Едштадлер: Потребно е Северна Македонија да го направи следниот чекор во процесот на проширување

Потребно е Северна Македонија да го направи следниот чекор во процесот на проширување, не се доволни само зборови, а Австрија е тука на почетокот на фронтот да ја поддржи земјата, како и другите земји во регионот да во правец на ЕУ. Западниот Балкан е прашање на безбедноста на ЕУ и останува прашање на веродостојноста на ЕУ, изјави австриската сојузна министерка за ЕУ и уставни прашања Каролине Едштадлер на денешната прес-конференција во Скопје со нејзиниот домаќин вицепремиерот за европски прташања Бојан Маричиќ.

– Ние како ЕУ ќе направиме се што можеме за овој регион, а пред се Северна Македонија, конечно да добие една доверлива перспектива со факти и со чекори коишто се реални, коишто со децении ги чекаме и говориме за нив. Но, само да говориме не е доволно. Треба акција, треба дела. Јас сум оптимист дека сега е вистинскиот момент да го поставиме курсот. Во почетокот на февруари бев во Бугарија и особено разговарав за односите со Бугарија и тука имам многу добро чувство дека проблемите коишто постојат ќе се отстранат и дека билатерално посилно ќе се настапува, а со тоа и процесот на проширување кон ЕУ ќе се отвори. Уште појасно за нас беше од 24 февруари 2022 кога ништо повеќе нема да биде како што беше. Ние како политичари имаме многу одговорност, има многу работа да ги решаваме тие состојби, вели Едштадлер, подвлекувајќи ги извонредните односи кои вели сакаат да ги одржат и понатаму и да одат во вистински правец.

Таа истакна дека за нас е обврска како ЕУ конечно да осознаеме дека Западниот Балкан е прашање на безбедноста на ЕУ и останува прашање на веродостојноста на ЕУ.

– Во политиката ние во ЕУ не смееме да ги изгубиме луѓето на Западен Балкан. Треба заедно, да останеме сплотени со ЕУ и ЕУ мора јасно да го осознае она што Путин сака да го направи. Путин сака да ги дели луѓето. Сакам тука да укажам дека имаме сигурност, имаме безбедност и треба посилно да се поврземе со вас и тоа се надевам заеднички ќе го спречиме. Ние треба да останеме заедно во ЕУ, тоа го правиме и исто така со нашите партнери од Северна Македонија да останеме и тука ни треба конечно следен чекор во правец на отворање на процесот на проширување и Австрија е тука на почетокот на фронтот за напредок за Северна Македонија и другите земји во регионот да ги поддржи во правец на ЕУ, истакна Едштадлер.

Според неа, политиката може да биде добра само доколку има лични односи, силни, топли лични односи, а тие лични односи, вели, ги имаме последните години со Северна Македонија, довербата е тука, сега треба да одиме во вистински правец да ги прошириме овие активности и да можеме да почнеме со процесот на пристапување кон ЕУ.

Вицепремиерот Маричиќ истакна дека Австрија ја препозна вистинската и несомнена ориентација на Северна Македонија кон европските вредности и идеали и дава безрезервна поддршка и заложба особено за Северна Македонија и Албанија во евроинтегративниот процес. Според него, иднината на нашата земја и на целиот регион е европски и време е тоа да се потврди.

– Северна Македонија вложи навистина вонсериски напори и успеа да покаже дека е доверлив партнер на ЕУ и дека не ја менува својата политика преку ноќ, дури и кога нашиот макотрпен труд не е целосно валоризиран и не оди во прилог на политиката на проширување. Напредувавме и ќе продолжиме посветено да чекориме по европскиот пат. Очекуваме ЕУ гласно да ги потврди нејзините интереси за обединување на европскиот континент и после долг период да ја врати динамиката на проширување кон земјите од Западен Балкан, кои повеќе од една деценија чекаат пред портите на ЕУ, рече Маричиќ

Во овие тешки времиња кога мирот, стабилноста и безбедноста, но и демократијата се доведени во прашање, додаде тој, обединетоста на Европа добива уште поголемо значење. Сите заедно мора да размислуваме за иднината и да не оставиме простор за нарушување на кредибилитетот на ЕУ, европските вредности и идеали, рече вицепремиерот за европски прашања.

– Никој не претпоставуваше дека во 21. век на европско тло ќе се води војна и дека Европа ќе живее денови на економска и енергетска криза покрај пандемијата која ни нанесе силен удар. Затоа оваа година ја сметам за пресудна не само за иднината на ЕУ, туку и за иднината на земјите од Западен Балкан, кој нема друг пат освен европскиот, рече Маричиќ подвлекувајќи го интересот за натамошно продлабочување на стратешките односи со Австрија.

Во рамки на официјалната посета на Скопје, Едштадлер ќе се сретне и со шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието Талат Џафери и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, а планирана е и нејзина средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *