Почеток на преговори за време на француското претседателство правичен потег, Скопје и Софија продолжуваат да ја унапредуваат соработката и комуникацијата

Соработката и комуникацијата со Бугарија е унапредена, особено по доаѓањето на двете нови влади и воспоставувањето нов начин на комуникација. Кога ќе има документ прифатлив за двете страни, ќе биде споделен со институциите и јавноста, а во моментот кога ќе се надминат разликите со Бугарија, ЕУ веднаш без одложување да ги започне преговорите, е ставот на власта во однос на напредокот на разговорите со Софија.

Одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија за време на француското претседателство со ЕУ ќе биде правилен и правичен потег, е став на поголемиот дел на шефови на дипломатиите на ЕУ кои вчера во Брисел заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи, го разгледаа европското досие на земјава. Недвосмислена поддршка преговорите за членство со ЕУ да започнат веднаш вчера дојде и од европратениците.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера потенцира дека постојат поединци кои сакаат односите со Софија да ги направат полоши, но македонската и бугарската влада се против тоа и сметаат дека треба да се соработува на сите полиња и во секоја сфера.

Со Бугарија отворивме нов процес на разговори, нов начин на комуникација кој треба да ја зголеми довербата не само меѓу министрите, туку и меѓу општествата во целина. Се формираа работни групи кои  веќе покажуваат резултати, се одржаа и научни конференции меѓу универзитетите, стопанските комори се среќаваат, а се згоемија и транспортните квоти. Соработката е унапредена во однос на периодот претходно. Односите се унапредени, официјалното ниво на комуникација е унапредено и е на ниво на европските вредности. Секогаш постојат поединци кои сакаат тие односи да ги направат полоши, но ние и бугарската Влада сме против тоа. Треба да соработуваме на сите полиња, истакна премиерот.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, вчера оцени дека односите со Софија сега се смирени.

– Односите со Бугарија се смирени, провокациите се сведени на минимум. Генерално не постои негативна комуникација помеѓу двете влади, Тоа значи дека новиот пристап даде резултати и дека успеавме да ја нормализираме комуникацијата таа да се одвива на повеќе нивота, вели Маричиќ.

Во врска со посетата на високиот претставник на ЕУ, Жосеп Борел на Скопје минатата недела, Маричиќ рече оти „никој не очекува дека треба некој нешто да ни вети, но очекуваме во моментот кога ќе се завршат сите обврски околу реформите и кога ќе ги надминеме разликите со Бугарија, веднаш да се отворат преговорите“.

– Нам не ни треба никакво ветување, затоа што сме ги имале многу, а не се оствариле, и мислам дека јавноста не треба да се вознемирува во таа насока. Наш интерес е да ги почнеме преговорите и во моментот кога ќе ги завршиме сите разногласија со Бугарија очекуваме ЕУ веднаш без одложување, да ги почне преговорите, нагласи Маричиќ.

Според него, секоја посета на висок претставник на ЕУ за нас е позитивна и добра вест, без разлика на негативниот одек во јавноста, алудирајќи на изјавата на Борел дека ЕУ не може да ни вети датум, туку волја за почеток на преговори.

Во меѓувреме, шефовите на дипломатиите на ЕУ заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера на работен појадок во Брисел, под покровителство на шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас, дискутираа за европското досие на земјава, при што преовладувало мислењето дека одржување на првите меѓувладини конференции и отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија, за време на француското претседателство со ЕУ би била правилна и правична работа со многу позитивни ефекти за целиот регион.

На работниот појадок, што се одржа на маргините на Советот за надворешни работи на ЕУ, беа присутни и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК, Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

– Оваа средба коинцидира со војната во Украина и случувањата од последните недели го сменија контекстот на нашите разговори, но и на геополитичките и стратешките приоритети на европскиот континент. Нашиот дијалог добива пресвртница во однос на итноста од носење на одлуки што ќе ја детерминираат европската иднина на Северна Македонија во ЕУ, но и на целиот Западен Балкан, истакна Османи.

Во овој контекст, Османи додаде дека Северна Македонија како кредибилна земја кандидат, 100-процентно се усогласи со санкциите на ЕУ кон Русија, но понуди и хуманитарна помош и ги отвори вратите за засолниште на сите што бегаат од страшната војна во Украина.

На појадокот, министрите изразија силна поддршка за лидерството во Северна Македонија, кое недвосмислено и посветено работи на исполнување на европската реформска агенда и на добрососедските односи со што земјата е препознаена како веродостоен партнер, која ги почитува европските правила, стандарди и вредности.

Османи вчера попладне се обрати и пред европратениците членови на Комисијата за надворешни работи и од нив доби недвосмислена поддршка преговорите за членство со ЕУ да започнат веднаш, јави дописничката на МИА од Брисел.

Османи ги потсети европратениците колку долго земјава е во чекалната, колкав е степенот на усогласеност со потребните реформи на ЕУ, но и на непоколебливата македонска поддршка во санкциите против Русија поради нападот врз Украина. Тој меѓутоа ги предупреди и дека ново одлагање на овие преговори не само што ќе има последици врз кредибилитетот на ЕУ во земјата и целиот регион, туку може да има последици и врз безбедносната ситуација во време кога Русија се обидува да се меша и влијае на внатрешните состојби на сојузниците на ЕУ. Тој потсети и дека Москва веќе еднаш се обиде да се меша во внатрешните работи, за време на Преспанскиот договор, произведувајќи низа лажни вести.

– Нашите европски аспирации мораат конечно сериозно да бидат земени предвид. Северна Македонија, со нејзината граѓанска и политичка мудрост ги избегна сите екс југословенски војни и подоцна, во 2001 година покажа знае како се креира мир, соживот, како се почитуваат човековите права и правата на малцинствата. И ние немаме намера да застанеме во борбата за освојување на демократските вредности, изјави Османи пред европратениците.

Министерот исто така со нив ги сподели и резултатите од последните истражувања на јавното мислење во Северна Македонија, кои јасно покажуваат пад на ентузијазмот кон ЕУ кај граѓаните.

– Бројките што ги споделивте се загрижувачки, и сметам дека како ЕУ имаме огромна одговорност да ја вратиме довербата, реагираше европратеничката од редовите на Зелените, Тинеке Стрик.

Речиси без исклучок присутните европски пратеници побараа веднаш да се даде зелено светло за почетокот на преговорите со Северна Македонија, како и со Албанија, а некои од нив се обратија и на земјата членка која ги блокира овие преговори поради билатерални прашања. Стрик ја повика владата во Бугарија веднаш да го одобри стартот на преговорите, додека претседателот на Комисијата за надворешни работи, Дејвид Мекалистер се обрати до Софија без да ја спомене со име.

– Времето конечно дојде да се отворат преговорите за членство со оваа земја која толку многу години чека, дававме ветувања по ветувања и сега ја повикуваме нашата драга земја членка конечно да даде зелено светло, рече Мекалистер, пред да го затвори состанокот.

Самите бугарски европратеници покажаа поконструктивен однос од вообичаеното на овие седници. Провокативниот екстремен десничар од Бугарија, Ангел Џамбаски, кој никогаш не ја пропушта приликата да даде потпалувачки изјави за Северна Македонија овој пат имаше технички проблеми и не успеа да се вклучи на седницата.

Европратеничката од редовите на социјалистите, Елена Јончева, побара од министерот  Османи да каже дали Бугарите во Северна Македонија ќе бидат вметнати во Уставот и дали за тоа постои „силна политичка волја“.

Со оглед на тоа што преговорите меѓу Скопје и Софија сѐ уште траат, Османи не даде одговор на ова прашање, но им порача на бугарските европратеници дека е време двете земји да се свртат кон иднината.

– Во регионот ни треба заедничка иднина, во овие непредвидливи времиња, заеднички се предизвиците и за вас и за нас. Руската агресија ве засега и вас во Република Бугарија, и нас во Република Северна Македонија, затоа треба да се, здружиме за да го консолидираме регионот, рече шефот на македонската дипломатија на македонски јазик како одговор на прашање на бугарскиот европратеник Јорданов, кој сакаше да знае зошто билатералните проблеми би се решиле полесно откако ќе започнат преговорите, ако не можат сега да се решат.

Османи исто така порача дека доколку не започнат преговорите во наредните недели, ќе настрада политичкиот ентузијазам, но не и европската заложба на Северна Македонија. – Затоа ни е потребно решение во наредните недели, под француско претседателство, повеќе од било кога има разбирање дека проширувањето е пред сѐ безбедносна политика, не е само прашање на кредибилитет, туку на консолидација на безбедноста во регионот и на континентот, порача Османи од Брисел.

Поддршка за европската перспектива на Северна Македонија изрази и премиерот на Бугарија Кирил Петков во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, додавајќи меѓутоа, дека е потребно прво да се решат одредени прашања, како што е почитување на правата на Бугарите во Северна Македонија со гаранции во Уставот, јави дописничката на МИА од Атина.

– Ние сме за европската перспектива на Северна Македонија, како и на Албанија. Но, постојат одредени работи што треба прво да се решат, како што е почитувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија, со гаранции во рамките на Уставот. Имаме план и многу добра комуникација со Владата на Северна Македонија и се надеваме дека брзо ќе одиме напред, рече бугарскиот премиер.

Во исто време, високиот претставник на ЕУ, во блог насловен „Време е да се оди напред во интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ“, по повод минатонеделните посети на Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина, наведе дека „иднината на Западен Балкан е јасна, во рамките на ЕУ“.

Тој истакнува дека им повторил на лидерите на Северна Македонија и Албанија дека двете земји ги исполниле сите обврски за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Борел ги повика сите земји во регионот да продолжат со блиската соработка со ЕУ за „Западен Балкан да биде мирен, стабилен и цврсто да оди на патот кон ЕУ“.

– Видовме надворешно мешање кое се обидува да ги дестабилизира нашите соседи и да ја ослабне Европската унија, особено преку подмолните и добро документирани кампањи за дезинформација на Русија, рече тој, додавајќи дека практичната помош за регионот и јасниот напредок кон интеграцијата во ЕУ се клучни за одржување на регионот цврсто да оди на патот кон Унијата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *