ДЕЛ ОД РОМАНОТ „АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ“ (МАКЕДОНСКИ) ОД
УЛРИХ ВИЛКЕН ВО ПРЕВОД НА СЛАВЕ КАТИН
И во овие политички мрачни денови на четвртиот век античката грчка цивилизација ги продолжи големите традиции на петтиот век и беше во целосен процут. Како во интелектуалните, така и во уметничките сфери постигнаа извонредни резултати кои останаа вечни. Непротивставувајќи се на својата политичка пропаст на крајот од Пелопонеската војна, особено Атина се‘ уште ја одржуваше водечката централна положба, што ја стекна во петтиот век во Јонија.
Доколку атичката цивилизација прими панелинистички карактер, Атичката империја од петтиот век, и покрај краткиот век на траење, не малку придонесе во таа насока. Од Атина, главата на империјата од стотина вазални градови, широка река на атичка цивилизација се пролеа во Елада на островите и во крајбрежните делови на Егејското Mope: атичките закони и атичките институции, атичкиот говор и носии надалеку се проширија, особено во Јонија.
Но, ова влијание не беше ограничено само на Империјата. Штом Атина, со пристаништето Пиреј стана економски центар не само на сојузниците туку и на целиот елински свет, таа исто така, како центар на цивилизацијата, како со магнет ги привлече истакнатите интелектуалци и уметници од сите делови. Софистите го најдоа својот центар во Атина, работеа на атичкиот говор и дури помогнаа да се создаде уметнички атички прозен стил, покрај тоа што тешко имаше софист кој беше роден во Атина.
Сите овие влијанија навлегоа многу длабоко за да можат да бидат отстранети со пропаѓањето на Империјата. Исократ, господарот на новиот ораторски стил, можеше да се фали во своето дело „Панегирик” (380) дека неговиот роден град го оставил зад себе другиот свет во мислењето и говорот – во филозофијата и реториката – што неговите учени луѓе станаа учители на другите, дека градот е причина терминот Елин да не значи повеќе расно потекло, туку начин на мислење, а оние што се нарекуваа Елини беа тие што ја зедоа атичката култура од оние што имаа обично потекло.
Тоа значи дека Искорат го виде вистинскиот Елин само кај античките грчки воспитаници на атички начин и според тоа го стесни концептот за Елинот. Но, тоа не значи, како што обично се претпоставува, дека варварите со атичко образование ги сметаше за Елини.
Оваа подоцнежна идеја, што ја менува расната разлика на Елинот и варварот, спротивно на цивилизациите, беше сосема туѓа за него поради неговата омраза кон Персија, наследниот непријател, за која тој многу остро се изрази во самата расправа. Секако, тоа е манифестирано во елинистичкото време по формирањето на светската империја на Александар Трети Македонски.
Сепак уште кога Исократ го напиша тоа, веќе имаше многу варвари кои повеќе или помалку беа под влијание на античката грчка цивилизација. Во наредните неколку десетлетија таа навлезе подалеку и во негрчките предели, а во некои делови дури и целосно. Доколку овој феномен имаше свои причини во ширината и потребата од експанзија на античката грчка цивилизација, тоа има најголемо значење за разбирањето на делото на Александар Македонски.
Тој ги вложи сите сили не претпоставувајќи ги можностите на стварноста. Но, феноменот имаше и други причини. Едната беше безнадежниот услов на мајката земја која протера многу силни елементи да ја бараат својата среќа во други земји. Веќе ние зборувавме за масите кои отидоа преку море и кои служеа како наемници во Мала Азија или во Египет за или против Големиот крал.
Тажни од загубата на мајката земја, овие многу илјадници наемници, кои живееја во други држави, во период од многу децении, беа приморани, свесно или несвесно, да придонесуваат за ширењето на античките грчки обичаи и живот во туѓите земји.
Од друга страна, пак, овие антички Грци од најразлични области на мајката земја, живееја заедно во војнички единици и не беа подготвени да го прифатат тоа ниво на локалните особености, што беше надминато според Александар Македонски. He беа само наемниците и трговците, кои отидоа во други држави заради своите потреби, туку беа прогонети и уметниците кои не можеа да најдат работа во своите сиромашни места.
На Пелопонез, каде цветаше училиштето на Сикион, на почетокот од овој период слушавме за изградбата на славниот храм на Атина Алеа во Тегеа, изграден од Скопа, славен според својата големина и убавина, слушавме за прекрасните нови згради на Херон од Епидаурус. Но, Атина тогаш беше толку сиромашна, што само потребните згради се градеа и затоа често атичките уметници ги среќаваме во други земји.
Напливот на бегање од Елада предизвика и други соодветни барања, бидејќи намесниците и династиите од Мала Азија сакаа да ги китат своите градови со античка грчка уметност и да ги привлечат античките грчки поети, музиката и ораторите во своите дворци.
Причината за овој феномен, кој всушност се сметаше како „претходник на елинизмот”, е во фактот што со векови античката грчка цивилизација, постепено од Ијонија, многу длабоко навлегуваше во Лидија, Карија и Лиција, подгревајќи ја амбицијата на нивните самосвесни династии.
Најсилен од сите нив беше Мавзол од Карија. Тој го прошири својот простор на владеење, со рапидно зголемување на населението, каде од античките грчки уметници беа изградени убави палати и храмови. Како вљубеник во античката грчка уметност, тој го издигна својот двор во дворец на музите, повикувајќи антички грчки уметници и поети. Кога умре во 352 година, неговата вдовица Артемида одржа натпревар на античките грчки поети и реториканти на неговиот закоп и започна да го гради гигантскиот гроб, кој веројатно самиот го имал испланирано.
Гробот се сметаше меѓу седумте светски чуда и беше наречен мавзолеј, термин кој сеʼ уште се употребува за големи гробови, a се употребуваше и во античко време. Ова извонредно здание беше дело на првите уметници од античкиот грчки свет. Архитекти беа Питеј и Сатур, а скулпторски го декорираа Скоп и Леохар, Тимотеј и Бријакс. Друг пример на античката грчка уметност од тој период на Исток од убав мермерен саркофаг, е направен од атичките уметници за кралевите на Сидон во четвртиот век.
Но, веројатно највозбудливиот пример за навлегувањето на античката грчка култура во овие земји се содржи во она што го направи помалку значајниот персиски вазал Хермија од Атарнеј (во Тројад), кој живееше во услови на блиска врска со платонистите Ераст и Кориск и како благодарност кон нив е именуван градот Асос. По смртта на Платон, Аристотел се смести таму каде што престојуваше три значајни години од својот живот што ги посвети на истражување и учење, во тесна врска со Хермија.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН