Предлог измените на Законот за административни службеници денеска треба да биде доставен до Собранието

Предлог-законот за изменување на Законот за административни службеници, со кој треба да се постигне еднаквост на вработените во приватниот и јавниот сектор и усогласување на останатите плати на административните службеници, како и да се обезбеди континуитет на промените на платите во администрацијата во однос на минималната плата на национално ниво, денеска треба да биде испратен до Собранието, откако вчера на седница беше усвоен од Владата.

-Се прават технички усогласувања и во текот на денот законското решение треба да биде испратено до Собранието, бидејќи следната станица на овој Предлог-закон е законодавниот дом. Ние како Влада може само да ги охрабриме пратениците час поскоро да ги донесат овие измени, рече на денешната прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски.

Основната цел на Предлог-законот што вчера беше усвоен на седница на Владата, посочи Арсовски, е да се постигне еднаквост на вработените во приватниот и јавниот сектор со најниски примања преку воспоставување на ист износ на законската минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на административни службеници на сите нивоа, како и обезбедување континуитет на промените на платите во администрацијата во однос на минималната на национално ниво, како долгорочна цел.

-Со законот се менуваат критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот согласно податоците од ДЗС со цел системско решавање на прашањето на минималната плата. Со законот се утврдува висината на минималната плата да не биде пониска од 57 отсто од просечната плата објавена од ДЗС за претходната година, појасни Арсовски во одговор на новинарско прашање.

Тој информираше дека во тек е седница на Економско-социјалниот совет, но, како што рече, за тоа за што ќе се разговара и дали на дневен ред е и ова прашање, како и евентуални нови мерки за ублажување на економската криза, ќе информираат по нејзиното завршување.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *