Грегорчиќ: Словенија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на патот кон ЕУ, тивката дипломатија ќе даде резултат на преговорите

Од Словенија имате постојана поддршка. Ве охрабруваме да ги вложите сите напори и да бидете активен учесник на патот кон ЕУ. Уверени сме дека тивката дипломатија ќе даде резултат на преговорите и оти што е можно поскоро Северна Македонија ќе биде дел од Унијата, порача претседателката на Комисијата за надворешна политика на Државниот збор на Словенија, Моника Грегорчиќ по средбата со нејзиниот македонски колега и домаќин претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски.

Грегорчиќ која ја предводи словенечката делегација во држвава, покрај изразената директна поддршка од Словенија за патот на земјава кон ЕУ, потсети дека Словенија лани претседаваше со Советот на ЕУ и една од нивните цели беше да се постави проширувањето високо на агендата на земјите членки на ЕУ, а Љубљана, вели, излезе со предлог за забрзување на процесот на проширување и во однос на актуелната украинска криза. 

-Важно е дека сите зборуваме со еден глас и ја осудуваме Русија за агресијата врз Украина. Словенија даде предлог да се забрза процесот на проширување на ЕУ со земјите кандидати, но во исто време да и се понуди на Украина една временска рамка во која Украина би станала членка на ЕУ. Сметаме дека ова ќе биде уважено и дека ќе се вложат сите напори за ова да стане реалност. Сите заедно како земји членки на Унијата мора да размислуваме за заедничка иднина, да размислуваме глобално, меѓутоа и да размислуваме во насока дека демократијата ќе владее со светот, рече Грегорчиќ.

Таа на новинарско прашање повтори дека треба да се забрза процесот на пристапување на државите од Западен Балкан во ЕУ со цел, како што рече, да се превенира други играчи да бидат во регионот.

-Веќе се случуваат промени на настаните на континентот и во светот и оттука сметаме дека ЕУ треба да премине од фактор на мека моќ во фактор на тврда моќ и да ги преземе сите мерки во таа насока. И пренесуваме недвосмислена порака на РСМ дека без разлика на изборите кои следуваат во Словенија во април, без разлика на опцијата која ќе победи на изборите поддршката од Словенија останува непроменета. Словенија ќе продолжи да ја поддржува С Македонија на патот кон ЕУ и тоа нема да се смени, подвлече Грегорчиќ.

Милошоски се заблагодари на континуираната поддршка за земјава да ги отпочне заслужените преговори за членство од 2009 година па наваму, и нагласи дека споделуваат заеднички ставови во однос на ситуацијата поврзана со руската инвазија врз Украина.

– Доколку Словенија ни беше земја сосед Македонија веќе ќе беше членка на ЕУ затоа што тие без разлика на која политичка партија припаѓаат имаат сериозна визија за обединета Европа. За жал, некои од соседите се уште не ја споделуваат таа визија. Но, се надеваме сепак дека Македонија ќе успее и со пријателите внатре во ЕУ да го добие она што го заслужува без какви било дополнителни пониожувања или уценувања, рече Милошоски.

Словенечката делегација предводена од претседателката на Комисијата за надворешна политика на Државниот збор на Словенија Грегорчич за време на посетата на земјава же има средби со претседателот на Собранието Талат Џафери, како и со членовите на Пратеничката група за соработка со словенечкиот Парламент.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *