АЛЕКСАНДАР III МАКЕДОНСКИ (ВЕЛИКИ)

Откако темелно ја преиспитал ситуацијата, Александар забележал дека најдобрата персиска коњица стои на врвот на стрмниот речен брег, висок осум стапки. Од таа позиција би било тешко да се изврши еден јуриш со коњица. Наспроти советот на Парменио да се повлечат таа вечер и да нападнат наредното утро, Александар ја искористил ситуацијата и наредил напад со изненадување.

Битката кај реката Граник започнала со звукот на трубите и со заплашувачкиот воен крик на Александар и неговите Македонци. Неговите луѓе брзо си ги заземале своите позиции, додека коњаниците на Александар јуришале низ надојдената вода и нагрвавиле на косиот брег, жестоко вовлекувајќи ја во борба персиската коњица. Неговата пешадиска фаланга, која дотогаш била навикната да формира борбен ред во движење, маневрирала во еден кос борбен распоред и се позиционирала да го следи истиот пат.

Додека предните борбени редови на војската воделе борби, Александар и неговите компањони јавале напред, назад и  назад зад редовите, барајќи слабост и за да го збунат непријателот. Неколку мига по отпочнувањето на битката, повеќето од персиските коњаници биле пригмечени од македонската фаланга, додека двете војски очајнички се труделе да направат пробив напред.

Персијците очекувале Александар да нападне на крајната лева страна каде што теренот бил најлесен за пробивање. Најискусните платеници на Мемнон биле поставени таму, во тесни колони во близината и им наредил да лежат додека чекаат. Но, наместо да го стори она што тие очекувале, Александар зазел одбранбен став и ја нападнал позицијата со лесна пешадија и неколку коњаници, токму доволно луѓе да ги држат под контрола платениците.

1al3212

Како што битката се разгорувала на сите фронтови, така и самиот Александар се вклучил во неа и убил неколку персиски благородници, а меѓу нив бил и зетот на Дариј, големиот крал. Додека Александар му задавал смртоносни удари на кралскиот зет, за малку и тој ќе бил убиен. Светот немаше да биде ист, ако не дошол Клеит /Cleitus/ да го спаси.

Како што фалангата успевала да ја потиснува персиската коњица, коњаниците на Александар јуришале во центарот и направиле дупка токму низ непријателската формација. Непријателот почнал да бега, а македонската коњица тргнала во потера по него, оставајќи многу мртви зад себе. Штом Македонците им се приближиле за да ги убијат, веднаш биле нападнати одзади, од страна на платениците на градовите-држави кои дотогаш лежеле и чекале.

Александар ја свртел својата фаланга и наредил фронтален напад, а на неговата коњица и останало да ги среди крилата. За само неколку минути, елитните платеници на градовите-држави биле уништени, со само 2.000 преживеани од вкупно 20.000 платеници. Со тоа што се жртвувале себе си, платениците на градовите-држави ја спасиле персиската коњица. Пред да настапи ноќта, за само неколку часа, во еден светол ден во мај 334 година пред Христа, Македонците постигнале величествена победа.

Наредниот ден, сите мртви, вклучувајќи ги и Персијците, биле закопани со почести. Посебно внимание и нега им биле дадени на ранетите и лично Александар го посетил секој од  нив. Во споредба со непријателот, македонските загуби биле безначајни, сведувајќи се само на неколку стотици. Набрзо по битката кај Граник, Александар организирал администрација за да раководи со неговите земји “добиени со неговото копје”.

Наместо да ги инкорпорира тие земји како дел од едно поголемо македонско кралство, Александар направил нешто неочекувано и назначил Македонец за намесник. Тоа значи дека Александар ги оставил негибнати старата персиска влада и начинот на владеење. Тој само го заменил врховниот персиски чиновник (намесник) со Македонец. Негови единствени барања биле Персијците да му го платат она што требало да му се плаќа на големиот крал. Освен што ги земал даноците, Александар во своја сопственост ги земал и земјиштата што биле под круната на големиот крал.

Идејата на Александар тој лично да го замени големиот крал наместо да ги инкорпорира освоените земји во една “Поголема Македонија”, имала свои вредности. Откако виделе дека никаква штета не им е направена на нивните соседи, другите делови на Мала Азија почнале мирно да се предаваат. Кога Александар дошол во Сардис /Sardis/, град во Лидија, народот се предал без борба, доверувајќи му го на Александар градското богатство, намесништвата и тврдината.

1al3214Сардиското Езеро

За возврат, Александар ги ослободил Лиѓаните од персиското владеење и им ја вратил назад нивната стара култура, закони и начин на живеење. Тој, исто така, го заменил персискиот намесник со Македонец. Таму, Александар повоторно го демонстрирал своето почитување кон другите култури, одлучувајќи да ослободува наместо да поробува.

Откако ја увидел големината на Азија, Александар брзо сфатил дека никогаш не ќе може да држи толку голема територија со копје. Тоа предвидување, заедно со македонските вредности всадени во него (да ги почитува луѓето од сите класи и од сите култури), направило Александар да стане ослободител и бранител на угнетените нации. Неговите освојувања се претвориле во мисија на ослободување, а не на поробување.

Ако треба Александар да се оцени за своите дела, тогаш треба да се оцени за сите дела, а не само за неговите освојувања и вродените генијални способности. Александар бил искусен политичар, со визија да ги обедини сите нации од светот заедно како рамноправни во еден демократски систем (во модерна смисла).

Освен неговите политички квалитети, Александар имал голем интерес и за културата и за природните науки. Секаде каде што одел, градел градови, библиотеки, културни центри, музеи и многу други чуда. Слушал поезија и комедија, учествувал во дебати. Среќавал многу луѓе со различни интереси, а луѓето на чии достигнувања најмногу им се восхитувал, ги праќал во Македонија за да можат Македонците да уживаат. Им наложил на своите научници по природни науки да ги проучуваат и да ги документираат флората, фауната и рудните богатства на тој нов свет. Методите и знаењата научени тогаш се уште се применуваат и денес.

Ги украсил сите градини на Македонија, вклучувајќи ги оние во Пела, со растенија кои даваат најубави овошја и цветови што Азија имала да ги понуди. Каде и да одел, го подучувал локалното население за културата, уметничките вештини и природната медицина. Како што Мајкл Вуд /Michael Wood/ открил во “По стапките на Александар Велики”, овие подароци што Александар им ги дал на азиските народи, се паметат до ден-денес. Како што продолжувал да ги ослободува азиските народи од персиската доминација, така Александар бил дочекуван со радост и величен како ослободител.

Откако постигнал успешна и важна победа во битката кај Граник, Александар тргнал кон југ, наидувајќи на мал или никаков отпор, се додека не стигнал во Милет и Халикарнас каде што нашол голем број платеници на градовите-држави. Персискиот командант во Милет бил подготвен да го предаде својот град, но убеден дека персиската флота доаѓа, пружил отпор. Пред персиската флота да има можност да влезе во пристаништето,

Александровата морнарица интервенирала и го затворила устието на пристаништето. Без помошта од персиската флота, одбранбената војска на градот не била дорасната на Александровите машини за опсада. Александар го освоил градот со јуриш, но не му наштетил на населението.

Во еден неочекуван пресврт на настаните, по битката во Милет, Александар ја распуштил својата флота. Иако  неговите бродови му помогнале во текот на битката, Александар, сепак, решил да ги распушти, задржувајќи само дваесет атински бродови како заложници.

Во тоа време немало очигледна причина за тоа, но, како што ќе видиме подоцна, тој го сторил тоа за да ги спаси. Бидејќи немал воено-поморска моќ доволно силна за да и’ се спротивстави на моќната персиска флота и да победи, тогаш зошто да ги троши своите бродови? Исто така, не им верувал на военопоморските сили на градовите-држави зад него, бидејќи тие, исто така, во момент на слабост, можеле да се свртат против него и да му го отсечат повлекувањето и линиите за снабдување. Што се однесува до уништувањето на моќната персиска флота, Александар имал поинаков план.

Продолжува

Пишуваат:

1slave5 РИСТО СТЕФОВ И

1slave 3 СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *