Ковачевски: Застојот во проширувањето на ЕУ создава дополнителна нестабилност во регионот

Проширувањето на ЕУ во суштина станува безбедносна политика и застојот во овој процес создава дополнителна нестабилност за регионот, затоа што има неколку негативни тенденции и создава простор за злонамерно влијание од трети страни. Северна Македонија соодветно се усогласи со надворешната и безбедносна политика на ЕУ затоа што ние ги споделуваме истите вредности со ЕУ и со земјите на НАТО.

Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција во Софија по состанокот на шефови на влади на земјите од Југоисточна Европа членки на НАТО  – премиерите на Бугарија Кирил Петков, на Романија, Николае Чука и на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ.

Ковачевски нагласи дека тој и премиерите Петков, Кривокапиќ и Чука на денешната средба си поставиле за цел да ги нагласат потенцијалните ризици и согледаните закани, како и да ги нагласат премисите што треба да водат кон подобра отпорност и координација меѓу земјите од Југоисточна Европа.

– Оваа средба го отвора патот да спречиме какво било можно влијание врз нашата безбедност и стабилност во контекст на потенцијалните последици што би можеле да се појават од актуелната безбедносна и хуманитарна криза во Украина, нагласи Ковачевски и додаде дека земјите учеснички на состанокот остануваат цврсто на позиција на осуда на војната во Украина како нелегалната и нелегитимна инвазија на Русија.

Тој додаде дека како сојузници пратиле уште една силна порака на поддршка и солидарност со Украина, но и за идна координација и зголемена комуникација помеѓу овие четири држави во регионот.

– Оваа војна во Украина создаде нова реалност во сите сфери на нашиот живот, а особено во поглед на координирањето на сите напори во производството на храна и во синџирите на набавка, како и нивната стабилизација, испораката и производството на енергија, како и во полето на одбрана и воена координација, рече Ковачевски.

Ковачевски потенцира дека одложувањето на пристапниот процес кон ЕУ за земјите од регионот создава дилеми што може да резултираат со намалување на довербата кај граѓаните во ЕУ.

– Сепак, дури и со вакви предизвици Република Северна Македонија останува силно посветена на одржувањето добрососедски односи и промовирање соработка меѓу земјите од нашиот регион. Наша обврска е да останеме фокусирани на промовирање на тие вредности и принципи. Во текот на нашето претстојно претседателство со ОБСЕ во 2023 година, како и да го искористиме потенцијалот на другите регионални иницијативи за подобро поврзување, разбирање и меѓусебна координација, рече Ковачевски.

Бугарскиот премиер Кирил Петков од своја страна рече дека неговиот сон е координиран Балкан во сите области.

– Дискутиравме дека ако оваа координација продолжи како што почнавме, овој регион може да стане еден од најпрогресивните региони во Европа. Дискутиравме и за важни теми кои војната во Украина ги направи да бидат уште поитни за решавање, нагласи Петков.

Премиерите на Црна Гора и на Романија, Кривокапиќ и Чука, се согласија дека заедништвото е клучно во справувањето со конфликтите, и затоа на состанокот одлучиле уште позасилено да се свртат кон евроатлантските вредности.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *