Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска учествува на 62-та сесија на Комисијата за статусот на жените на Обединетите Нации. Во излагањето во Генералното собрание на ОН, таа посочи дека, како земја кандидат за членство во Европската унија, Македонија се приклучува на нејзината изјава за статусот на жените и ја споделува определбата да се засилат напорите кон трајна и трансформативна промена на животот на секоја жена и девојка во светот.
Министерството за труд и социјална политика, потенцира Царовска, ја презема улогата на лидер во обликување на политиките, координација и одговорност на Владата на Република Македонија во однос на Агендата за родова еднаквост и еманципација на жените.
– Преземени се значајни чекори во насока на искоренување на сиромаштијата кај жените. Така, со промена на Законот за минимална плата се изедначуваат платите за сите економски сектори и се намалува разликата во платите меѓу мажите и жените. Со овие промени ги опфативме работниците од текстилната индустрија, од кои 80 проценти се жени, рече министерката за труд и социјална политика.
Истакна и дека Македонија во декември минатата година, ја ратификуваше Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство.
Дополнително, министерката Царовска учествува како панелист на настан „Трансформативно финансирање за родова еднаквост“, а излагање ќе има и во рамки на министерската панел дискусија на тема: „Забрзување на имплементацијата на Пекиншката декларација и Платформата за акција и постигнување конкретни резултати до 2020 година“.