МНР: Северна Македонија се приклучи кон новиот пакет рестриктивни мерки на ЕУ кон Русија

Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија денеска преку соопштение изрази најостра осуда за вчерашната одлука на официјален Кремљ со која се овозможи воена интервенција од страна на руските воени сили врз Украина и информира дека со одлука на Владата, земјата се приклучи кон новиот пакет на рестриктивни мерки на ЕУ кон Руската Федерација, а ќе почне да ги применува и мерките на Унијата од 2014 година.

Како што се наведува во соопштението, со неиспровоцираните и неоправдани воени акции, Русија грубо го крши меѓународното право, повелбата на ООН и принципите и заложбите на ОБСЕ, и со тоа ја поткопува европската безбедносна архитектура како и глобалната стабилност.

-Северна Македонија, во сојузништво со останатите НАТО земји – членки, се приклучува на повикот кон Русија веднаш да ги прекине непријателствата, да ја повлече војската од Украина и целосно да го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина. Ваквите дејствија неминовно ќе водат кон бројни човечки жртви, со далекусежни последици по светскиот мир, светската економија и развој, за што целосна одговорност ќе има Русија и официјална Москва. Со оглед на сериозноста на ситуацијата и длабочината на повредата на меѓународниот поредок заснован на правила, денеска, Северна Македонија направи политички исчекор со донесувањето на одлука да се приклучи кон новиот пакет на рестриктивни мерки на ЕУ во поглед на ситуацијата во Украина, со препорака за придружувањето кон сите одлуки на ЕУ за овој вид на рестриктивни мерки, стои во соопштението.

Исто така, на предлог на Министерството за надворешни работи, се посочува, Владата донесе одлука и за придружување на преостанатиот сет рестриктивни мерки од 2014 година, поврзани со досегашните санкции на ЕУ кон Руската Федерација, со што Република Северна Македонија во целост или 100 проценти ќе се прилагоди на Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.

-Овие одлуки се во согласност со Евроатлантската определба на земјава и се во согласност со нејзините стратешки и државни интереси, наведуваат од МНР.

Воедно, се наведува дека на сите државјани на Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства кои се наоѓаат во кризни региони во Украина и кои ќе побараат привремена заштита и сместување, а немаат свое сместување во Северна Македонија, Министерството за надворешни работи во координација со Министерството за труд и социјална политика ќе овозможи привремено сместување во капацитети кои ќе ги обезбеди државата.

-Апелираме граѓаните да ги следат официјалните информации од институциите со цел спречување на негативните ефекти од лажните вести и создавање паника во врска со безбедносната или економската состојба. Министерството за надворешни работи одблиску ги следи состојбите и е во постојан контакт со нашата Амбасада во Киев и ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес за заштита на нашите државјани во Украина, стои во соопштението од МНР.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *