт, се отвора со сета своја убавина и е на дофат на секој вљубеник на природните реткости.

Таму, Преспа, во пазувите на Баба Планина недалеку од Преспанското Езеро, а на неколку километри од границата меѓу Југославија и Грција, се наоѓа живописното село Љубојно. Тоа е типично македонско, преспанско, печалбарско место од кое, како и од голем број села под Пелистер, многумина заминале и се задомиле во САД, Канада, Австралија и во некои европски земји. Меѓутоа, одреден број  иселеници привремено вработени, чија цел за враќање е кристално чиста, доаѓаат во Љубојно – нивното родно место, кое ги привлекува со невидена сила, за да воздивнат во своите стари домови, за да ги реновираат старите или да изградат нови куќи, да ги обноват спомените од младоста.

Љубојно е најубаво, највесело и најпривлечно на Илинден, на тој величествен ден на  сенародниот македонски копнеж за борба и слобода, на најголемиот празник од сите празници во Македонија. Тоа со гордост го истакнува своето бурно минато исполнето со непокор и борба за опстанок. Во илинденскиот период таму се случиле бурни и драматични настани, а во текот на фашистичката окупација Љубојно беше едно од жариштата на револуционерното движење и прва ослободена територија.

На Илинден во Љубојно се игр аи се пее, се јаде и се пие, се чувствува топло гостопримство и срдечност кај сите оние што доаѓаат да се сретнат со своите роднини, пријатели, познати. Зашто на Илинден во Љубојно се собира голем број иселеници од прекуокеанските земји, привремено вработени од европските земји, преспанчани што живеат низ Македонија и Југославија, голем број Македонци од Егејскиот дел на Македонија што живеат ширум светот, гости и иселеници од другите села, туристи и голем број повратници од Преспа и Битолско.

1w112

Љубојно, како и многу македонски села, е од збиен тип; со тесни калдрмисани улици, стари македонски куќи, изѕидани со камен и на кои висат пространи балкони, како и со дворови заградени со авлии што се резултат на пограничната местоположба.

Селото првпат се споменува во една повелба на Цар Душан од 1337 година, а подоцна се споменува и во еден запис на Сливничкиот манастир во 1607 година, како поголема славјанска населба.

Според народните преданија, Љубојно своето име го добило од зборот љубов. Поточно, многу одамна се вљубиле младич и девојка. Овие две гранични елки, кои живееле во две соседни населби, поради лошите соседски односи на жителите од населбите, не смееле да се земат. Меѓутоа, тие сепак одлучиле да се земат и да побегнат. Се доселиле во близината на Реката и останале среќно да живеат. Подоцна, во близината на местото на вљубените се доселиле други семејства и, поради тоа, местото го нарекле Љубојно.

Веројатно легендата е само прераскажување на постарите од овој крај. Но, вистина е дека Љубојно, односно жителите од овој преспански крај поседуваат љубов; љубов кон родниот крај, кон Татковината, природата, убавото. Според кажувањата на постарите, таму секогаш живееле вредни и честити Македонци кои фанатизирано ја бранеле и ја чувале верата и нацијата.

Познато е дека за време на Илинденското востание, селото било запалено и до темел изгорено. Сведоци на таа македонска трагедија се старите куќи, изградени на постојните темели што љубоморно ја чуваат и ја кријат трагедијата на Љубојно, на љубојничани и на целиот македонски народ.

Познато е дека за жителите на Љубојно и на цела Преспа печалбарството е стара традиција. Тоа како феномен се појавило уште при крајот на минатиот век. Меѓутоа, овие миграциони процеси што ја зафатија цела Преспа во педесеттите години од овој современ век, не го поштедија ни убавото Љубојно, од каде што голем број семејства се преселија во други градови на Македонија, потоа во САД и Канада и во Австралија и во некои европски земји.

Многу љубојничани го напуштија родното огниште, но нив не ги напушта носталгијата. Така, голем број се враЌаат на родната грутка за да изградат нови, убави куќи, да ги реновираат старите македонски цркви, да ги асфалтираат улиците, да постават водовод, со еден збор, да го разубават Љубојно, кое е убаво, пријатно и погодно катче за живеење и рекреација.

Кога се зборува за борбената Преспа, за местото каде што владеел првиот македонски цар, Самоил, важно е да се спомене дека во Љубојно на 8 и 9 септември 1943 година е формирана првата слободна територија во Преспа, за покасно во 1944 година да биде засекогаш ослободена од бројнитенепријатели.

Веднаш по ослободувањето, Љубојно прилегаше на градска населба; имаше 14 чевларски работилници, 8 дуќани за широка потрошуважка и текстил, 5 кафеани, 6 дрводелски работилници, 4 шивачки работилници, две фурни за леб, 8 воденици, две ковачници, берберница и др.

Секако, за Љубојно се карактеристични едукационите процеси. Тоа е село, кое од секогаш било расадник на високообразовни кадри кои нашле свое место во нашето општество како воспитачи, педагози, новинари, професори, писатели, доктори, инженери, правници и други значајни професии, кои придонесуваат за подобро и посреќно утре.

Нема пишани документи, но според кажувањето на постарите љубојничани, првото училиште во селото било изградено во втората половина на минатиот век. Училиштето било малечко и само со две училници. Потоа, во 1907 година, со доброволна работа на селаните, изградено е ново и пространо училиште на два ката во близината на центарот на селото, а во дворот на старото училиште. Прват анастава во новото училиште започнала во 1908 година, а за први учители биле назначени: Климе, Каролина и Лена, сите Македонци од Охрид, што докажува дека кон крајот на 19 век во Охрид брзо напредувала писменоста.

1w113

Манастирот „Св. Петар и Павле“

Во текот на Првата светска војна, како и меѓу војните, училиштето во Љубојно имало повеќе намени. Така, по поделбата на Македонија, тоа било наменето за болница на француските војски, за потоа да продефилира еден голем и различен по состав наставен кадар. Многу од нив ја вршеле својата просветителска должност, а некои биле само маш ана буржоаскиот сталеж; го малтретирале македонското население, а децат аги учеле на туѓи јазици, неразбирливи за нив. Само во текот на Втората светска војна, македонските деца во Љубојно “ги учеле”: српски, италијански, албански и бугарски “учители”.

Сите страдања, бруталности и непедагошки односи кон маке­донското население и невините Македончиња се окончаа на 5 ноември 1944 година, со ослободувањето на Преспа од чизмите на окупаторите. Престанаа асимилаторските односи кон македонскиот народ од овој крај на Преспа, кон народот кој со векови трпел ропство, понижување … Но, тој народ го зачува македонскиот јазик, обичаите, верата и македонскиот дух.

По ослободувањето на 14 ноември 1944 година, првпат во питомата Преспа, во Љубојно се отвори училиште на мајчин – македонски јазик. Тоа е првото училиште на македонски јазик во Преспа, гордост на плејада интелектуалци кои го започнаа своето школување на мајчин јазик. Посебно внимание заслужуваатнапорите на првите македонски учители во Љубојно, а тоа беа: Методија Јовковски, Богоја Ничевски и Јосив Кондовски од Љубојно, филип Поповски од Долно Дупени и Фанија Чемчева од Воден, Егејска Македонија. Секако, посебно внимание и благодарност треба да им се даде и на голема група учители и наставници што ја продолжија наставната дејност во Преспа.

Во последните години, кога животот во селото пак се врати; се враќаат печалбарите од сите континенти,  се враќаат на својата родна грутка, аносителот на сите акции што се преземаат е Месната заедница. Со вредните раце и дарежливоста на селаните се изгради водовод, асфалтен пат до Љубојно и поврзување со новиот пат за Долна Преспа, асфалтирање на улици, како и завршување и изградба на други комунални објекти што значат преродба на Љубојно.

Продолжува

1slave 1 Пишува: СЛАВЕ КАТИН 

464 thoughts on “ЉУБОЈНО, ПРЕСПА – РОДНОТО МЕСТО НА БОШКО РАЈЧОВСКИ – ПЕЛИСТЕРСКИ

  1. Studies have consistently demonstrated that approximately 90 of all eye injuries could have been prevented 5 buy priligy Evaluating cannabidiol CBD expectancy effects on acute stress and anxiety in healthy adults a randomized crossover study

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *