Акредитацијата и евалуацијата на високото образование ќе бидат одвоени

Новиот закон за високото обрзование е готов и до крајот на месецов ќе биде ставен на ЕНЕР (електронски регистар на прописи ener.gov.mk), соопшти денеска министерката Рената Дескоска во воведното обраќање на регионалната конференција посветена на обезбедувањето квалитет во високото образование. Една од новините кои се предлагаат е измена во функционирањето на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, односно негово одделување во два органа.

Дескоска истакна дека МОН е задоволно од многу добиени предлози од различни институции – универзитети, студенти и од Професорскиот пленум и дека од сите нив произлегол опшст консензус – дека  Одборот за акредитација и евалуација онака како што е сега поставен не дава можност за да се посвети доволно внимание на процесот на евалуација односно мерење на квалитетот, туку повеќе е фокусиран на процесот на акредитација.

– Од сите предлози се филтрира предлогот дека Одборот за акредитација и евалуација треба да се подели на два дела – орган којшто ќе акредитира програми и орган којшто ќе ги евалуира тие програми. На тој начин обезбедувате и контрола на акредитираните програми. Текстот кој ќе биде ставен на јавна дебата ќе содржи два органа кои меѓу себе ќе се контролираат, но и ќе се надополнуваат – посебен орган за акредитација и посебен орган за евалуација на квалитетот на високото обрзование, рече министерката за образование и наука.

Нагласи дека едно од начелата на кои се темелат европските образовни системи за зголемување на квалитетот е почитување на автономијата на Универзитетот, која била прекршена од претходната власт со цел унапредување на квалитетот во високото образование.

– Подигнување на квалитет на сметка на упад во автономијата, всушност, не ги дава резултатите, за што бевме сведоци и во изминатиот период во Република Македонија, додаде Дескоска.

Претседателот на Одборот за акредитација и евалуација, академик Владо Камбовски, оцени дека многу институции во оваа област не ги исполнуваат основните законски услови за остварување високообразовна дејност.

– По мое лично милсење, потребно е ригорозно преиспитување на мрежата на високообразовни институции кај нас. Ние имаме 25 универзитети, имаме над 130 факултети, односно единици во универзитетите и, според нашите податоци, имаме околу 1500 студиски програми во рамките на тие 130 единици. Тоа е една невозможна ситуација. Разговорите со претставници на одбори за акредитација во други земји укажуваат дека ние сме западнале во некоја хипертрофирана мрежа на студиски програми. Само оваа година пред нашиот Одбор биле акредирани можеби 500 или 600 студиски програми, изјави Камбовски, кој проблемот го гледа особено кај приватните универзитети зашто, како што рече, неизводлива работа е мешањето на бизнисот и високото образование.

Според него, целата состојба е резултат на недоволно обмислена политика во високото образование која, рече, одела повеќе кон задоволување на политички и квантитативни критериуми, отколку во потрага на квалитет,

– Одеше кон масовен упис на студенти, но прашањето за квалитетот потполно е запоставено, рече Камбовски. На прашањето дали ова значи дека ќе има затворање на некои, одговори: – Ако ме прашате мене, јас уште утре би затворил повеќе од нив. Но нашиот Одбор не се занимава со тоа. Тоа е работа на Министерството за образование и наука и на инспекциите. Ние можеме да сугерираме низ анализите што ќе ги направиме, додаде Камбовски.

Соопшти дека имаат сериозна намера да почнат со, како што рече, ригорозна реакредитација на сите институции – и приватни, и државни, како и задолжителна екстерна евалуација. Од неисполентоста на условите ќе зависат и одлуките дали и кои универзитети ќе престанат да работат.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *