Мислам дека сега е критичниот момент ЕУ да се вклучи во регионот и да се испратат храбри пораки дека Западен Балкан има јасна европска перспектива, вели министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи во интервјуто за грчкиот информативен портал „iEidiseis“, направено на маргините на форумот во Анталија, јави дописничката на МИА од Атина.
Османи истакнува дека Скопје работи со Владата во Софија за изнаоѓање решение, објаснувајќи дека е создадена платформа „за враќање на довербата меѓу двете земји и за решавање на прашањата што ги попречуваат билатералните односи и особено европската перспектива на Северна Македонија“.
-Мислам дека сега е критичниот момент за ЕУ да се вклучи во регионот, бидејќи очигледно ова што се случува во Украина покажува дека Западен Балкан е една чувствителна точка во срцето на Европа и дека процесот на проширување на ЕУ во главно се смета за политика на безбедност. Затоа, мислам дека сите треба да се огласат и да се обидат да испратат храбри пораки до регионот дека овој регион има јасна европска перспектива, за да се спречат дополнителен пораст на национализмот во регионот, дополнителни поделби и можна ескалација. А претпоставувам, ова го разбираат Бугарите, истакнува шефот на дипломатијата.
Додава дека од наша страна „играме конструктивна улога во разговорите за да постои решение што ќе го турне регионот напред“.
За билатералните односи со Грција вели дека се развиваат и постои позитивна тенденција за зајакнување на политичките, а особено на економските односи меѓу двете земји и објаснува дека рамката поставена со Договорот од Преспа „се однесува на стратешкото партнерство“.
-Луѓето обично ја гледаат Преспа како договор за прашањето за името, но во реалноста, како што се навлегува подлабоко, гледаш повеќе членови за стратешкото партнерство за секторска соработка, за економското партнерство и сега треба да работиме на имплементација на овие одредби од Договорот од Преспа. Секако, партнерството добро напредува во рамките на НАТО. Грција го поддржува нашиот интегративен процес во ЕУ и тоа е многу важно за нас, а секако дека комуникацијата меѓу компаниите и секторските министри се интензивира и се надевам дека тоа ќе донесе конкретни проекти во корист на луѓето од двете страни на границите, вели Османи.
Во однос на трите меморандуми што сè уште не се ратификувани во Грција, шефот на дипломатијата истакнува дека „од наша страна, секако го охрабруваме грчкиот Парламент“ да ги ратификува, но додава дека „ја разбираме сложеноста на внатрешната динамика“ и потенцира дека двете страни остануваат во постојана комуникација за да го следат спроведувањето на обврските и од двете земји.