Ковачевски – Едштадлер: Евроинтеграциите на Северна Македонија се потребни за стабилноста на регионот и ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски денеска  се сретна со Каролина Едштадлер, сојузна министерка за ЕУ на Република Австрија, која престојува во посета на државава.

– На состанокот е разговарано за предизвиците од војната во Украина, значењето на евроинтеграциите и можностите за унапредување на добрата билатерална соработка, соопштија од Владата, информирајќи дека двете страни заеднички ја осудиле руската агресија во Украина.

Притоа, констатирано е дека интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во ЕУ е од значење за стабилноста и безбедност на регионот, но и на Европа и оти сега е моментот за исчекор.Во таа насока, изразена е целосна поддршка од Австрија за европските аспирации на нашата држава.

-Во премиерите Ковачевски и Петков се гледа како на луѓе кои ги движат работите напред и со новата клима на почитување во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, се оценува дека има отворен прозорец на можности за доаѓање до принципиелно решение, стои во соопштението.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за големата и пријателска поддршка од Република Австрија за евроинтеграциите на Република Северна Македонија и како држава којашто е меѓу најголемите инвеститори во земјава.

– Ги споделуваме вредностите на ЕУ, членка сме на НАТО, се поставивме целосно на линија на политиките на НАТО и на ЕУ во однос на војната во Украина, отворено ја дадовме потребната помош на Украина, подготвени сме да прифатиме и евентуални бегалци од државата. Во исто време донесовме антикризни мерки за помош на граѓаните и компаниите, ги решаваме предизвиците со енергијата и обезбедувањето храна, разговараме и со Бугарија за можните решенија. Европските интеграции на Северна Македонија и на Албанија се потребен сигнал за целиот регион и важни за стабилноста во ЕУ, нагласи Ковачевски.

На средбата е разговарано и за можностите за унапредување на трговијата меѓу државите, како и за натамошниот развој на односите меѓу двете земји и во други области од значење за граѓаните.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *