Заев, Вучиќ и Рама денеска и утре во Тирана на „Отворен Балкан“, потпишување на шест договори

Премиерот Зоран Заев денеска и утре ќе престојува во Тирана каде заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, во рамки на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, ќе бидат потпишани шест договори за соработка, меѓу кои и Договорот за услови за слободен пристап на пазарот на трудот, јави дописникот на МИА од Белград.

Заев денеска на заедничка вечера во Тирана ќе има неформална средба со Рама и Вучиќ, а за утре се планирани неколку средби, соопштија од Претседателството на Србија.

Во вторник, во Палатата на бригадите во Тирана ќе се одржи средба на тројцата лидери и членови на делегациите со претставници на Атлантскиот совет, на која ќе се разговара за Стратешкиот план за Отворен Балкан 2022 година. Потоа ќе следи церемонијата на потпишување трилатерални и билатерални договори, а ќе се одржи и Регионален форум за земјоделство и регионална соработка на кој ќе присуствуваат министри за земјоделство и рурален развој, ректори на универзитети и претставници од стопанските комори.

На крајот, лидерската тројка, премиерите Заев и Рама, и претседателот Вучиќ ќе одржат заедничка прес-конференција.

Во Тирана ќе бидат потпишани шест договори. Заев, Рама и Вучиќ ќе потпишат заеднички договор за услови за слободен пристап на пазарот на труд во Западен Балкан, како и договор за поврзување на шемите за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.

Потоа, министрите за земјоделство Фрида Крифца, Бранислав Недимовиќ и заменик министерот Трајан Димковски ќе го потпишат Договорот за соработка во областа на ветеринарството, фитосанитарната и безбедноста на храната и животните на Западен Балкан.

Исто така, се планира потпишување и на Договорот меѓу Владата на Северна Македонија и Советот на министри на Албанија за взаемно признавање на одобрените овластени деловни субјекти за сигурност и безбедност (ОEOС), како и Договорот меѓу Владата на Србија и Советот на министри на Албанија за заемно признавање на одобрените овласти деловни субјекти (ОЕОС).

Во Тирана ќе биде потпишан и договор за соработка меѓу акредитационите тела на Западен Балкан.

Кога станува збор за формирање единствен пазар на труд, договорот би значел дека работната дозвола издадена во која било од овие три земји ќе важи за сите членки на иницијативата, Северна Македонија и Албанија и Србија.

Владата на Северна Македонија во петокот донесе повеќе одлуки и заклучоци кои се однесуваат на договорите и меморандумите што треба да бидат потпишани на претстојната сесија на иницијативата Отворен Балкан, а коишто се однесуваат на отварање на можноста за пристап до пазарот на труд во трите земји, како и на соработката на царинските и фитосанитарните управи на овие земји.

Утврден е текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, со кој се врши доуредување на одредбите кои го дефинираат местото на прометот на услуги, се воведува терминот даночен застапник со цел странските лица кои вршат промет на добра и услуги во нашата земја да можат да го пресметаат и платат данокот на додадена вредност на даночниот орган, со цел ефикасна примена на придобивките од заеднички царински контроли.

На седница на Владата е утврден и текстот на Спогодбата меѓу трите земји за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика, со кој ќе се олесни трговијата со живи животни, храна и добиточна храна од животинско, неживотинско и мешано потекло, растенија, растителни производи и други објекти и предмети.

Владата го усвои и Извештајот за усогласениот текст на Спогодбата меѓу Владата на Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за взаемно признавање на одобренија за Овластен економски оператор за безбедност и сигурност (ОЕОС). Преку спогодбата се добиваат повеќе придобивки како што се: полесен пристап до поедноставените царински постапки, приоритетен третман при спроведување на царинските контроли, намален број на физички и документарни контроли од царинските органи, избор на местото за контрола како и други директни и индиректни поволности. Сето ова треба да придонесе за намалување на времето на царинските постапки за стоките, намалување на трошоците за увоз и извоз, зголемување на конкурентноста и поголема интеграција на македонските компании на националниот, регионалните и европските пазари.

Слични вакви одлуки донесоа и владите на Србија и Албанија, како резултат на состанокот во Ниш во ноември на кој делегации од повеќе министерства на трите држави ги усогласуваа правните рамки за договорите кои треба да бидат потпишани во Тирана.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, во пресрет на Самитот во Тирана испратија отворено писмо за Западен Балкан, во кое ги поканија другите земји од регионот да се приклучат на иницијативата.

-Желбата на нашиот народ да биде прифатен од членките на ЕУ повторно и повторно беше попречена од внатрешните политики на земјите-членки, неисполнување на дадените ветувања и стравот од иднината. Тоа резултираше со разочарување, нестабилност, иселување и недостаток на големи инвестиции, се наведува во отвореното писмо.

Ние, како лидери на нашите земји, се додава во писмото, можеме да одлучиме да се жалиме на тоа, или можеме да одлучиме да направиме нешто во врска со тоа. Ние го избравме второто. Во ноември 2019 година потпишавме прелиминарен договор за стимулирање на таканаречениот Берлински процес, така што во свои раце ја презедовме подлабоката регионална соработка.

Тројцата државници посочуваат дека нивната визија е да се надминат социјалните, економските и трговските бариери кои го забавуваат економскиот раст во целиот регион, со имплементација на четирите европски слободи во трите земји.

На претходните состаноци на Отворен Балкан, во Скопје во јули годинава и во ноември во Белград, беше објавено дека целта е од јануари 2023 година да се укинат границите за трите земји кога станува збор за слободно движење на луѓе, стоки, капитал и услуги, како и од 2022 година да стапи на сила единствената работна дозвола.

На средбата во Скопје, кога неформалното име „Мал Шенген“ беше сменето во „Отворен Балкан“, беа потпишани три документи – Договор за соработка во заштитата од катастрофи на Западен Балкан, Меморандум за разбирање за соработка во олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки на ЗБ и Меморандум за разбирање за слободен пристап до пазарот на трудот на ЗБ.

На 10 октомври 2019 година, Вучиќ, заедно со Рама и македонскиот премиер Заев, во Нови Сад ја покренаа иницијатива која неформално беше наречена „Мал Шенген“.

 

One thought on “Заев, Вучиќ и Рама денеска и утре во Тирана на „Отворен Балкан“, потпишување на шест договори

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *