ВАСИЛ СТЕРЈОВСКИ – ПРВИОТ МАКЕДОНЕЦ ПРАТЕНИК ВО АЛБАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ

ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА ЗА МАЛА ПРЕСПА

Во Албанија имало, има и ќе има бројни Македонци кои се врвни интелектуалци и поставени на различни општествени, културни, национални, духовни и други позиции и кои се дел од сегашниот и идниот прогрес на земјата. Во исто време тие се дел од македонската национална вистина на македонскиот народ и етничка Македонија.

Еден од нив е, секако, Васил Стерјовски. Тој е познат политички активисти меѓу Македонци од Мала Преспа и пошироко. Васил е генерален секретар на партијата Македонска алијанса за европска интеграција за положбата на македонското малцинство во Албанија; заменик-претседател на партијата на Македонците, Македонска алијанса, и беспоштеден борец за правата на Македонците во Албанија.

Исто така Васил Стерјовски е првиот Македонец од Албанија кој е пратеник во Албанскиот парламент. Тој доаѓа од партија на Македонците, но и воопшто како пратеник кој јавно се декларира како Македонец. Тој во собраниското столче седна на 16 мај 2019 година, со што стана прв пратеник во плурална Албанија.. Веднаш потоа беше избран и за член на парламентарната Комисија за надворешна политика.

Во албанското Собрание Васил настапува како независен пратеник, преставувајќи ја Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Тој е еден од најактивните пратеници во законодавниот дом на Албанија. Тоа особено го докажа во периодот септември – декември 2019 година, што е потврдено во последниот извештај на Институтот за политички студии (ИПС) во Тирана, кој со поддршка од Холандската амбасада ја следи работата на Собранието.

Инаку, Васил Стерјовски пред да стани пратеник во албанското Собрание работеше во Општината Пустец, а беше и директор на Јавното претпријатие за водовод во Корчанската област, каде се покажа дека е чувар на македонските национални и културни вредности во Албанија и активист кој бара донесување Закон за малцинствата, воведување на македонскиот јазик во наставата во областите каде што живеат Македонци и во поголемите албански градови, како и за помош на матичната држава кон нив.

Во биографските податоци на овој перспективен Македонец е забележано дека тој е роден во Корча на 17 мај 1982 година, а неговите родители се од село Горна Горица, Мала Преспа, каде и тој живееше до пред десетина години. Основното образование го завршил во ОУ „Отпорот на Горичени“, во село Долна Горица, а средното образoвaние во Гимназијата „Трајан Георгиевски и Митре Колевски“ во Пустец. Во 2006 година дипломирал на групата Историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Mетодиј“ во Скопје. На истиот Универзитет, на Институтот за национална историја стана доктор на науки.

Васил Стерјовски, пријателот на авторот на овие редови Славе Катин кој исто така потекнува од Преспа, го започна своето образование и својот работен век токму во Пустец, во првата општина во Мала Преспа, во Албанија, во рамките на околијата (округот) Горица (Корча). Тоа е административен центар на Општина Пустец која од 1973 до 2013 година се нарекувала Лиќенас. Денес грбот на општината го содржи древниот македонски симбол Ѕвездата од Кутлеш (Палатица) над кој стои натпис на македонски јазик – Општина Пустец, а под него и на на албански јазик.

Тоа е, всушност, прв случај на официјална употреба на македонскиот јазик во Албанија. Општината Пустец во која живеат околу 5.000 жители по националност Македонци и е оддалечена 25 километри од градот Корча. Таа е составена од 9 стари и едно ново село кое сега се формира, а тоа се: селата Пустец, Леска, Зрноско, Церје, Шулин, Глобочени, Долна Горица, Туминец, Горна Горица и новото село Нова Горица.

Во Пустец постои црквата „Свети Архангел Михаил“ изградена во 1754 година, денес обновена и реновирана од голем број донатори. Исто така, во селото работат основно и средно училиште, а овозможено е образование на македонски јазик само до четврто одделение. Во рамките на училиштето во Пустец постои и библиотека со огромен фонд книги на македонски јазик.

За значајните постигнувања во Општина Пустец, секако, меѓу најзаслужните е Васил Стерјовски. Тој беше заменик-градоначалник на Општината во периодот од 2007 до 2010 година. Потоа беше назначен за директор на Јавното претпријатие за водовод за регионот на Корча, каде ја врши функцијата од 2010 година до 2019. Исто така, Стерјовски е советник во Советот на Општина Пустец од 2015 година и е советник во Советот на Округот на Корча од 2015 година до денес.

Според Стерјовски Македонците од Мала Преспа имаат поголема среќа од Македонците во Пиринска и Беломорска Македонија. Имено, Македонците се признати како малцинство во Република Албанија и имаат права на таа територија. За жал, не насекаде се исти правата. Токму тоа е и нивната борба: сите Македонци каде и да живеат во Албанија, да имаат исти права, како и граѓаните Албанци и другите етнички групи.

Тие очекуваат, а и во согласност со препораките на Европската комисија, се надеваат дека пред да стане Албанија членка на Европската Унија, да направи одредени подобрувања. Тие бараат Закон за малцинства и да се изборат за сите права кои произлегуваат во согласност со тој Закон. За среќа, во Албанија, за првпат Македонците имаат поддршка и од Народниот правобранител кој направи специјален извештај за состојбата на Македонците во Албанија.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *