Д-Р МИЛЕ ТЕРЗИОВСКИ – ПОЗНАТ АВСТРАЛИСКО-МАКЕДОНСКИ НАУЧНИК
Проф. д-р Миле Терзиовски е роеден во село Градешница, Битолско на 31 октомври 1955 година. Тој е австралиски Македонец, или македонски Австралиец, со чие постигнување на полето на менаџментот се гордеат двете негови татковини. Тој заминал за Австралија како дете на единаесет години во 1966 година. Тој е од битолскиот крај, а половина век живее во Австралија, каде постигнал да биде доцент и извршен директор на Центарот за глобални иновации и претприемништво на Универзитетот во Мелбурн и декан на Факултетот за пост-дипломски студии во Перт, Западна Австралија.
Исто така, во текот на неговото 40-годишно професионално и академско искуство, д-р Терзиовски има напишано и уредено бројни академски и истражувачки трудови, а денес е почесен член на „Македонија 2025“
Д-р Миле Терзиовски е професор за иновации и декан на Факултетот за постдипломски студии на Универзитетот Картин (Curtin Graduate School of Business) во Перт, Западна Австралија. Тој е тесно поврзан со индустрискиот професионализам и има академско искуство во иноваторството и квалитетот на менаџментот. Д-р Терзиовски има напишано и уредено бројни академски и истражувачки трудови како во Журналот за стратешки менаџмент, Журналот за извршување на менаџментот, во Европскиот журнал за менаџмент, за што добил две писмени награди од Американската академија за менаџмент.
Пред тоа тој бил вработен во Центарот за глобални иновации и претприемништво на Универзитетот во Мелбурн (University of Melbourne) во период од 10 години, 4 години бил на Универзитетот Монаш (, Monash University) во Мелбурн и 17 години работел за Рио Тинто лимитед (Rio Tinto Ltd) како инженер на линија, а бил проект-менаџер.
Семејството Терзиовски заедно се собрало во градот Вулонгонг, кој се наоѓа во сојузната држава Нов Јужен Велс, кој со своите двесте и три-четириесет илјади жители е деветти град по големина во Австралија. Миле Терзиовски заминал за Австралија како дете на единаесет години, заедно со мајка му Ратка, во 1966 година, и се придружиле на својот татко Георги Терзиовски кој стасал на петтиот континент, уште во 1962 година.
Инаку, Булонгонг е градот кој кога човек патува од Сиднеј од кај високиот гребен на планината, како на дланка се гледа Вулонгонг со сите населби околу него, како и Тихиот Океан кој ја збогатува глетката со својата недогледна водена шир. Таа панорама, наликува како онаа кога се набљудува од Галичица над Трпејца, од каде се гледа сината езерска шир на Охридското Езеро и рамниот дел кон манастирот „Свети Наум“.
Затоа, не случајно Вулонгонг се збратимил со Охрид. Меѓутоа, тоа пријателство е повеќе како резултат што бројноста на македонското иселеништво во овој град и околните места потекнува претежно од Охридско-струшкиот и Битолско-преспанскиот Регион.
На просторот на Илавара постојат две македонски православни општини; „Свети Димитрија Солунски“ и „Свети Климент Охридски“. Првата црква е сместена во тесното градско подрачје на Вулонгонг, во близина на брегот на Тихиот Океан, а втората е во Пoрт Кембла.
Вулонгонг е градот на професор д-р Миле Терзиовски. Таму тој порасна, таму и во метрополата Сиднеј го доби своето образование, таму се запознал со неговата сопруга Лиле, која е по потекло од битолскиот крај, од Горно Ореово. Во Вулонгонг Миле ги започнал своите активности на полето на љубовта, на науката, на спортот, на иднината. Тој таму беше проект-менаџер на Македонскиот парк „Беркли“ за изградба на спортски комплекс, секретар на фудбалскиот тим Обединет фудбалски клуб на Вулонгонг и претседател на Одборот за промоција на фудбалот во Вулонгонг во лигата на Нов Јужен Велс.
Професор д-р Миле Терзиовски живее, работи и твори во Австралија, а во исто време е тесно поврзан со родната Македонија, и на различни начини дава голем придонес. Тоа го прави бидејќи неговите корени во Република Македонија, се во битолскиот крај, во село Граешница, во општина Битрица, Битолско, во кое тој се родил на 31 октомври 1955 година. Таму, во училиштето од прво до четврто одделение ги поставил и ги зацврстил неговите темели во образованието, за денес во светот да биде познат и признат како голем стручњак.
Миле Терзиовски потекнува од битолскиот крај кој е своевиден паметник на времето и настаните низ изминатото столетие и го заплиснува) чистиот воздух кој доаѓа од Баба Планина. Веднаш на излезот од Железничката станица по еден пат на југ се оди кон Хераклеа, а понатамо десно еден крак води кон Буково, Крстоар, Бистрица, Граешница, ноговото родно место кое е мало потпелистерско село, кое според пописот во 1994 година имало 216 жители, од каде се продолжува кон леринските села и граничниот премин Меџитлија, за да се продолжи кон Лерин, Костур, Воден и Солун.
Инаку, Хераклеа Линкенстис е македонска убавица, еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија. Се наоѓа на јужната периферија на градот Битола, во подножјето на планината Баба, на патот од Битола кон Крстоар. Хераклеа била градска населба од старомакедонско време до средниот век.
Основана е кон средината на IV век пред н.е. од страна на кралот Филип II Македонски, како важен стратегиски пункт. Од повеќе причини, остатоците од материјалната култура од старомакедонската фаза на животот археолошки не се доволно истражени. Експертите велат дека мал простор од богатата античка реткост е на светлината на денот и мамка за илјадниците туристи кои катадневно го посетуваат овој исклучително вреден и зачуван град на вековите.
Инаку, Хераклеја Линкестис името го добила според Херакле, митскиот јунак и родоначалник на македонската кралска династија Аргеади, додека епитетот Линкестис со значење „Линкестидска”, доаѓа од називот на регионот Линкестида во кој се наоѓал градот, а во кој живеело древното македонско племе Линкестиди.
Овој многу значаен македонски археолошки локалитет е сместен во плодната рамнина, од север е заштитена од планината Баба, односно ридот Тумбе Кафе и реката Сива Вода на југ, Хераклеја опстојала и се развила во една значајна раскрсница на патот Виа Игнација кој ги поврзувал Драч и Босфорот.
Според пишаните извори, по освојувањето на Линкестида, Филип II Македонски подигнал тврдина (веројатно Хераклеја) преку која можел да контролира дел од кралството. Исто така постои податок според кој во почетокот на II век пр. н.е., за време на војните со Римјаните, македонскиот крал Филип V изградил неколку тврдини во пограничните области за да ја осигура границата на кралството.
По победата на Римјаните и поделбата на Македонското кралство на четири области (мериди), Хераклеја влегла во составот на четвртата мерида. Највисок степен на цивилизациски развој во време на римското владеење градот доживеал во првите векови на новата ера, кога добива статус на колонија. Во тој период Хераклеја станува силен економско-политички центар со свој постојан римски намесник и со своја римска војска. Сето тоа се одразило врз изгледот на градот, така што во голема мерка била застапена римската архитектура, иако традиционалните влијанија и историските придобивки сè уште давале свој белег на градот.
Во 473 година, при продорот кон југ, Готите ја освоиле и Хераклеја. И уништиле голем дел од градот. Но, не е утврден точниот обем на уништувањето. Во текот на VI век градот повторно бил нападнат од варварите и при крајот на VI век животот во Хераклеја дефинитивно замира, но остана да трае нејзината посебност и вредност.
Ете, тоа е крајот од каде потекнува професор д-р Миле Терзиовски кој е човек со немирен дух. Сака нови места, нови перспективи за неговата подобра иднина. Така, од битолскиот крај се доселил во Вулонгонг, а во 1988 година се преселил од Вулонгонг во метрополата Мелбурн, каде свил ново гнездо на тие демократски мултикултурни простори.
Мелбурн е градот на иднината на професор д-р Миле Терзиовски. Таму тој 17 години работел за фирмата Рио Тинто лимитед (Rio Tinto Ltd) како инженер на линија, а бил проект-менаџер. Исто така, бил вработен во Центарот за глобални иновации и претприемништво на Универзитетот во Мелбурн (University of Melbourne) во период од 10 години, како и 4 години бил професор на Универзитетот Монаш (Monash University) во Мелбурн.
Со напуштањето на фирмата Рио Тинто лимитед во 1991 година, решил да се посвети на науката, на иднината. Така, во ноември 1991 година, ја формирал фирмата Interlink Management Consultants Pty Ltd, која сé уште постои. Во периодот од 1994 до 1997 година се запишал на постдипломски студии и докторирал на Мелбурн бизнис центарот.
Во тој период Миле Терзиовски е активен и почитуван во македонската заедница во Мелбурн. Тогаш и авторот на овие редови Славе Катин се сретна со Миле Терзиовски во оваа метропола. Во периодот од 1994 до 1998 година, тој беше претседател на Советот на македонската заедница, со што остави силен впечаток во одбраната на македонската вистина на петтиот континент.
Така, меѓу другото, во 1994 година Советот беше организатор на најголемите демонстрации што досега се одржале во Мелбурн. Тие беа организирани против Владата на Паул Китинг (Paul Keating), која, под притисок на грчкото лоби ја преименува македонската заедница во „славомакедонска“.
Исто така, Советот на македонската заедница, заедно со Комитетот за човекови права и Македонското училишно друштво презедоа акција против Владата на Викторија во преименувањето на македонскиот јазик во „славомакедонски јазик“. Притоа, Врховниот суд на Австралија ја отфрли директивата.
Професор д-р Миле Терзиовски денес е декан на „Куртин Бизнис Школата“ од Перт, Западна Австралија. Тој патува по светот и држи предавања во врска со менаџментот на студентите и постдипломците. Меѓу другото, тој беше поканет од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов да учествува со свое предавање за членовите на „Школата за млади лидери“ што се одржа во Охрид во август 2015 година, која ја прифати и учествуваше со свои предавања.
Во врска со неговото присуство на оваа средба тој, меѓу другото изјави: „Прво, би сакал да ја изразам мојата благодарност до претседателот на Република Македонија затоа што ме покани да учествувам на Меѓународната школа на млади лидери. Како професор по иновации и декан на Куртин факултетот за бизнис во Перт, Западна Австралија, можам да кажам дека школата за млади лидери ми остави силен впечаток. Калибарот на интернационални лидери кои ги поканил претседателот Иванов покажуваат голема интердисциплинарност на школата. Моите впечатоци од двете предавања се позитивни.
Најимпресиониран сум од нивото на говорење на англиски јазик кое го имаат студентите и нивниот ентузијазам да учат и дискутираат на важни прашања за иновациите и претприемништвото кое е иднина на Македонија“, рече професор д-р Миле Терзиовски.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН